Македонија: Дали Скопје е навистина најзагаден град на светот?

Првобитно објавено на англиски на 6.12.2011.

За разлика од властите, корисниците на социјални медиуми реагираат на емпириските информации за високите нивоа на загаденост во Скопје, главниот град на Македонија.

Како дел од реформите за приклучување кон Европската Унија (ЕУ), Македонија треба да почне да ги мери и подобрува индикаторите од областа на животната средина. Извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија за 2011 година (пдф, на англиски) дипломатски укажува дека има стагнација наместо вистински напредок преку повторување на оценките од  Извештајот за 2010 година (пдф, на англиски, достапен е и превод на македонски направен од Секретаријатот за европски прашања при Владата на РМ):

Може да се забележи одреден напредок во областа на квалитетот на воздухот. Транспонирањето на acquis-от продолжи со донесување на одредени закони за спроведување. Беа ратификувани уште три протоколи на КДПЗВ. Постигнат е одреден напредок во развојот на системот за следење на квалитетот на воздухот. Административниот капацитет останува недоволен на централно и на локално ниво. Подготовките во оваа област се умерено напреднати.

Цела деценија, клучните статистички податоци за животната средина недостасуваат од извештаите за напредокот кон ЕУ, бидејќи не биле обезбедени од Владата на РМ. (Кликнете за да ја зголемите сликата на извадок од документот)

Во текот на последните две и пол недели, објавувањето на Интернет на податоците од станицата за мерење на квалитетот на воздухот наречена „Скопје дише“, инсталирана во центарот на Скопје, овозможи нова димензија за граѓаните и некои новинари.

Порталот Плусинфо.мк почна во детали да го покрива ова прашање. За овој портал е погодно што дава податоци за нивото на реакции на социјали медиуми преку копчиња. Написот од петок, 3 декември, го спореди „шокантното“ ниво на загадување во Скопје со податоците од  базата за загадување на воздухот на СЗО:

Според податоците на Светската здравствена организација од пред извесно време, во светот најзагаден е градот Ахваз во Иран со 372 микрограми ПМ10 прашина на метар кубен, но во моментов според веб страницата на Град Скопје – „Скопје дише„ во главниот град на Македонија оваа прашина е застапена со 433 микрограми на метар кубен. Инаку, границата на СЗО за ПМ10 е 50 микрограми на метар кубен воздух.

Овој напис доби над 1,432 споделувања на Фејсбук и најмалку 19 твитови, од кои дошло до над 22,185 читања до времето на затворањето на овој пост. Другите написи на оваа тема исто така се здобија со значително внимание на социјалните медиуми, особено известувањето дека мерната станица ненајавено била затворена на неколку часа наредниот ден. Други медиуми исто така ги следат мерењата, кои на 4 декември покажуваа дека има 488.99 микрограми на кубен метар. Владините тела задолжени за заштита на животната средина или молчеа или ги изнесоа вообичаените изговори – не било во нивна надлежност, ќе истражеле итн.

Иако споредувањето на тековните мерења (на дневно ниво) со годишните просеци на СЗО е методолошки дискутабилно, ниту еден официјален експерт не излезе во јавноста да понуди демант или научно објаснение во врска со споредбата и реалното загадување. Според базата на податоци на СЗО, годишната средна вредност за ПМ10 за Скопје е 80 микрограми по кубен метар. Тековните мерења покажуваат нешто помали нивоа од „светскиот рекорд“, но сепак остануваат опасно високи со вредност од 276 мг на кубен метар.

Слика од екранот на „Скопје дише“ за понеделник, 5 декември. Нивото на загадување е означено како „многу нездраво“

Корисникот на Тамблр Стаматовски реагираше со создавање нова разгледница за Скопје, која доби многу реобјавувања и ретвитувања.

„Поздрав од Скопје“ – дизајн за разгледница од Коста Стаматовски. Реобјавено со дозвола на авторот.

Стаматовски напиша:

Ајде сега, откако „разгледницата“ предизвика толкав интерес, на кој искрено не се надевав, сите да ве потсетам дека за нејзиниот изглед сме сите од прв до последен одговорни!

Исто така, ова ниту е нешто ново, ниту ќе се промени за два дена!

