- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Македонија: Онлајн бунт против Скопје 2014

Категории: Источна и Централна Европа, Македонија, Владеење, Граѓански медиуми, Дигитален активизам, Економија и бизнис, Политика, Протест, Уметност и култура

По повеќегодишни затскриени најави, медиумски манипулации и бирократско избегнување на барањата за транспарентност, отчетност и граѓанско учество, локалната власт на општина Центар [1] најпосле го објави планот, направен во координација со централната Влада [2], да го посее центарот на Скопје со низа нови споменици и згради.

Подолу е видео-клип со презентација на владиниот проект:

Виктор Арсовски од IT.com.mk набрзо понуди преглед [3] на реакциите на објавувањето на владиниот план:

Граѓаните преку друштвените мрежи, Фејсбук, Твитер, Јутјуб го коментираат, критикуваат, исмеваат и помал број го фалат идниот изглед на Скопје во 2014 година. Макфакс го закачи видеото „Визуелизација на центарот на Скопје во 2014“ [4] на Јутјуб вчера, на 4 февруари. За само еден ден видеото го привлече вниманието и е гледано 16.000 пати, а искоментирано 380 пати.

Десничарскиот блогер Алекс Карека го изрази [5] [АНГ] погледот на многу од неговите идеолошки истомисленици:

Јас лично сум импресиониран и фасциниран. Скопје ќе добие еден од најубавите градски центри.

Од друга страна, г. Арсовски точно забележа дека повеќето реакции изразуваат несогласување од естетски причини и/или поради високите трошоци за проектот, особено откако градоначалникот на општина Центар неодамна изјави [6] дека во врска со економската криза ’најтешкото помина – сега имаме пари за споменици‘ за кои се проценува дека ќе чинат најмалку 17 милиони евра.

Волан, блогер и економист, можеше само да нагласи дека ова не е виц [7], иако изгледа како такво нешто. Ненад Јовановиќ ја цитираше баба си [8] која велела:

„Синко, глупоста и кичот немој никогаш да ги потцениш“.

Порталот Окно објави збирка коментари [9], како надоврзување на претходни написи за овој и сродните феномени, чии автори пишуваа за општата преоптовареност од сè [10] или иронично забележуваа [11] дека во иднина Македонија ќе може да конкурира на Велигденскиот Остров [12] [АНГ]:

Туристичките водичи инспирирано ќе им објаснуваат на светските добронамерници како оваа изумрена цивилизација од уста двоела, среде транзиции и светски кризи, за споменици и други скаменети творби сè со цел да стане нешто што ќе остане во времето и ќе сведочи за нејзиниот непокор спрема клетите комшии и другите белосветски клеро-фашистички душмани.

Соочени со апсурдното, твитерџиите (#Skopje2014 [13]) и корисниците на Фејсбук често користат хумор како противотров.

На пример, Интерпретер објави луцидна песна наречена „Две иљаде и четрнаеста…“ [14] (која ја пренесе [15] и Окно), додека ФлаврСавр го спореди клипот со рекламата за компјутерската игра Цезар IV [16]

…само гладијатори ќе бидат новинари и остали предавници [асоцирајќи на техниките за дискредитација кои ги користат поддржувачите на власта]

Преку Твитер исто така се прошири и изјавата на Рамадан Рамадани [17], претставник на исламската заедница, кој бара додавање на џамија во планот – или отстранување на новата црква:

…главниот град на Македонија кој им припаѓа на сите граѓани не е поле за играње [Фармвил [18]] [АНГ].

Еден љубител на историјата ја спореди „визијата“ да се направи величествена национална престолнина [19] [АНГ], преку масовни и скапи новоградби, со други слични неуспешни амбиции од минатото.

Авторот на блогот Психа, д еџ оф лоџик! предложи [20] куполата што Владата планира да ја додаде на зградата на Собранието да се претвори во планетариум [21]. Македонија има семо еден таков објект изграден во раните седумдесетти години на XX век кој од тогаш не е реновиран и страда од негрижа [22] поради недостатокот на буџет за одржување.

Активистите кои беа истепани минатата пролет [23] заради несогласување со власта, повикаа на спонтан протест [24] против игноратнскиот однос на Владата кон реакциите на граѓаните. Протестот е закажан за сабота, 6 февруари во 2 попладне, „на оној дел од плоштадот што во овој момент остана неокупиран“.