- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Трагедија во Чапел Хил: „Приказната ќе беше поинаква ако убиецот беше муслиман“

Категории: Северна Америка, Среден Исток и Западна Африка, САД, Саудиска Арабија, Граѓански медиуми, Етничка припадност и раса, Закон, Религија
A tribute to Deah Barakat and Yusor and Razan Abu-Salha, by @_mz_cool

Изразување почит кон Деа, Јусор и Разан Абу-Салха, од @_mz_cool

„Ние сме едно, една култура“ – изјави 21-годишниот студент Јусор Абу-Салха на интервју [1] снимено како дел од проектот на StoryCorps за тоа како изгледа поминувањето на детството во САД.

Неделава, Абу-Салха, нејзината сестра Разан (19 години) и нејзиниот сопруг Деа Бакарат (23 години), беа брутално убиени во нивниот дом во Чапел Хил, Северна Каролина. Полицијата го уапси нивниот сосед, Крег Стефан Хикс и го обвини за убиство од прв степен. Иако, според изјавите на двајца пријатели на младата Абу-Салха, Хикс е нервозен човек кој намерно им правел проблеми, жената на Хикс го претставува нејзиниот маж како толерантен човек и тврди [2] дека тројното убиство било предизвикано од „кавга при паркирање“.

Имаше поплава од реакции како одговор на убиството кое многумина го гледаат како криминал поттикнат од омраза. Д-р Mохамад Абу-Салха, татко на Јусор и Разам, го замоли американскиот претседател Барак Обама убиството да биде истражено како криминал од омраза; извештаи од ФБИ велат [3] дека навистина е започната истрага.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го критикуваше молкот на претседателот Обама во врска со убиствата, велејки [4]: „Ако молчиш кога се соочуваш со инцидент како овој и ако не дадеш изјава, светот исто така ќе остане тивок спрема тебе“. Неговиот став беше прифатен од многумина, вклучувајќи и политичари од Средниот Исток, како што укажа [5] Хуан Кол.

На социјалните медиуми, луѓето го критикуваа одговорот на медиумите, сметајќи дека приказната се појавила во јавноста подоцна во однос на другите вакви убиства и дека минатото на потенцијалниот убиец не било воопшто дискутирано, за разлика од случаите кога злочинот го сторил Арап или Муслиман.

Палестинскиот новинар Али Абунима сподели на Твитер:

Да ве потсетам, Обама веднаш одговори на пукањето во еврејскиот центар во Канзар, за разлика од случајот во Чапел Хил.

http://t.co/yCGkvJKDkp [6]

— Ali Abunimah (@AliAbunimah) 12 февруари, 2015 [7]

Со низа од твитови, мароканско-американската писателка Лејла Лалами го претстави ставот на многу луѓе:

Можеби не ги знаеме деталите за белиот убиец и муслиманот жртва, но ќе ги знаевме ако улогите им беа сменети.

— Laila Lalami (@LailaLalami) 11 февруари, 2015 [8]

Апсурдниот аргумент дека инцидентот е предизвикан од кавга за место за паркирање се користи како доказ дека мотивиот за овие убиства не е фанатизам.

— Laila Lalami (@LailaLalami) 11 февруари, 2015 [9]

Но, ако муслиман убие тројца поради место за паркирање, кавгата за место за паркирање ќе биде искористена како доказ за неговото варварство. 

— Laila Lalami (@LailaLalami) 11 февруари, 2015 [10]

Палестинско-американската новинарка Сара Јасун укажа на некои апсурдни тврдења на медиумите со овој твит:

Ако се уште не сте го истражиле, како знаете дека убиството не е криминал од омраза?

— Sara Yasin (@missyasin) 11 февруари, 2015 [11]

Мохамед Ал Шухаил од Саудиска Арабија, забележа:

Сите следбеници на Исламот стануваат терористи кога виновникот е муслиман, но кога станува збор за пукањето во Чапел Хил, тоа е само обичен криминал и ништо повеќе.

Овој твит од Муткер Бен Самхан, учител од Ал Касем, Саудиска Арабија, беше споделен 95 пати:

Да беше убиецот муслиман, западните медиуми ќе започнеа војна против Исламот и муслиманите, но бидејќи убиецот е еден од нив, тоа е само инцидент.

Сауд Бас од Саудиска Арабија им вели на своите 8000 следбеници на Твитер:

Според медиумите, убиецот од Чапел Хил не е терорист туку само убиец. Тероризмот е само за муслимани.