Во петокот, набрзо откако сега веќе поранешниот претседател Зин Ел Абидин Бен Али (Zine El Abidine Ben Ali) избега од Тунис, блогерите и корисниците на Твитер почнаа да дебатираат околу тоа каде ќе слета неговиот авион. Некои сметаа дека ќе се упати кон Франција, а пак други мислеа дека ќе се определи за ОАЕ (Обединети Арапски Емирати). На крај излезе дека последното одредиште на Бен Али е Саудиска Арабија, истата земја во која отиде диктаторот од Уганда, Иди Амин (Idi Amin), по паѓањето на неговиот режим.
@ollieleach веднаш се надоврза:
Значи, претседателот на Тунис се реши за Саудиска Арабија. Истиот пристап кон протерувањето како на Иди Амин… интересно.
@weddady, забележувајќи тренд на Твитер, ја коментираше реакцијата на Саудијците за начинот на кој Бен Али беше дочекан во нивната земја:
Интересно: #Saudi го поттикнува организирањето на Твитер за да се побара од владата да не го прими Бен Али по гласините дека тој се упатил таму #sidibouzid
И навистина, саудиските корисници на Твитер ги кажуваа нивните размислувања. @radicalahmad вели:
Драги мои жители на #TUNISIA (Тунис): јас сум од #saudi (Саудиска Арабија) и ве уверувам дека тоа што #benali (Бен Али) ќе слета во #jeddah (Једа) не нè претставува нас #NOTINMYNAME (не во мое име)
@Dima_Khatib (Дима Катиб) ги потсети нејзините љубители дека одлуката да се прими Бен Али во Саудиска Арабија не ја донесоа жителите на Саудиска Арабија:
Ве молам луѓе, ви повторувам. Нема потреба да ги напаѓате Саудијците за примањето на Бен Али. Тие немаат никаква врска со одлуките на кралското семејство. #Saudi
За крај, блогерот Сауди Џинс (Saudi Jeans) кој прославува заедно со Тунижаните, го изрази неговото незадоволство со одлуката на неговата земја да го прифати Бен Али:
Денес беше многу, многу голем ден за Тунис. По четири седмици на протести по улиците, претседателот Зин ел-Абидин Бен Али избега од земјата. Ова најверојатно е прв пат да сме сведоци како арапски лидер е поразен од сопствениот народ. Многу сум среќен за жителите на Тунис и многу сум горд на нив. Особено сум воодушевен за моите пријатели Сами бин Гарбија (Sami bin Gharbia) и Слим Амаму (Slim Amamou), кои со години макотрпно работеа за да го доживеат овој ден. Единственото нешто што ми пречи е што Саудиска Арабија го прими избрканиот диктатор овозможувајќи му засолниште во нашата татковина. Но засега, ајде само да уживаме во историскиот момент. Нека ова започне домино ефект насекаде низ Блискиот Исток.