Ги гледате сите јазици горе? Ние го преведуваме Global Voices за да ги направиме дветските граѓански приказни достапни за сите

Дознај повеќе за преводите од Lingua  »

Наследството на Усташите: Во сеќавање на концентрационите логори за деца во Сисак

Children sitting in front of one of the barrack's in the Sisak concentration camp. Public domain.

Деца седат пред една од бараките во концентрациониот логор во Сисак. Јавно достапно.

Во 1941, хрватското радикално десничарско Усташко движење дојде на власт и ја оформи Независна држава Хрватска (НДХ), на чело со Анте Павелиќ. НДХ ги следеше стапките на фашистичките режими во Европа, преку формирање на концентрациони логори, и убивајќи и прогонувајќи Срби, Евреи и Роми, а да не ги спомнуваме и хрватските партизани и нивните семејства.

Во август 1942, НДХ изгради логор во Сисак, Хрватска за деца и родители. Детскиот оддел од концентрациониот логор беше наречен „Прифатилиште за деца на бегалци“ и беше најголемиот од тој вид во Независна држава Хрватска раководена од Усташите. Таканареченото „прифатилиште“ беше раководено од д-р Антун Најжер, под покровителство на Женската лоза на Усташкото движење и Усташките сервиси за надзор. Денеска имаме документи кои покажуваат како д-р Најжер и неговиот тим правеле тестови на децата држени во логорот, некои изгладнувајќи ги до смрт, а други биле подложени на разни видови измачување.

Споменик во погребното место на детскиот оддел вели дека околу 2.000 луѓе се закопани тука, но никогаш немало организиран напор да се ексхумираат телата, така што никој не знае за сигурно. Скорешен напис на хрватскиот портал за вести „Portal Novosti“ ја опиша историјата на логорот, со морничавиот наслов „И Сисак имаше свој Менгеле“ (повикувајќи се на озогласениот лекар од концентрациониот логор Аушвиц).

Градот Сисак, кој претрпе уште еден огромен конфликт во 1990те за време на хрватската војна за независност, одржува годишен настан на погребните места на Денот на сеќавање на Втората светска војна, каде се положуваат венци на спомен-плочите и се повикуваат преживеаните од логорот да говорат.

Добрила Кукољ е едно од децата кои успеале да го преживеат хоророт од концентрациониот логор. Родена во 1931 во селото Međeđa, Босна и Херцеговина, таа била распоредувана во неколку детски логори за време на војната. Нејзиниот живот се изменил засекогаш во 1941, кога усташки сили го нападнале нејзиното село. Во написот на „Portal Novosti“, Кукољ вели дека таа најдобро се сеќава на концентрационите логорите во Сисак и Јасеновац, и двата во Хрватска, и опишува како изгледало пристигнувањето во логорите:

Ulazak u logor bio je ravan klubu smrti u kojem su vladali bezakonje i ludilo, gdje se čuo samo vrisak, plač i jauk do neba. Prizor od kojeg mi se i danas ledi krv u žilama je bježanje ispred ustaša koji su hvatali djevojčice i nad njima se iživljavali. Tada sam nehotice stala na tek rođeno dijete na zemlji, a taj plač mi i danas zvoni u ušima. Mi preživjeli logoraši smo na izmaku snage, a naša svjedočanstva ne smiju pasti u zaborav i zato molim sadašnju i buduće generacije da se bore da se zlo koje je donio rat više nikada ne ponovi, kako kod nas, tako i u cijelom svijetu.

Влегувањето во концентрационите логори беше исто како и влегување во клуб на смртта, со кој владее безаконието и лудилото, каде може само да се чујат врисоци, плачење и јачење, се до небото. Една сцена од која се уште ми се замрзнува крвта во вените е бегање од Усташите кои грабнуваа мали девојчиња и потоа се изживуваа врз нив. Тогаш случајно стапнав на новороденче кое лежеше на земјата. Неговиот плач се уште ми одѕвонува во ушите. Ние што ги преживеавме логорите сме на крајот на нашето патување, но нашето сведоштво никогаш не смее да биде заборавено и затоа барам од генерациите кои се тука и од генерациите кои допрва ќе доаѓаат да се борат злото кое ни го донесе војната никогаш да не се повтори—ни во нашата држава, ни во било која друга.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.