Roscomnadzor (Роскомнадзор), руската агенција за надзор на телекомуникации, се чини незадоволна од најновиот извештај за транспарентност на Твитер, кој покажува значаен пораст во барањата за податоци од корисници и барања за затворање профили од страна на руската влада.
Александар Жаров, раководител на Roscomnadzor, изјави за новинарите дека Твитер „континуирано одбива да испочитува барањата на руските закони, вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на борбата против тероризмот“, и рече дека позицијата која ја зазема Твитер поттикнала „легитимни“ прашања за компанија која оперира во границите на Русија.
Загриженоста на Жаров околу непослушноста на Твитер доаѓа од фактот што додека Русија испратила 108 барања за податоци на корисници од јуни 2014, од Твитер одбиле да предадат такви информации за било кое од барањата. Руската влада исто така побарала и 91 затворања или блокирање на профили во последните 6 месеци од 2014, вклучително и две барања поткрепени со судска одлука. Твитер се согласиле на 13% од барањата, блокирајќи три кориснички сметки и бришејќи девет твитови, но објавија дека „одбивме неколку барања да замолчиме популарни критичари на руската влада и други барања за ограничување на говорот за не насилните протести во Украина“.
Жаров, раководителот на Roscomnadzor, изјави дека биле „вчудоневидени“ од одбивањето на Твитер да ги блокира „популарните противници на руската влада“ и рече дека законодавните тела ќе испратат жалба до Твитер и ќе бараат објаснување.
Руските интернет регулатори и Твитер имаат „кревки“ релации и во јавноста си разменуваат обвинувања и покрај преговорите кои се во тек, вклучувајќи и неколку работни состаноци одржани во Москва. Претставници на Твитер се сретнаа со Roscomnadzor во јуни 2014, и подоцна во декември 2014, но резултатот од состаноците беше помалку од продуктивен. Се чини дека односот помеѓу Roscomnadzor и Твитер ќе продолжи да соодветствува на играње мачка и глушец како и што беше досега.