Русија: Микаил Дмитриевич Прокхоров: „Непредвидлив проект Кремљ“

Микаил Прокхоров на руските претседателски избори во март 2012 ќе му се спротивстави на премиерот Владимир Путин. Иако некои веруваат дека исходот се знае однапред, не би требало да се превидат комплексностите околу кандидатурата на г-дин Прокхоров – како што е степенот и потеклото на неговото богатство, неговата врска со премиерот Путин како и со Микаил Ходорковски, но и деталната политичка програма што тој ја објави претходната недела.

Глобал Војсис ги анализираше комплексностите на модерните односи помеѓу САД и Русија во статијата насловена како „МекФаул на Обама, заколнат американски амбасадор“.

Блогот Вашингтон пост обезбеди детали за американската перцепција за г-дин Прокхоров преку нивната објава за неговата кандидатура:

Прво Бруклин, потоа… светот.

Со многу пошокантен потег од која било наводна размена која го вклучува Двајт Хауард или Крис Пол, сопственикот на Њу Џерси Нетс, Микаил Прокхоров, објави дека ќе го предизвика Владимир Путин за руското претседателство.

46 годишниот политички новодојденец во јуни беше избран за лидер на малата Десничарска партија во Русија, а тогаш малку ја разбранува јавноста со неговата изјава дека на земјата и треба повеќепартиски систем.

Десетици од илјадниците демонстранти на улиците во Русија, исто така, се залагаат за промена – меѓутоа добивањето на нивната поддршка е тешката задача која што му претстои на Прокхоров.

Недостигот од искуство Прокхоров го надоместува со богатство. Со проценето богатство од 18 милијарди долари, Прокхоров има средства да подигне голема кампања, меѓутоа обединување на масата која што сака чисти избори и крај на корупцијата е навистина предизвикувачка задача.

Официјалниот веб-сајт на Прокхоров, која што е достапна на англиски и на руски јазик, на читателите и/или потенцијалните гласачи им дава пристап до извадоци од говори, коментари, нови вести и детали во врска со неговата заднина:

Микаил Прокхоров е роден на 3ти Мај, 1965 во Москва. Неговиот татко работел како претседател на Одделот за меѓународни односи на спортскиот комитет на Советскиот Сојуз; неговата мајка работела како научен истражувач на московскиот Институт за хемија. Микаил има постара сестра Ирина.

По завршувањето на средното образование со акцент на студиите по Англиски, Микаил студирал на Московскиот Институт за Финансии (моментално позната како Академија за финансии под закрила на владата на Руската Федерација) каде што дипломирал со големи почести.

Набрзо откако беше објавена кандидатурата на г-дин Прокхоров, на блогот Ројтерс Иан Бремер напиша дека исходот на руските претседателски избори 2012 е однапред одреден:

Прокхоров нема заборавено дека неговото богатство, како и неговата приврзаност и верност му ги должи на Путин. Како што тој веќе истакна на неговата прес-конференција, тој не планира да го нападне Путин (не повеќе од 10% од неговата платформа ќе бидат против Путин) туку би сакал да зборува за неговите планови околу Русија. Кудрин не го изостави Путин од неговите планови за формирање нова партија. Замислете ги само Њут Гингрич и Мит Ромни да излезат утре и да речат дека престанале да го напаѓаат претседателот Обама и само сакаат да се фокусираат на нивните планови за САД. И Кудрин и Прокхоров претставуваат „прифатлива опозиција“ во Москва. Тоа е рецепт за грациозен, но сигурен пораз. Кудрин му е наклонет на Путин од малку поинакви причини, но резултатот на крај е ист: и двајцата кандидати постојат само за да повлечат гласови и да ја смират интелектуалната класа, која не е воодушевена од лидерството на Путин. Но тие двајца сигурно нема да направат ништо за да го спречат Путин да стане претседател по трет пат.

Путин ќе води кампања – тој ќе оди во супермаркет, ќе се жали дека цените се превисоки и тогаш цените ќе бидат намалени. Тој ќе изнајде начин да и даде на јавноста симболичен износ на природни ресурси, како што е одредување на највисока можна цена на нафтата. Тој ќе потроши онолку пари колку што е потребно за да остави добар впечаток. Тој ќе ги убеди јавноста и медиумите дека заслужува трет мандат. И ќе го добие.

 

Рускиот бизнисмен Микаил Прокхоров носи кутија полна со потписи за поддршка на неговата претседателска кампања пред да ги предаде на Централната изборна комисија. Фотографија од RFE/RL, авторски права © Demotix (18/01/12).

