Трите крала е една од најомилените порторикански традиции
Ángel Carrión Rhea Page Билјана КоскароваВиблог
Во Порторико, а и во другите латиноамерикански држави и Шпанија, 6 јануари е Día de Reyes или Ден на Кралевите, традиција со која се прославува Богојавлението – Трите крала или Мудреци кои го посетуваат новороденото бебе Исус.
Со оглед на тоа што во минатото тоа било главниот ден што се слави за време на празниците, овој празник има големо културолошко значење за Порторико. Всушност, многу е важно тоа што во Порторико го измислиле глаголот reyar, што значи да се излезе во група и да се бараат прехранбени прилози или дарови.
Во традицијата, Трите крала се познати како Гаспар, Мелкиор и Балтазар. Исто така, овие имиња во Порторико ги означуваат имињата на трите ѕвезди кои го формираат соѕвездието Орион, што може да се види на северната хемисфера за време на зимскиот период.
Оние кои се особено религиозни го слават Promesa de Reyes или Ветувањето на кралевите. Долма Иризари го објаснува ова во објава на Фејсбук која гласи:
The Promesa de Reyes е традиција кога се замолуваат Трите крала Мелкиор, Гаспар и Балтазар, да интервенираат во момент на потреба или да помогнат во ситуација која e надвор од ваша контрола. За да ви се исполни желбата мора да склучите пакт или да им ветите на Кралевите..
The Promesa de Reyes наликува на еден католички ритуал познат како rosario cantado, музички обичај составен наизменично од песна и молитва.
Во следниот видео запис на шпански може да проследите како се слави Promesa de Reyes во едно семејство во Агвадилја на североисточнoто крајбрежје на Порторико:
Иако некогаш во Promesas de Reyes учествувале само најверните следбеници, сè поголем број културолошки институции се вклучуваат во празнувањата. Наместо да биде само собир на пријатели и роднини, може да се вклучат и луѓе кои не го познаваат лично домаќинот на куќата, без разлика дали е тоа за да покажат солидарност или поради културолошката вредност на иксуството. Таков е случајот со Хаиме Торес Торес, кој по своето искуство во јануари, на веб страницата Национална фондација за народна кутлура (НФНК), за Promesa de las Reyes напишал:
Со секоја изведба се чувствувавме како темјан кој расте до Господовиот трон, како да се воздигнуваме со ритамот на таквиот смел апел за мир во Борикен [Порторико] и неговиот народ, почитување на нашата култура, работа за невработените, социјална правда, заздравување на болните, финансиска поддршка за непрофитната работа на НФНК, решавање на политичката состојба, соочување со предизвиците од втората деценија на 21 век како обединет народ и слобода за политичкиот затвореник Оскар Лопез Ривера.
Една мала солза ми го навлажни образот на звукот од „Светлината на кралевите“, „Стеблото“, „Ако ми донесеш цвеќе“ и други изведби кои ветуваат дека нашите пејачи jíbaros сè уште ќе се слушаат во селото Пењуелас, Гвајаниља, Јауко, Сан Герман и Марикао како анонимно, прекрасно и неспоредливо наследство на народната порториканска побожност оставено на нашите деца како вечен пламен за нашата култура, нашите каприци и нашиот идентитет.
Centro de Estudios Avanzados de Puerto Rico y el Caribe (Центар за напредни истражувања во Порторико и Карибите), е уште едно место кое го слави Promesa de Reyes, седиштето на едно од најпрометните Promesas. Хаиме Торес Торес дава коментар за последната Promesa одржана на 5 јануари.
Пред Promesa, доаѓаа само 60-тина луѓе во центарот, но откако започнаа прославувањата привлекува и до 400, 500 посетители кои со себе ги носат украсните статуетки на Кралевите и кои пред сè, го отвараат своето срце на духовноста на оваа популарна традиција.
Ако некогаш се најдете во Порторико за Божиќ, зошто да не присуствувате на прослава на Promesa de Reyes. Без оглед на вашето религиозно верување, тоа е една ретка можност да искусите една од најстарите народни традиции во Порторико и да се претопите во музиката и културата на земјата. Тоа е празнување на кое не многу туристи можат да присуствуваат и да имаат спомени кои ќе ги ценат цел живот.