One Billion Rising: Светски ден против насилството врз жените

Screenshot aus dem Kurzfilm "One Billion Rising" von Eve Ensler

Кадар од краткиот филм на Ив Енслер „One Billion Rising“

Секоја трета жена во текот на нејзиниот живот е жртва на силување или малтретирање. Со светското население од 7 милијарди, повеќе од една милијарда се жени и девојки кои секојдневно се соочуваат или се директно поврзани со насилство. Преку 603 милиони жени живеат во земји каде што семејното насилство не се смета за злочин. Според соопштение за јавноста од кампањата „Обединети за искоренување на насилството врз жените“ на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, дури 70% од жените страдаат од некаков вид насилство. Понатаму во овој извештај стои дека, веројатноста една жена помеѓу 15 и 44 години да биде силувана или да страда од домашно насилство е повисока отколку веројатноста таа да се разболи од рак или маларија, да има сообраќајна несреќа или да има последици од војна.

Das Logo von One Billion Rising auf Deutsch

Логото на One Billion Rising на германски

Организацијата V-Day, поради оваа ужасна статистика, ја иницираше меѓународната кампања One Billion Rising. Ова движење кое брзо се развива, се залага за крај на насилството врз девојките и жените, за нивна рамноправност, и да ја подигне свеста во врска со оваа тема кај колку што е можно повеќе луѓе.

Затоа, на 14 февруари 2013, повикани се една милијарда луѓе од целиот свет заедно да се покренат и да учествуваат на протести. Жени и мажи од целиот свет ќе штрајкуваат, ќе танцуваат на јавни места и ќе ја покажат својата солидарност преку други целни активности. 

One Billion Rising е кампања која ги засега сите. Досега се испланирани повеќе од 13.000 различни активности во повеќе од 190 земји, а секојдневно се додаваат нови активности.

Швајцарската блогерка Натали Сасин-Хауптман пишува во онлајн магазинот Clack за овој „феминистички бран“:

Моментално, протестите на жените имаат големи успеси – барем во медиумите. По викотниците доаѓа бунт. Локалните акции и глобалниот одзив ја препознаваат «One Billion Rising»: На „денот на издигнувањето“, 14 февруари 2013, 190 земји ќе учествуваат во огромен флешмоб за да протестираат против насилството врз жените. Никој не е поизненаден за ова од Ив Енслер, иницијаторка и автор на „Вагинални монолози“. „Ова ги надминува класите, општествените групи и религијата. Тоа е како огромно феминистичко цунами.“ – изјави таа, трогната, за англискиот Гардијан.

Локалните протести се одвиваат почнувајќи од првиот сомалиски флешмоб во светската историја, во Могадишу, преку протестните маршови на шкотскиот остров Бјут па сè до масовните демонстрации во Индија и големиот танцов настан во Бангладеш.

Karte mit allen geplanten Veranstaltungen in Deutschland

Мапа на сите настани кои досега се испланирани во Германија

Само во Германија ќе има повеќе од 120 настани како што се протести со танцување, синџири од луѓе, театарски претстави, семинари против насилство итн. Во Швајцарија, феминистичката организација за мир (cfd) и PeaceWomen Across the Globe (PWAG) започнаа заедничка платформа, преку која организаторите од Швајцарија можат да се поврзуваат и да ги разменуваат своите идеи и проекти. Освен тоа, таму постојано ќе бидат објавувани настаните што ќе се случуваат во Швајцарија. Досега е испланиран флешмоб во Базел, Берн, Цирих, Женева, Ворб, Тун, Лугано, Бил, Лозана и Гимлиген. Движењето е несомнено динамично, луѓето се поврзуваат преку социјалните медиуми и со многу посветеност и креативност сакаат да придонесат за ова глобално движење.

Karte mit allen bisher geplanten Veranstaltungen in der Schweiz

Мапа на сите настани кои досега се испланирани во Швајцарија

 

 

На Јутјуб каналот на V-Day веќе има 138 видеo придонеси од жени и мажи од целиот свет, кои објаснуваат зошто ќе излезат на улиците на 14 февруари. Исто и блогерката Хелга Хансен од Брауншвајг, којашто пишува за германската феминистичка организација Тимот на девојките, сними лична видео изјава:

Шерон Адлер, која беше одликувана со наградата „Жена на годината во 2012“ во Берлин и која е основач на онлајн магазинот AVIVA-Berlin, исто така зема учество во акцијата:

На блогот Die Münchnerin се наоѓаат и други изјави од мажи и жени од Германија.

Блогерката Luziehfair пишува во Ausrufern:

Откако, во последно време, имав прилика да ги следам дискусиите за „незборови на годината“ и актуелната дебата за сексизмот во медиумите (веројатно и во некој паб, но тоа веќе не е моја средина) која зазема бизарни форми, и во исто време се случуваат трагедии, како силувањата во Индија, би сакала да бидам конструктивна:

„Една од три жени на оваа планета во текот на нејзиниот живот е тепана или силувана. Тоа се една милијарда жени, кои страдаат од насилство… Незамислив хорор. На 14 февруари 2013 V-Day поканува една милијарда жени да излезат на улица, да танцуваат и да се издигнат, борејќи се за крај на ова насилство. […] Ние ја покажуваме на светот нашата колективна моќ и нашата глобална солидарност преку сите граници. […]“

Тоа е повикот на кампањата One Billion Rising и мислам дека треба да се прочуе. Тој мора да биде слушнат.

Luziehfair, исто така, посочува на трејлерот на краткиот трогателен филм на Ив Енслер (Внимание: материјалот може да содржи сцени со насилство):

Во меѓувреме, на Frauenblog (блог за жените) се размислува за понатаму:

И сега се поставува прашањето „што потоа“. Дали има смисла да се воспостави ваков развој на настани и потоа акцијата да заврши? Овде би било пожелно да може со сигурност да се понуди еден континуитет. Сепак, не може да се одржи секој настан, бидејќи едноставно немаме доволно капацитети и резерви на енергија. Но: еден таков „настан“ не се појавува од никаде, туку тој е вграден во веќе постоечки структури кои продолжуваат да постојат и да ја извршуваат својата работа и понатаму во деновите што следат. Поврзувајќи се преку One Billion Rising […] жените би требало да се приклучат на ова движење. Без разлика дали учествуваат во регионална група на V-Day или како поддршка во веќе постоечките локални групи на жените, ова би бил еден прекрасен успех, во прилог на нашата изјава: „Ние сме тука, ние сме насекаде, ние сме силни, ние сме гласни, ние нема веќе да дозволиме да бидеме замолчени“ .

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.