- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Украина: „Ако Google беше државна компанија…“

Категории: Источна и Централна Европа, Украина, Владеење, Економија и бизнис, Закон, Технологија, Хумор

Во текстот подолу [1] (украински; руски превод од LJ корисникот grosman може да погледнете тука [2]), LJ корисникот dali_bude, кој живее во Лавов, се потсмева со украинската државна бирократија, опишувајќи како би било доколку се изврши пребарување на Google ако Google е украинска државна компанија. Има скоро 60 коментари на овој пост, а повеќето читатели мислат дека пародијата е многу смешна, иако по малку е и страшна и тажна – бидејќи е многу блиску до вистината.

Ако Google беше државна компанија…

- Пребарувањата ќе требаше да бидат предадени во пишана форма, на специјална апликација во вторник или четврток од 09:00 до 11:00 часот, во местото каде што сте регистрирани како жител [3]. За да го направите ова ќе треба да стоите во ред со 30 луѓе.

- Пишаната апликација ќе го содржи терминот за пребарување, како и вашата дата на раѓање, адресата на која сте регистрирани, адресата на вашето вистинско живеалиште, бројот на деца, бројот на лична карта, податоците од пасош. Со вашето барање, ќе треба да приложите и колор фотографија, не постара од три месеци (ист тип како онаа на вашиот пасош). Ќе мора да приложите три оригинални копии од пишаното барање.

- Следниве документи ќе мора да бидат дополнително поднесени заедно со пишаното барање:

* сертификат со кој се потврдува дека не сте осудуван;

*сертификат со кој се докажува дека немате долгови кон јавните сервиси, вклучувајќи и сертификат да потврдите дека немате долгови за греење од 2002;

* сертификат од нарколог и психијатар кој ќе ја потврди вашата компетенција;

* потврда за ислужен воен рок;

* пишана дозвола од вашите родителите […] и возрасни деца, потврдувајќи дека немаат ништо против вашето пребарување; ако имате малолетни деца, тогаш ќе ви треба дозвола од старателот;

*одлука од експертска комисија на Министерството за внатрешни работи со која се потврдува дека вашето пребарување нема да доведе до откривање на некој државни тајни (документите се примаат секоја трета сабота или секој немарен месец од 16:00 до 16:30 часот);

* одлука од регионалниот департман на националниот комитет за работи поврзани со моралот, за потврда дека вашето пребарување не содржи пцости или порнографија (моментално не се прифаќаат документи во местото на вашата регистрација поради поправки);

* сертификат од болница дека ги имате примено сите потребни вакцини и никаков вирус нема да се прошири на интернет поради вашето пребарување;

* сертификат со кој се потврдува дека нема други пребарувања кои се разгледуваат од [државната компанија]„Google“

- Потребно е да ги направите следниве уплати пред да ја предадете вашата апликација:

* цената на пребарувањето (450 хривнии) [приближно 56 долари];

* осигурување (8.50 хривнии) [приближно 1 долар];

* задолжителен волонтерски придонес за фондот за иднината на Google (93.11 хривнии [11.63 долари], ВЕ МОЛИМЕ ЗА ТОЧНА СУМА, БИДЕЈЌИ НЕМАМЕ СИТНО ЗА ДА ВИ ВРАТИМЕ КУСУР!);

- Пребарувањето ќе биде прифатено само откако ќе потпишете дополнителен договор, со кој прифаќате да не користите сервис на друг пребарувач во наредните три години од денот на потпишување на договорот. Договорот се потпишува во присуство на нотар (потребно е да се плати за нотарот сума од 150 хривнии [18.75 долари]).

- Потребно е да дојдете не порано од 20 работни денови за да ги подигнете вашите „Цитати од интернетот“ (официјалното име на резултатите од пребарувањето) и за тоа ќе мора повторно да чекате во ред. Ќе ги добиете цитатите во печатена форма (испечатени на матричен печатар). Поради недостаток на финансии во државниот буџет, графиките кои се појавуваат во резултатите од пребарувањето, нема да бидат испечатени.

- Ако резултатите не се таму сè уште, ќе мора да чекате уште 20 денови, кога ќе имате право повторно да го поднесете вашето барање за пребарување.

- Доколку поседувате веб-сајт и овозможувате слободен пристап до информации, тогаш, според законот #666-66 од 38 февруари, 2010, поради потребата од државна регулација на информациите на интернет и со цел да се обединат пребарувачките сервиси и да се овозможи полесен пристап до информации на интернет за украинските граѓани, вие сте обврзани:

*веднаш да ги доставите сите информации од вашиот сајт на државната компанија„Украински Google“ на 3.5-инчна дискета (само дискети произведени од приватната компанија „Дискети-Google“ се дозволени, цената на едно парче е 25 хривнии [3.10 долари]);

* откако ќе добиете потврда, вие мора да ги избришете сите информации од вашиот сајт во рок од пет денови.