САД: Дали НАСА откри нова планета погодна за живот?

Земајќи го предвид фактот дека во универзумот во најмала рака постојат стотици милијарди ѕвезди во Млечниот пат, постоењето на нови планети на кои што може да се живее е многу веројатно. Меѓутоа, сѐ уште не постои никаков доказ за постоењето на една ваква планета.

На 5-ти декември 2011, американската вселенска агенција НАСА го објави откритието на планетата Кеплер-22б со помош на вселенскиот телескоп Кеплер, планета на доволна оддалеченост од нејзината ѕвезда со потенцијално погодна температура за живеење на површината. Блогери-научници реагираа на вестите со нивни анализи и теории.

Kepler-22b

Дијаграм со кој се споредува сончевиот систен на планетата Земја со Кеплер 22-б во сончевиот систем (уметничко слободно претставување), ѕвезден систем кој ја содржи првата планета со „зона која може да се насели“, откриена од страна на Кеплер-мисијата на НАСА. Сликата е од: NASA/Ames/JPL-Caltech

Професорот по астрономија Салман Хамид од колеџот во Хемпшир е возбуден поради откритието:

Да. Астрономите го потврдија првото откритие на една планета слична на земјата лоцирана во зоната на ѕвездата, која што е погодна за живеење – на растојание од ѕвездата каде водата би можела да биде достапна во течна состојба… Ова откритие е фантастично, ако не и сосема изненадувачко. Постојат толку многу планети и неминовен е фактот дека ќе откриеме планети со услови за живот, слични на овие на Земјата. Исто така, многу е веројатно дека постоењето на живот е широко распространето. Меѓутоа, суштества кои можат да изградат телескоп? Не би знаел за тоа.

Тој појаснува понатамошни детали:

Што знаеме ние за оваа планета? Наречена е Кеплер 22б. Тоа е најатрактивното име што им падна на ум на астрономите (всушност името е според телескопот Кеплер со кој беше откриена планетата). Оддалечена е околу 600 светлосни години – доволно далеку, да не можеме да помислиме на кратка посета набрзо…

Има ли живот таму? Тоа не го знаеме. Планетата беше откриена, откако помина покрај својата ѕвезда, затемнувајќи ја светлината на матичната (централна) ѕвезда. Немаме никаква слика од планетата. Кога ќе најдеме – а тоа може да трае со години – тогаш би можеле да го анализираме составот на атмосферата. Присуството на кислород во атмосферата би било добар доказ за постоењето на живот таму, бидејќи кислородот и во нашата атмосфера претставува неопходен услов за живот.

Сѐ повеќе му се приближуваме на откривањето живот на таа планета.

Хелен Чапел, поранешна астрономка, која студирала физика на универзитетот во Болдер, Колорадо, наведува три причини зошто не и е грижа за Кеплер-22б:

Кеплер има откриено стотици екстрасоларни планети, а додека да се истрошат финансиските средства на проектот, тој ќе најде уште стотина такви планети. Кеплер 22б е само пример на НАСА за објавувањето на повеќе од 1000 нови планети-кандидати.

[…]

Венера [исто како Кеплер 22б] се наоѓа не многу далеку од зоната погодна за живот… [но] знаеме дека таму е толку топло што оловото се топи на површината. Венера не може да биде место за живеење, меѓутоа вонземските астрономи ова не би го знаеле, доколку би ја користеле истата технологија како и ние. А можеби пак луѓето на Кеплер 22б се воодушевени од можното постоење на живот на Венера.

[…]

Не можеме да дознеме, дали Кеплер 22б – или која било друга екстрасоларна планета – може да вдоми живот.

Таа наведува еден позитивен аспект во врска со возбудата околу откритието:

Откритијата како Кеплер 22б ги воодушевуваат сите оние кои се интересираат за астрономијата и отвараат нови можности да се научат луѓето (особено децата) за науката.

[…]

Супер за науката, иако само што ви ги уништив соништата за Кеплер 22б.

Друг критичар, анонимен блогер, чија главна професија е проучувањето на торнада, ги дискутира погрешните мислења во врска со Кеплер 22б, заклучувајќи:

Ова е првиот чекор и ова е еден чекор, кој што не сме го направиле досега. Тоа е голема новост! И фактот што имаме уште 48 други планети-кандидати во зоната погодна за живеење на нивните ѕвезди е исто така голема работа. Но, се чини дека медиумите ги заобиколуваат новостите од овој вид.

Во коментарите блогерот го појаснува растојанието помеѓу Земјата и Кеплер-22б:

Со сегашната можна најголема брзина би ни требале повеќе од 10 илјади години за да стигнеме таму. Тоа е невозможно дури и за вселенските бродови од научната фантастика. И логичниот заклучок би бил: сите наши понатамошни истражувања би ги покажувале планетите како што тие биле пред 600 години.

Можеби 600 светлосни години звучат премногу, но оваа далечина е една минута на астрономската скала, дури и да ни требаат милиони години со нашата сегашна брзина да отпатуваме до Кеплер 22б. Кога би изградиле машина која патува со брзина слична со онаа на светлината, можеби би било возможно да го преживееме патот до Кеплер 22б, бидејќи според теоријата на релативитетот на Ајнштајн, на патниците би им требале, помалку или околу 24 години.

Некои блогери се занимаваат со патот до вселената,  меѓутоа некои тоа го сфаќаат помалку сериозно од други.

Во блогот Осум дена до Амиш (Eight Days to Amish) на фриленс авторот Крис Родел стои:

Сигурен сум дека Републиканците помислиле: „Алелуја! Сега има место, кое што одвратните Демократи ќе можат да го окупираат колку што сакаат!“

Демократите помислиле: „Можеш да се обложиш дека алчните Републиканци веќе си ги пакуваат куферите Луј Витон, нафтените дупчалки и ги подготвиле бурињата Халибартон, за да одат и загадат уште една чиста и недопрена средина, пред Обама да ја прогласи за забранета.“

Адвокатус Атеист (Advocatus Atheist), блог на Тристан Д. Вик, професор по англиски јазик во Јапонија, се надева на комуникација со Кеплер 22б, кога таму би имало некаква цивилизација, која би била способна за вселенска комуникација. Тој предлага да се направи ткн. црвја дупка (хипотетичка кратенка во просторот), која би овозможила една таква комуникација. Тој сепак додава, дека овој негов предлог е само теоретски возможен.

Вик заклучува, нешто што е добар заклучок за она што го учиме од Кеплер-22б:

Без разлика на тоа дали некогаш би можеле да оствариме прв контакт со вонземјани или не, ми се чини дека Кеплер 22б претставува еден сон, кој што го делат сите луѓе – сонот за авантура, за патување во меѓуѕвездениот простор и тоа да се биде дел од историјата. Се чини дека ние веќе сме дел од создавање на историја, а не сме ни свесни за тоа.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.