По насилниот интеретнички инцидент со масовно тепање на скопската тврдина Кале, социјалните медиуми посетувани од жители на Македонија вриеја од говор на омраза и реакции на него.
Тимот на Фондацијата Метаморфозис си даде задача да ги документира линковите кон дискусиите за инцидентот преку отворање група наречена Кале на интерактивниот агрегатор Ping.mk, како ресурс за активистите, репортерите и истражувачите.
Во понеделник, на 14 февруари, граѓанските организации Центар за развој на медиуми (ЦРМ) и НВО Инфоцентар објавија апел насловен „Стоп за говорот на омразата и поттикнувањето меѓуетнички тензии и инциденти“:
Во последните неколку денови сведоци сме на засилен говор на омраза присутен во традиционалните и новите медиуми, кој значително ја вжештува атмосферата и поттикнува натамошно насилство.
Инцидентот што во неделата се случи на Скопското Кале претставува сериозна закана за меѓуетничките односи во Република Македонија. Физичкото насилство на кое сите ние бевмe сведоци претставува резултат на отсуството на јавна дебата и отворен и цивилизиран дијалог.
Центарот за развој на медиуми и НВО Инфоцентарот апелираат до сите засегнати страни, политички партии, невладини организации, медиуми и сите граѓанки и граѓани на Република Македонија да ги смират страстите и да се воздржат од дополнително поттикнување етничка омраза.
Ги повикуваме новинарите со особено внимание и претпазливост да известуваат за инцидентите и во согласност со професионалните стандарди да дејствуваат одговорно.
Бараме од институциите на системот внимателно да ги следат состојбите и секое повикување на етничка и верска нетрпеливост, како и поттикнување на насилство, да го санкционираат во согласност со законите.
Всушност, Фондацијата Отворено општество Македонија и ЦРМ неодамна објавија „Црна книга“ (.pdf), со која е документиран растежот на говор на омраза во МАкедонија во текот на 2009 година, како обид да се предупреди јавноста за тоа дека ова е феномен кој потекнува „од горе“ и за можните последици од него. Роберто Беличанец уредник на книгата и блогер, појасни:
Документирањето на настаните е направено од дискурсот на употребата на јазикот/говорот кој го употребуваа сите учесници во јавниот живот, кои се изразуваа во и преку радиодифузните и печатените медиумите како и сите учесници во новите медиуми и социјалните мрежи на Интернет.
[…] Имајќи предвид дека физичкото насилство е секогаш подготвено од вербалното, се обидовме да направиме избор на „бисери“ од македонскиот јавен дискурс.
[…] Оваа книга функционира само како еден документ, кој преку фрагменти за состојбата на јавниот говор во Македонија во една одредена временска отсечка 1.1.2009 – 31.12.2009 година се обидува да предупреди дека нивото на јавната дебата е проблематично и претставува ограничувачки фактор во остварувањето на човековите права во земјата.
Книгата беше промовирана минатиот понеделник, два дена пред инцидентот на Кале, заедно со дискусија за општествените и правните последици (целосно видео е достапно на веб-сајтот на Граѓани за европска Македонија – ГЕМ). Скоро пророчки, настанот беше наречен „Говорот на омраза – најава за физичко насилство“.
Грасрутс групи против омразата исто така стануваат поактивни и побројни на социјалните медиуми. Една од нив е “„Група која е било каква верска, национална и друга омраза“ со преку 470 членови кои се залагаат за запирање…
…на сите собирања на скопско Кале поради можноста од ескалација. Владата веднаш треба да преземе мерки за спречување на понатамошно градење и уривање и да забрани било какви собири во близина.
Неформални мрежи на локални активисти исто така се обидуваат да ги пријават групите за омраза преку интерните механизми на Фејсбук.
Виктор Арсовски преку IT.com.mk информираше дека на 15 февруари полицијата решила да обрне внимание на говорот на омраза и побарала од Фејсбук да ги затвори „агресивните Фејсбук-групи за црквата на Кале“:
МВР побара од Facebook да се избришат групите за црквата на Кале каде се споделува агресивна содржина, се шири говор на омраза и каде се повикува етничко чистење. Групите станаа место за препопукување и верска и етничка нетрпеливост по неодамнешниот инцидент на скопското Кале каде две етнички групи се степаа меѓу себе.
Единицата за борба на компјутерски криминал побара од Facebook отстранување на групите, но и IP адресите на администраторите и корисници кои постираат одвратна содржина. Знаејќи ја полисата на Facebook, се очекува страните да бидат тргнати.
Во официјална изјава, Министерството за внатрешни работи објави дека тоа…
…службено побара [од Фејсбук] затварање на овие групи и страници заради насилството на кое истите повикуваат. Исто така, побарани се податоци за лицата, односно ИП адресите на администраторите кои ги креирале овие групи и страници.
Одделот за компјутерски криминал од своја страна ги сними и ги документираше сите членови на групите и поддржувачите, како и профилите на лицата кои прифатиле да учествуваат по поканите испратени за нови пресметки на Кале.
МВР апелира до сите посетители на социјалните мрежи да се воздржат од говор на омраза и да престанат со повикување на насилство, бидејќи ќе бидат преземени сите неопходни мерки за нивно идентификување и спречување во намерите.
Некои од групите активни до вчера беа навистина затворени, а настанот на Фејсбук закажан за наредната недела – собир чија цел е да ги „обедини“ етничките македонски групи на фудбалски навивачи од разни градови (кои инаку се непријателски расположени меѓу себе) бил „откажан“.
Фејсбук исто така продолжува да служи и како главна платформа за поцивилизирани онлајн дискусии за различни аспекти на ситуацијава, но овие настани ја размрдаа и заспаната македонска блогосфера. Една од честите теми е дали целата работа била наместена, изрежирана претстава од главните партнери во владината коалиција, или знак за вистински конфликт меѓу нив. Обете опции обезбедуваат политички поени оти партиите се претставуваат како бранители на нивните етнички (често опишани како „национални“) интереси.
Провладините корисници на социјални медиуми, како блогерката Кими, промовираа еден видео клип со кој се обвинува камерманот на „А1 ТВ“ за исмевање на етничките македонски навивачи во текот на инцидентот на Кале. Некои од коментарите на овој пост претставуваат обид да се префрли вината за инцидентот врз оваа телевизиска станица, која веќе некое време е под разни форми на притисок од страна на владеачката политичка партија.
Некој етнички македонски блогери исто така пишаа за дополнителниот скандал во кој е вмешан локалниот вработен во Холандската амбасада: Артан Груби, претседател на етничката албанска НВО „Разбуди се“ (Zgjohu!), бил меѓу организаторите на контрапротестот во недела и учествувал во тепачката (снимен од ТВ-камерите) Оваа информација прво ја прошири весникот „Вечер“ и потоа ја повтори „ТВ Сител“. Овие два медиуми имаат ист уредник (Драган Павловиќ – Латас) и се во сопственост на „олигарси“ блиски до Владата. Обата стопанственици се и лидери на мали политички партии кои се членки на владината коалиција: првиот на Партијата на правдата во РМ, а вториот е и пратеник од Социјалистичката Партија.
Блогерот Зорив постави линк до написот на Сител со прашање дали настанот треба да се смета за „дипломатски инцидент“ Робото повика да се покрене кампања преку е-пошта со барање до холандската амбасадорка да реагира. Изутринава, косовскиот портал „Телеграфи“ потврди (на албански) дека Артан Груби бил „суспендиран од неговата позиција на политички советник поради неговата улога во судирите од неделата“.