- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Сингапурски активист е осуден на 16 дена затвор заради-видео повик со младинскиот лидер од Хонг Конг, Џошуа Вонг

Категории: Источна Азија, Сингапур, Граѓански медиуми, Дигитален активизам, Закон, Протест, Слобода на говор, Човекови права
[1]

Џолован Вам, фотографија преземена од „Твитер“.

Написот кој следува првично е напишан од Холмс Чан и објавен на „Хонг Конг фри прес“ на 21 февруари 2019 [1]. Уредената верзија е реобјавена на „Глобал војсис“ со партнерски договор за споделување содржини.

Сингапурскиот активист Џолован Вам доби затворска казна од 16 дена затоа што одби да плати парична казна за јавен говор кој тој го организираше преку „Скајп“ со активистот за демократија од Хонг Конг, Џошуа Вонг, во 2016 година. Тој е ослобен со кауција и има поднесено жалба за пресудата.

Вам е активист [2] познат по неговите кампањи за промиција на правата на работниците-мигранти, слободата на изразување во Сингапур и реформите на законите за притвор и смртната казна во државата.

Во јануари 2019, Вам беше осуден за нелегален собир [3] за форум кој тој го организираше во ноември 2016, на тема „граѓанска непослушност и општествени движења“, на кој присуствуваше и Џошуа Вонг и локални медиумски активисти. На Вам му било пренесено од полицијата дека му треба дозвола за Вонг да зборува на форумот, но тој продолжил да го организира настанот и без истата.

На 21 февруари, судот го казни Вам со 2000 сингапурски долари (околу 1476 американски долари) за организирање јавен собир без дозвола од полицијата. Тој исто така доби и казна од 1200 сингапурски долари (околу 886 американски долари) за непотпишување на полициска изјава.

Медиумите во Сингапур известија [4] дека Вам одбрал да не ја плати казната и дека судот му изрекол затворска казна во времетраење од 16 дена поради неплаќањето на казната. Освен нелегалниот собир, Вам исто така беше обвинет за одбивање да ја потпише неговата полициска изјава. Тој изјави дека во тоа време одбрал да не ја потпише бидејќи не му била дадена копија од изјавата.

Вам има намера да се жали за одлуката на судијата. Како што известуваат [5] медиумите, тој сега е пуштен на слобода со кауција од 8000 сингапурски долари (околу 5906 американски долари).

Форумот за кој станува збор беше организиран од страна на „Комјунити екшн нетворк“, невладина група која работи на полето на слободата на изразување во овој град-држава. Според Вам, полицијата му соопштила дека било задолжително да се добие дозвола за работа и дозвола од полицијата доколку кој било од учесниците на форумот не е од Сингапур – дури и ако се обратат преку видео линк.

По настанот, Вам бил испрашуван од полицијата [6] цели 45 минути. Конечно, тој бил обвинет во ноември 2017 [7], но случајот не се нашол пред судија сè до јануари 2019.

Џошуа Вонг за „Хонг Конг фри прес“ изјави дека судењето на Вам претставува „срам и страшна неправда“, и дека тој длабоко жали за пресудата.

Jolovan generously invited me to share and exchange my experience in Hong Kong’s fight for freedom and justice with the Singaporean community – the irony is not missed here that Jolovan has become a subject of injustice as a result.

I’d like to express my respect and admiration for Jolovan’s perseverance of his values, and my wish for the Singaporean people to one day be able to enjoy true freedom and democracy.

Џолован срдечно ме покани да ги споделам моите и да разменам искуства околу борбата за слободата и правда во Хонг Конг, со сингапурската заедница – иронијата тука не помина незабележано со тоа што самиот Џолован стана мета на неправда.

Сакам да изразам почит и восхит за упорноста на Џолован во зачувувањето на неговите вредности и мојата желба за луѓето во Сингапур е еден ден да може да уживаат во вистинска слобода и демократија.

„Развлекување на законот“

Сингапурската новинарка и соработничка со „Глобал војсис“, Кирстен Хан, која исто така беше говореше на форумот на Вам, ја осуди пресудата како „срамна“.

[The forum] posed no threat to public order whatsoever, and the stretching of the law to declare a forum illegal simply because a non-Singaporean Skyped in shows how broad Singapore’s public order laws are, and how they can be used to restrict Singaporean’s civil liberties…There’s no sentence that I’d consider fair, because he should never have been charged.

[Форумот] не претставуваше никаква закана за јавниот ред и мир, а со тоа што законот буквално се развлекува со цел да се оцени форумот како нелегален само заради тоа што учесник кој не е жител на Сингапур зборуваше преку „Скајп“ покажува колку се општи законите за јавен ред и мир во Сингапур и како тие може да се користат за ограничување на граѓанските слободи на граѓаните на Сингапур… Нема казна која би ја сметала за фер, бидејќи тој не требаше воопшто да биде обвинет.

Хан исто така не се согласува со тврдењата на обвинителството во врска со самиот настан. Според „Чанел њуз ејжа“, обвинителството тврдело [8] во суд дека „илјадници“ биле поканети на форумот и дека 366 луѓе покажале интерес за да присуствуваат.

Сепак, Хан вели дека на настанот имало нешто над 60 присутни и дека бил „прилично стандарден“. „Просторот и онака не беше доволно голем“, додава таа.