Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме дветските граѓански приказни достапни за сите

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Приватност наспрема слободен говор? Испитување на конфликтот

Cartoon by Doaa Eladl via Flickr, Web We Want ( CC BY-SA 2.0)

Карикатура на Доа Еладл преку Фликр. Web We Want (интернет мрежа каква што сакаме) ( CC BY-SA 2.0)

„Цензурата не е важна. Проблемот е во надгледувањето.” Ова беше четвртата средба на арапски блогери, која се оддржа во Аман во јануари 2014 – една од највозбудливите средби на која некогаш сум присуствувал. Бев против овој предлог, тврдејќи дека цензурата е важна и секогаш ќе биде, бидејќи го прекршува нашето основно право на слободен говор. Но, истакнав исто така дека со надгледувањето се прекршува едно друго основно право – правото на приватност.

Во текот на сите овие години додека работев како новинар, истражувач на медиуми и активист, видов како многумина од моите колеги сметаат дека постои дихотомија меѓу приватноста и слободниот говор. Но, ова често води во ќорсокак. Овие вредности може, и треба да постојат, без притоа со едната да се исклучува другата. Но, повремено може да дојде до конфликт меѓу овие две права.

Приватноста и слободниот говор се само две од многуте основни човекови права, вклучувајќи ги и правото на образование, правото на сигурност, правото на мир, правото на вероисповед итн.

Eден типичен пример се сензационалните приказни каде што папараците го злоупотребуваат сопственото право на говор, објавувајќи разголени фотографии на политичарите во спалните соби. Во случајов, правото на приватност е нарушено преку слободниот говор. На сличен начин може да се расправа и дека штитејќи ја приватноста (и сигурноста), правото на слободен говор е ставено во втор план. Ова се потврди со криењето на клучните информации од програмата за надзор на NSA (Националната безбедносна агенција) – информации кои се сметаа за државна тајна заради наводната улога што ја имаат во заштитата на националната безбедност.

Но, она на што најчесто наидувам е дека надгледувањето станува еден вид цензура. При користење на CCTV (затворен систем на видео камери) за надзор на корисничките активности на интернет во интернет-кафулињата, корисниците може да се цензурираат себеси, со цел да бидат сигурни дека нема да западнат во неволја. Со ова нарушување на нивната приватност директно се прекршува и нивното право на слободен говор.

Најпоразително за мене беше тоа што ми беше одземено правото да ги искажам своите ставови. Тоа се случи кога во 2008 властите на Јемен ја цензурираа мојата веб-страница YemenPortal.net. Ужасно е чувството кога ќе ти скратат едно основно право. Знаев дека сум еден од милион други луѓе во Јемен и воопшто во арапскиот свет, чии права на слободен говор биле прекршени преку цензура.

За оние од западниот свет каде што слободата на говор е заштитена и се гарантира со устав, со што во голема мера се спречува законите да го ускратуваат правото на слободен говор, цензурата не е толку честа, па можеби надгледувањето претставува приоритет. Но, ние кои живееме во арапскиот свет, сè уште се бориме да се чуе нашиот глас. Не ми се верува дека целата борба од слободниот говор сега премина во областа на надгледувањето. Иако е ова можеби случај каде што цензурата е ограничена или пак непостоечка, сигурно не се однесува на голем број на земји каде што постои апсолутна власт.

Приватноста и слободата на говорот се само две од многуте основни човекови права, вклучувајќи ги и правото на образование, правото на сигурност, правото на мир, правото на вероисповед итн. Ако погледнеме наназад, ќе видиме дека најчесто правото на слободен говор доаѓа пред правото на приватност. Како друштвено суштество, човекот е зависен од потребата за комуникација, од потребата да размени мислења со другите, со цел да преживее и напредува. Потребата за комуникација и размена на мислења постои од памтивек, но потребата од приватност е релативно нова. Но и покрај тоа, со порастот на населението, истата сè повеќе се прифаќа.

Неприродно е некој да сака да има потполна приватност наместо да сака да е во можност слободно да зборува. Неоправдана е идејата дека слободниот говор и не е така важен сè додека е заштитена приватноста. Во крајна линија, доколку се најдам во некоја затворска ќелија во некоја напуштена област, би ја имал сета потребна приватност, но не би можел на светот да му кажам што мислам. Се раѓаме слободни, со желба слободно да зборуваме за нашите потреби, желби и страдања.

Треба да се признае важноста на приватност, како за арапските активисти така и за самите граѓани. Но не е доволно да се заштити приватноста само со помош на некаква технологија, користејќи алатки за анонимност како што е Тор на пример. Технологијата не е решение за така вкоренет и сложен проблем, па во тој поглед надгледувањето и технолошкиот пристап не се од никаква полза – на крајот на краиштата, во арапските земји (и многу други делови од светот), надгледувањето е вообичаено, како во вистинскиот живот така и на интернет.

Потребно е многу повеќе од микропроцесори за заштита на слободниот говор и приватноста – потребни се луѓе желни да го кренат својот глас и да ги сменат владините политики, практики, погрешните културни убедувања, и многу други длабоко вкоренети проблеми. Потребен е сеопфатен пристап, каде што ќе се земат предвид слободниот говор и приватноста – заедно со останатите основни права – без некое од нив да се жртвува на сметка на останатите. Знам дека само со препознавање и прифаќање на сложеноста на проблемот, ќе можеме да се бориме, и истиот да го решиме.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.