Штефан Вајл во пост за блогот на Центарот за стратешки и меѓународни студии, наречен „Михаил Прокхоров: Непредвидлив проект Кремљ“ ја оцени важноста на кандидатурата на Прокхоров:

Можеби Прокхоров едноставно одлучил да го искористи политичкото отварање за да го освежи својот политички проект, но многу руски набљудувачи се чинат убедени дека неговата кампања е всушност завера со Кремљ-заднина создадена за да ја примами и украде поддршката на гласачите на урбаната средна класа од опозициските кандидати, додека пак истовремено обезбедува поголема конкуренција, а со тоа и поголема исправност во прилог на неизбежната инаугурација на Путин. Се чини дека доказот повеќе е на страната на ова цинично гледиште, иако има шанси Прокхоров да заскита надвор од оваа агенда-одобрена од страна на Кремљ, предизвикувајќи повторување на неговиот конфликт со надлежните органи во врска со Десничарска партија.

Еден можен показател дека можеби г-дин Прокхоров ќе дејствува независно е неговото ветување, дека ако биде избран ќе го ослободи Микаил Ходорковски од затвор е како што е наведено во статијата на Глобал Војсис насловена „Михаил Ходорковски и претседателските избори 2012“:

Некогаш најбогатиот човек во Русија, затворениот олигарх Микаил Ходорковски е уште еднаш под рефлекторите на политичката сцена, откако рускиот кандидат за претседател Микаил Прокхоров ветил дека ако биде избран на пролет ќе го ослободи г-дин Ходорковски. Г-дин Ходорковски е во затвор од 2003,  кога беше притворен за неплаќање на даноци како дел од „аферата Јукос“. Многумина се сомневаа во исправноста на обвиненијата против него и неговата пресуда ја гледаа како дел од политичката агенда на премиерот Владимир Путин.

Г-дин Прокхоров објави политичка програма претходната недела, која што детално ги истакнува неговите планови за тоа како Русија да го достигне својот потенцијал. Некои од неговите почетни забелешки беа:

Ние се одлучивме за модерна и современа држава во која што секој е одговорен за своите постапки, има пристап до образование, работни можности, пораст и постојан стремеж кон најдоброто. Ние се одлучивме за држава, каде што сите се еднакви пред законот – независно од позиција или пак привилегија – [држава] која што не прифаќа вообразено деспотство, држава во која што судството е независно. Одбираме вистинска идннина, бидејќи сакаме да живееме и да бидеме среќни во нашата земја, сакаме да работиме, градиме, да откриваме и правиме важни чекори и пробив во науката и уметноста заради доброто на Русија. Убеден сум дека богатството на Русија лежи во потенцијалот на нејзините луѓе и најголемaта стратешка инвестиција е инвестиција во луѓето. Сакам сите да запамтиме дека сме наследници на најголемата светска култура, составен дел од Европската цивилизација и дека таа е наша голема одговорност. Русија повеќе не смее да биде аутсајдер и исклучена од светскиот процес и треба да служи како пример [лидер] за цивилизираниот свет, најобразованата, културно богата, слободна и просперитетна држава во третиот милениум. Само слободен човек во слободна земја ја има способноста да создава и гради во јавен интерес! Верувам дека заедно можеме да направиме разлика и промена кон подобро. Заедно со вас сакам да создадам вистинска иднина за Русија.

РиаНовости расправаше во врска со некои особености на програмата вклучувајќи планови за борба против корупцијата и монополите, како и подобрување на инфраструктурата на Русија, здравствениот систем и социјалните установи. Коментарите што следеа покажуваа скептицизам.

gunshipdemocracy:

Г-дине Прокхоров, како ја заработивте вашата 1-ва милијарда? ќе ве замолам да ме потсетите. Што се однесува до остатокот од Вашиот план да се ослободите од независноста на РФ и да ја направите Русија колонија е најдобар начин да ги заштитите Вашите милијарди евра префрлени во 90-тите/2000-тите? или пак грешам?

rochefortfrancois:

Овој човек само се обидува да ја корумпира [елитата] за поуспешно да се здобие со повеќе моќ и контрола, кратко кажано, тој е криминалец.

Најпосле, блогот Los That Sports забележа дека ако кампањата на г-дин Прокхоров успее и ако тој биде избран за руски претседател, таквата позиција би можела да влијае врз неговите обврски кон НБА:

Ќе биде интересно да се види, ако биде избран, како неговите политички обврски ќе влијаат врз неговиот ангажман со Нетс. Прокхоров ги откупи Нетс во мај 2010 и поседува 80% од акциите, како и 45% од акциите на новиот Баркли центар, каде што Нетс ќе се прелоцираат во 2012. Прокхоров е првиот не-американски сопственик на НБА, а воедно и највисокиот, висок отприлика 2,03 m.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.