Македонија: Самоиницијативни напори да се зачува народната музика на интернет

Ценењето на народната музика е значаен дел од македонската култура, кој благодарение на несебичните напори на еден посветен блогер се шири и во блогосферата.

Како дел од светското културно наследство, македонската изворна народна музика се ужива и користи низ целиот свет, понекогаш и без наведување на изворот (англиски).

(Видео: Разновидниот ансамбл Мени хендс ја изведува изворната народна песнаЈовано, Јованке“ во Кјушу, Јапонија.)

Една стара шега за стереотипите од бивша Југославија, која кружи по интернет барем 12 години, вели дека една од десетте најголеми предности да си Македонец е:

4. Смееш да бидеш тажен и да страдаш додека слушаш народна музика.

Оваа културна карактеристика се однесува и на доброто расположение, како што има забележано и волонтерот на ЕВС, Катарина Карцолова во нејзиниот напис на порталот Млади инфо:

Младите овде се многу слични на младите Словаци, но има една значајна разлика, која многу ми се допаѓа. Тоа е зачувувањето на фолклорот, особено музиката и танцот. На пример на домашни забави често се слуша изворна народна музика. Всушност, не само што се слуша, туку и се пее и игра. Кога прашав дали сите овие луѓе се членови на фолклорна група оти танцуваат толку добро, ми рекоа дека не се. Македонскиот фолклор е толку богат што тие се гордеат со него и сакаат да го зачуваат.

Најзначајно нешто што се има случено во последно време на македонската блогосфера во врска со народната музика е селењето на содржините од блогот Македонски народни песни на сопствен домен и хостинг – pesna.org, со што авторот Зоран Сталевски, познат како GoodBytes може да додаде повеќе функционалности, како разни видови сортирање и опции за превод на англиски, француски и германски. Покрај тоа, тој објави дека:

Сите песни се транслитерирани на латиница. На пример, А бре Македонче. Табот Transliterated го содржи тој сегмент. Транслитерирањето ќе помогне барем во две работи: на странците ќе им биде полесно да го прочитаат текстот, а позитивни ефекти ќе има и во пребарувањето, ако песната или дел од нејзиниот текст се бара со латинични букви.

Песните овој пат не се скратени на 1 минута, туку (на барање на многу посетители досега) се целосни. Сепак, за да не се повредуваат авторските права на некои музичари чии изведби се поставени на сајтот, сите песни се енкодирани со 32kbps квалитет. Тоа е доволно за да се чуе песната или „да се има“, но ниеден аудиофил или љубител на народната музика нема да се задоволи со таков низок квалитет – па претпоставката е дека ќе си ја купи во иднина. Ако некој изведувач се откаже од своите права на некоја изведба, јас со задоволство ќе ја ставам на сајтот таа песна со полн квалитет.

Г. Сталевски исто така изјави дека планира да го финансира сајтот со сопствени средства додека е жив, а дека евентуално би вклучил и можност за изнајмување огласен простор. Во интервјуто за It.com.mk, тој призна дека:

Проектот започна како мое лично хоби, но и од револт што институциите кои се платени да го промовираат нашето културно наследство сеуште ги користат компјутерите за играње карти, додека чекаат да им мине работното време.

Ганди рекол: „Ти биди промената која сакаш да ја видиш во светот“, мисла која и мене ме водеше кога решив да го започнам публикувањето на песните. Во меѓувреме, почнав да добивам пофалби, совети, па и помош со текстови или аудио записи од посетители на сајтот, љубители на народниот мелос. Поддршката која постојано ја добивав од луѓе ширум светот (меѓу нив има и странци кои се интересираат за нашиот јазик, култура и изворна музика) мене ми даваше инспирација да продолжам да го збогатувам сајтот. Всушност, мене не ми треба финансиска помош, бидејќи публикувањето онлајн не е многу скапо. Единствено што навистина би можело многу да го поткрепи проектов се аудио записи од песни кои се ретки, и кои е практично невозможно да се најдат по нормални канали. Тука пред се’ мислам на дигитализација на аудио/видео архивите на Македонската Телевизија, каде се крие една ризница со непроценлива вредност, толку значајна за сите нас, што е огромна штета да се остави да скапува низ подрумите на црната дупка наречена „јавен сервис“. Веројатно нешто од овие ретки материјали имаат и неколкумина етнолози, па и луѓе кои имаат сопствени колекции – луѓе до кои, за жал, не можам да допрам лесно.

Македонски народни песни ја користи лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-некомерцијално 3.0. Со над 640 песни, тоа е веројатно најбогатата збирка од овој вид на вебот. Археолошкиот дневник забележа дека таа е користена и како извор за содржини на Википедија на македонски јазик.

(Видео: Oneself76 ја пее „Јовано, Јованке“. Неговите изведби добиваат пофални коментари од корисниците на Јутјуб од Македонија и дијаспората.)

1 коментар

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.