- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Македонска НВО ја разви првата апликација за Aндроид и iOS за борба против говор на омраза

Категории: Источна и Централна Европа, Македонија, Граѓански медиуми, Дигитален активизам, Најважни вести, Слобода на говор, Човекови права

Фондацијата Метаморфозис [1] од Македонија ја разви првата мобилна апликација – апликација против говорот на омраза, со цел да ги донесе информациите од оваа област до врвовите на прстите на корисниците на мобилните телефони и да им помогне во борбата против оваа грозоморна појава на интернет.

Апликацијата, достапна за бесплатно преземање за корисниците на Андроид [2] и iOS [3], изработена е со цел поефикасно спротивставување на говорот на омраза, овозможувајќи пристап до најновите вести од оваа област, образовни и стручни ресурси, меѓу кои е и библиотеката со е-книги, интерактивни упатства за разните можности за пријавување на говорот на омраза, како и учество на настаните поврзани со борбата против говорот на омраза преку интегриран календар.

Апликацијата [4], именувана „Не мрази“, која e прва апликација од тој вид за паметни мобилни телефони во светот, е достапна во моментов само на македонски и албански јазик, додека нејзините креатори планираат да ја развијат истата на повеќе јазици и пазари во блиската иднина.