- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Чиле: Дискриминација, етика на медиумите и случајот на #ИнесПерез

Категории: Латинска Америка, Чиле, Граѓански медиуми, Медиуми и новинарство, Работа
Inés Pérez [1]

Инес Перез интервјуирана од телевизијата Чилевизион

„Можете ли да ги замислите овде, во оваa затворена заедница, слугите кои се движат надвор? Сите работници се движат на улицата, а вашите деца покрај нив, на нивните велосипеди?“

Со оваа фраза, пренесена во интервју на националната телевизија на Чиле, во неделата на 15-ти јануари, жителката на соседството, Инес Перез, стана предмет на онлајн презир. Перез коментираше за политиката на затворени заедници, Ел Алгаробал II, во Чикурео која забранува слугите и другите работници да влегуваат пешки.

Тензијата околу дискриминацијата против слугите во областа се зголемува од декември 2011 кога писмото со инструкции [2] пратено до членовите на клубот за голф, Ветрови од Чикурео [3], беше објавено онлајн [4]. Во писмото се вели дека слугите во клубот мора да ги носат униформите и никогаш да не го користат базенот за пливање. Со оваа контроверзија свежа во нивните умови, корисниците на општествените медиуми веднаш реагираа на изјавата на Перез.

Сентидос Комунис објави пост на Сторифај [5] собирајќи реакции од Твитер. На Фејсбук, на страницата „Инес Перез Конча“ [6] луѓето оставија бројни коментари со кои ги осудуваат нејзините зборови и дури ја навредуваат. Некои Чилеанци, исто така, блогираа за да го искажат нивното незадоволство.

Марсела Арелано [7] ги одбрани слугите и зборуваше против дискриминацијата во пост кој беше објавен во неколку онлајн граѓански весници на Ми Воз [8] мрежата.

Не знаев дека во оваа мала држава имаме империи (освен доколку не потекнуваат од кралевите на Инките) каде децата наследници во 6 часот навечер мораат да бидат заштитени од сведочење на глутница од луѓе од работничката класа, подготвени да ги прекршат правилата на играње, невини принцови и принцези, кои не знаат за друг свет.

Во меѓувреме, во Ел Квинто Подер [9], Химена Хара за зборот „нана“ напиша дека е дискриминирачки термин, и додаде:

Ги полниме нашите усти со духовна бес! Нашето време го посветуваме на истражување, за секој дискриминирачки закон кој го напаѓа достоинството на работата на овие работници. Ова е одлично, но тоа не е повеќе од бес и незадоволство. Не додека не разбереме дека обврската буквално започнува од дома. Тоа значи дека ако сме одговорни медиуми, одговорни граѓани, ќе признаеме дека злоставувањата на слугите се многу поголеми од овие екстремни случаи кои денес не лутат и навредуваат.

На 17ти јануари, на социјалните мрежи почнаа да се шират гласини за снимка [10] од целото интервју. Чилевизион конечно го објави целото интервју [11] кое покажува дека изјавата на Инес Перез била извадена од контекст.
Во целосното интервју, меѓу другите нешта, таа вели дека нејзината слугинка слободно излегува со нејзината ќерка, со или без униформа. Перез објаснува дека таа бара од нејзината слугинка да стигне и да го напушти соседството со минибус, а таа живее половина час од влезот во населбата. Таа прашува: „Можете ли да ги замислите за време на зимата со снег и грмежи како сите слуги пешачат во соседството?“

На истата Фејсбук страница [6] каде таа беше тешко критикувана, некои [12] корисници сега се извинуваат, иако неколку [13]се уште веруваат дека без разлика на контекстот, нејзините изјави се се уште навредувачки, особено фразата за слугите и работниците кои пешачат на улиците додека децата „се на нивните велосипеди“.

Новинарска етика и социјални медиуми

Оваа дискусија за дискриминацијата бргу се претвори во дебата за новинарската етика и социјалните медиуми.

Новинарката Гианица Корал ја допре темата за етика во пост за Sentidos Comunes [14]. Таа набројува некои од нејзините мисли за целото интервју и начинот на кој Чилевизион се справил уредувањето. Подоцна, таа разговараше за одговорноста на публиката, заклучувајќи дека:

Медиумите прават грешки, манипулираат, играат, трансформираат, истражуваат, верифицираат и ги составуваат информациите кои ние имаме право да ги знаеме. Но, ние одлучуваме што ќе правиме со тоа. Не можеме да ја оправдаме нашата мрзеливост со 100 процентна верба во се што гледаме и слушаме. Исто така, сме одговорни за доловување на таа реалност.

Mаурицио Толоза во Sitiocero [15], блогира за онлајн однесувањето во реакциите на ова видео, и вели дека целиот инцидент покажува дека Чиле страда од „коегзистенциона болест“:

Главниот проблем, коегзистенционата болест на Чиле, која генерира сегрегација и виртуелно линчување, не се решава со експлозии на социјалните мрежи. Главниот проблем бара од нас да научиме да зборуваме, да прашуваме, да слушаме, да почитуваме додека да можеме повторно да ја изградиме оштетената заедница. Ова се однесувања кои не се појавуваат спонтано во овој комуникациски систем, тие се напор на свесност, внимание и секојдневно учење.

Clases de Periodismo [16], блог кој се фокусира на новинарството и медиумите, го декларира нивното гледиште на уредувањето на Чилевизион:

Од овој сајт, ние го отфрламе недостигот на расудување прикажан од Чилевизион при уредувањето на изјавите од нивните интервјуирани. Дополнително, се придружуваме кон повикот за поправка (не само емитување на ова видео за гледачите да донесат свои заклучоци).

Изјавата за јавноста [17] на веб-сајтот на Чилевизион возвраќа:

Селектираниот сегмент е комплетна идеја искажана од интервјуираната, целина на содржина која не е расипана на било каков начин, и не го менува конечното значење на нејзините изјави.

Според последните извештаи за инцидентот, Чилевизион [18] го отпушти Фернандо Леал Ќинтерос, асистентот на продукција кој го филтрирал текстот од целото интервју.