- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Индија: Смрт на предисториски јазик

Категории: Индија, Граѓански медиуми, Јазик, Староседелци, Уметност и култура

Во февруари 2010 година, последниот говорител на древниот јазик Бо (или Ака-Бо), Боа Постарата, почина [1] во својата татковина, Андаманските Острови [2] во Индија. Ова е јасна потврда за точноста на минатогодишниот извештај на УНЕСКО, кој предупреди дека 2.500 јазици се на работ на изумирање [3].

Видео: Боа Постарата пее на нејзиниот мајчин јазик, преку Survival International [1]

Сара Двејн, од Минесота (САД), на својот блог True to Words [4] посветен на „истражувањето на јазиците и на пишувањето“, информира за веста и додава дека некои јазици кои се сметаа за веќе изумрени, во последно време оживеаа:

Во 1992 еден истакнат американски лингвист предскажа дека до 2100 година, 90% од светските јазици ќе престанат да постојат. Еден од тие јазици умре минатиот месец кога 85-годишната Боа Постарата почина. Таа беше последниот говорител на Бо јазикот, кој броејќи 70.000 години старост, беше еден од најстарите јазици во светот.

[..]

Јазиците можат да се вратат од работ на изчезнување, па дури и од целосно исчезнување, доколку постои доволно голема волја и најважното – доколку доволен дел од тој јазик постои во пишувана форма. Еврејскиот јазик беше мртов јазик на почетокот на 19ти век. Постоеше во академска пишувана форма, меѓутоа не се знаеше како се изговараа зборовите. Упорноста и волјата на израелските Евреи го вратија јазикот во секојдневна употреба. Исто така, постои и заживување на велшкиот јазик во Велика Британија и на маорскиот во Нов Зеланд.

Блогот Transubstantiation [5], кој за себе вели дека се обидува да „најде смисла во наследството на Вавилонската Кула“ предлага документирање на јазиците кои се во процес на изумирање:

Доколку можеме да го зачуваме животот на јазиците, тогаш треба да го сториме тоа по секоја цена. Меѓутоа, понекогаш тоа не е возможно и тогаш, ние како лингвисти, треба да ја извршиме нашата можеби најтешка должност – да анализираме, да опишеме и да документираме; да го дефинираме јазикот така што да можеме да ги користиме нашите познавања на тие јазици за да направиме додатни истражувања во општото познавање на човечката состојба.

Андаманските острови. Фотографија од Venkatesh K на Flickr

Андаманските острови. Фотографија од Venkatesh K на Flickr

Блогот Madhu Baganiar [6], кој му припаѓа на заедницата на домородците Ораони (Курук), коментира за исчезнувањето на јазикот Бо со смртта на Боа Постарата:

Секој јазик има своја уникатна историја, културен стил и приказна. Кога еден јазик умира, заедно со него умира и едно огромно складиште на знаења поврзано со јазикот. Денес, умре еден жив племенски јазик. Утре, сигурно е дека и други племенски јазици во Индија ќе умрат. Постојат стотици причини кои ќе ги убијат живите јазици на племињата…

Ирскиот блогер The Poor Mouth [7] тагува за загубата на Бо и вели:

Јазиците доаѓаат и си заминуваат – можеме да ги видиме трагите од некои загубени јазици на Британските Острови (Јола, Норн, Кумбриски итн.) – но не можам а да не чувствувам дека кога јазиците умираат, изчезнува нешто значајно од богатата, темна супа од која се состои човештвото. Заминувањето на Боа не прави сите нас безвредни.