ИДИС го напушти сирискиот град Рака, но нагазните мини продолжуваат да осакатуваат и убиваат

Уништена улица во градот Рака. Сликата е од Абод Хамам, и се користи со дозвола.

Речиси четири години, во периодот меѓу 2013 и 2017 година, сирискиот град Рака беше под контрола на една од најкрвавите џихадистички групи на векот: ИДИС, исто позната како ИДИЛ, Даеш или Исламска Држава.

За време на владеењето, ИДИС ги присилуваше жителите на градот – назначен за центар на нивниот „калифат“, да ги следат екстремните правила. Оние кои не се потчинуваа беа убивани преку распнување или други брутални методи на јавно погубување.

Во октомври 2017 година, по четиримесечна битка, Сириските демократски сили (СДС) – коалиција на курди, арапи, асирци и други групи, поддржана од САД, успеа да ја преземе контролата врз градот во свои раце и да ја истера ИДИС. Според „Бибиси“, повторното освојување на Рака наводно вклучува договор меѓу СДС и ИДИС кој им овозможува безбеден премин на војниците и семејствата на ИДИС до Деир Езор, во истокот на Сирија.

Но, и покрај поразот на групата во Рака, ИДИС не беше завршила со предизвикување штета врз населението. Како што еден војник им рече на цивилите пред да се повлече од градот: „Земјата ќе се бори за нас“.

Еден од начините на кој „земјата“ се „бори“ за ИДИС е преку нагазни мини.

Во телефонски разговор за „Глобал војсис“, Абу Фарес, маж од 53 години кој ги загуби двата сина поради нагазните мини поставени од ИДИС, рече со глас полн тага:

When the SDF and the international coalition attacked the city, we were forced to leave. However, we couldn't leave at the beginning of the fight, because ISIS used us as human shields. I lost one of my sons while we were trying to flee the city in the Shahdah district when a landmine exploded.

Кога СДС и интернационалната коалиција го нападнаа градот, бевме принудени да заминеме. Меѓутоа, не можевме да заминеме на почетокот од борбата бидејќи ИДИС нè користеше како човечки штит. Едниот син го изгубив кога експлодираше мина додека додека се обидувавме да побегнеме во областа Шахда.

Прочитајте: ИДИС остави илјадници мини во Манбиџ пред да избега. Ги скри насекаде.

Абу Фарес го загуби вториот син еден месец по завршувањето на битките.

A month after the battles ended we were allowed to return to our homes. I sent one of my sons to check our home near the clock roundabout, but when he arrived, the landmines were waiting for him in front of the house's door”.

Еден месец по завршувањето на битките ни дозволија да се вратиме дома. Испратив еден од синовите да го провери нашиот дом близу саат-кулата, но кога пристигна, нагазните мини го чекаа на влезот од нашата куќа.

Според член на „Рака ја масакрираат во тајност“, група локални активисти кои ги документираат злоделата во градот, вкупно 220 цивили се убиени и многумина се повредени во Рака по победата на СДС поради нагазните мини поставени од ИДИС.

Нагазна мина поставена од ИДИС во Рака. Фотографија на „Рака ја масакрираат во тајност“. Искористена со дозвола.

Кога операцијата „Гневот на Еуфрат“, кодното име за операцијата анти-ИДИС, започна во ноември 2016 година, ИДИС почна да поставува голем број нагазни мини со цел да ги спречи силите на СДС да се доближат до Рака. Сепак, наместо да ги погодуваат посакуваните мети, мините често убиваа цивили кои бегаа од војните.

Експлозивните уреди исто така убија неколку војници на СДС, меѓу кои и британскиот волонтер Oливер Хал, кој пред неколку месеци го загубил животот додека ги отстранувал мините. За време на пишувањето, СДС уште го немаше објавено бројот на војниците кои загинале од мините.

Волонтерската организација „Рож“ (Скратено од Рожава, регион во северна Сирија и западен Курдистан) работи на отстранување илјадници мини во градот со помош на Граѓанскиот совет на Рака и меѓународни организации.„Бројот на неексплодирано оружје во Рака е нешто што никогаш порано не сме го виделе“, изјави помошникот секретар на ОН Панос Мумцис за „Ројтерс“ во февруари 2018 година.

Но некои жители сметаат дека работата не се извршува доволно брзо. Амира, 35 години, за „Глобал војсис“ изјави дека морала да плати 50,000 сириски фунти (околу 100 американски долари) за да дојде човек и да ги отстрани мините од нејзината куќа, откако организациите кои ги отстранувале мините во нејзината област го одбиле нејзиното барање, со изговор дека на нејзиното соседство сè уште не му дошол редот.

Таа рече дека морала да се врати во Рака, иако првично избегала од градот, поради ужасните услови во камповите на север наменети за внатрешно раселените лица.

ISIS planted mines everywhere, under beds, among the rubble, inside fridges and wash machines even inside an electric lamp experts found a mine.

ИДИС поставиле мини насекаде, под креветите, меѓу рушевините, во фрижидерите и машините за алишта, а експертите најдоа мина дури и внатре во електрична ламба.

Според жителите, населбите Ал-Тајар, Ал-Мишаб и Ал-Дариа се досега единствените области кои се целосно исчистени од мините.

Прочитајте: Двајца сириски активисти објаснуваат како е да си заробеник на ИДИС во Ал Баб 

Процесот на деминирање во Рака се одвива многу бавно поради недостатокот на средства и ресурси достапни до Граѓанскиот совет. Оваа ситуација ги присилува граѓаните да се вратат во своите небезбедни домови, и редовно предизвикува жртви во градот кој речиси четири години страдаше под окупација на ИДИС.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.