Деца од египетскиот Ел Махала Ел Кумбра се снимале како „колат“ други деца со дрвени стапчиња во стилот на ИСИС. Видеото покренува многу прашања за последиците од споделувањето на ужасни видеа во кои детално се прикажани злосторите на терористичките групи, особено кај децата.
ИСИС, кој моментално контролира огромни површини земја во Сирија и Ирак, со голема гордост објавува видеа од обезглавувањето на нивните заробеници. И покрај постојаната борба нивната пропаганда да биде отстранета од Интернет, многумина продолжуваат да ги споделуваат видеата, без да ја проценат штетата која тие може да ја нанесат на гледачите.
Видеото од Ел Махала Ел Кубра е најверојатно направено откако милитантната група „ИСИС во Либија“ обезглави 21 египетски коптски христијански работници кои беа заробени во Либија пред еден месец. На 15 февруари, терористите објавија грозоморно и крваво видео на Јутјуб кое го прикажува обезглавувањето на заложниците. Ова предизвика немири во Египет, кои резултираа со бомбирањето на територии на ИСИС во Либија.
Ел Малаха Ал Кубра е индустриско-земјоделски град во Египет, лоциран на средината на делтата на Нил на западниот брег на Дамиета и е дом на околу половина милион луѓе.
Египетскиот блогер Шокеир на Твитер споделува фотографија од видеото на децата со своите 44 илјади „следбеници“ и вели:
العيال في المحلة بيلعبوا .. داعش pic.twitter.com/dXu6jchFKx
— Ahmed Shokeir (@Shokeir) February 20, 2015
Децата во Малаха си играат … (ИСИС)
Овој твит беше споделен повеќе од 150 пати.
Тамер Абдо Амир го објави видеото, гледано од 86 илјади луѓе со следниов коментар
قابل يا عم .. آدى تأثير فيديوهات داعش على مجموعة أطفال من المحلة الكبرى .. ذات مومنت لما العيال ف مصر تلعب داعش :))
Гледајте го ова! Ова е влијанието на видеата на ИСИС врз децата од Ал Махала Ал Кубра. Моментот кога децата во Египет си играат ИСИС.
Детето во видеото ги претставува ИСИС како борци без приврзаност кон било која религија или нација, пред да им нареди на своите луѓе да ги заколат другите деца. Тој вели:
Ние немаме ни религија, ни нација. Ние убиваме деца, жени и старци. Одлучивме да го сториме следново: да ја убиеме целата младина на градот (без звук). Заколете ги!
На Фејсбук, египетскиот новинар Мохамед Ел Дахшан, ја разгледува темата, присетувајќи се на време во кое децата беа само… деца:
Имаше едно време кога децата во Египет, како и сите други деца, си играа полицајци и крадци. Полицајците секогаш победуваа. Тоа правеше да се насмевнам. Природен тек на настаните, си мислев. Но, после 2011 децата почнаа да си играат полицајци и демонстранти. Еден полицаец ќе „убие“ (знаете, пау пау пау) еден од демонстрантите, што ќе го изреволтира демонстрантот и тој ќе почне да ги брка децата-полицајци. И ова правеше да се насмевнам – бидејќи беше смешно, но сепак беше многу тажно бидејќи децата не треба да размислуваат за бруталноста на полицијата.
Вечерва го видов видеово од деца како си играат ИСИС, каде првото дете одржува краток говор (притоа зборувајќи арапски подобро од министерот за надворешни работи, но да не забегуваме од темата), а потоа им наредува на своите придружници да ги заколат двајцата „заложници“.
А тоа не е игра која може да има среќен крај.
Никој не победува.
Одамна немам видено нешто волку тажно.
Коментарите на овој пост беа од типот на „вознемирувачко“ и „грешка на еволуцијата“.
Без сомневање видеата од злосторите на ИСИС оставаат трага врз возрасните, но што предизвикуваат тие кај нашите деца? Дали децата било кога би требало да гледаат видеа на ИСИС?