Да престанеме сите да се возиме сами во автомобил, да не одиме и до кујна со автомобил, да не се паркираме на 3 милиметри од дестинацијата и генерално да станеме по свесни за околината.

И сите да посакаме што побргу да падне еден снег. 🙂

Од друга страна, Дејан Спасески ги критикуваше претераните реакции на вестите за загадувањето преку неговиот блог за личен развој:

Јасно ни е како ден каков е квалитетот на воздухот во Скопје. Тоа ни беше јасно уште од многу одамна. Единствената разлика е што сега свеста е на повисоко ниво. Сега имаме место и начин каде можеме во секое време да кликнеме и да ја добиеме информацијата веднаш. Ова, создаде значителна разлика кај сите нас.

[…]

Моја лична филозофија е дека сè се прави чекор по чекор, по принципот на каматно каматниот ефект… За сè треба време, доволно е да се почне да се презема било што за да се промени тековната ситуација. За мене и ова е одличен почеток и се движиме во одлична насока.

Она што ме изнасмеа беа реакциите на дел од луѓето во врска со ова. На некои од друштвените мрежи ги следев реакциите на луѓето за загаденоста на воздухот. Најголемиот дел од првичните коментари беа обвинувања дека сето тоа е резултат на Скопје кое постојано се гради и доградува, се издигаат висококатници, се сече шумата на Водно, се изградиле населбите Порта Влае и Капиштец, па до тоа дека не ни треба Скопје 2014. Секој втор ја прозиваше владата или градоначалникот на Скопје како со години не презеле ништо во врска со ова.

Дел од нив се колнеа дека нема да излезат надвор додека не се дигнела маглата, додека квалитетот на воздухот не се врати во границите на светските стандарди – како во големите метрополи. Доколку седат по дома, квалитетот на воздухот е нешто подобар или само така си мислат за да им е полесно? Други изјавија дека ќе излезат од домовите кога Скопје повеќе нема да е на прво место по загаденост. Не знам какво олеснување би им претставувал податокот дека има друг град со поголема загаденост? Дали можеби чувството дека не се жртви број еден туку број два во светот?

[…]

Се бунтуваат за загаденоста а сите сакаат да дојдат и да живеат во Скопје. Особено ме револтираат оние кои постојано изјавуват дека едвај чекаат да дојде петок попладне за да заминат во родниот град или пак други кои одат на викенд во Охрид или Крушево. Да побегнеле од овој смрад. Па зошто тогаш во Понеделник 08:00 повторно се построени на патарините во Глуво или Петровец?

Не е лојално да се плука по градот во кој живееме. Градот кој ни понудил егзистенција. За возврат, размислувајте во насока како можете да помогнете во неговото подобрување. Сега кога знаете колкава е загаденоста на воздухот, наместо со возило, низ граадот можете да се возите со автобус. Ем ќе поевтино за Вас, ем помалку ќе го загадите градот. Доколку секојдневно, сами се возите со автомобил до работа, зошто да не се возите со новите кинески автобуси на градот?. Ем ќе е поевтино за Вас, ем помало загадување за градот во кој живеете.

Најлесно е да се плука и да се обвинува. Тоа е во природата на секој човек. Така му е полесно. Наместо тоа, обидете се да бидете поинакви и да размислувате поинаку.

[…]

За доведување во ваква состојба на воздухот во градот биле потребни неколку децении. Исто толку ќе бидат потребни и за поправање на состојбата. Треба време.

Додека ваквиот апологетски однос кон одговорните власти доби контра-критика на Пинг.мк, корисникот на Твитер Ѓорѓи Ташковски преку коментар одговори на еден многу поконкретен аспект на текстот:

Не ми е јасно зошто те револтираат оние кои сакаат преку викенд да „избегаат“ од Скопје. Ќе се послужам со личен пример. Имам 2 деца, родени 2005 (машко) и 2006 (женско). Сега за сега супер напредуваат. Но со жена ми имаме еден проблем со малиот. Мрсули. Го носевме на тестови за алергија (секое годишно време по еднаш). Ништо не најдоа. Докторот кој беше одговорен ни е домашен пријател. Кога го замолив за најпријателски совет, знаеш ли кој беше одговорот? „Преселете се во Радишани!“. И сега ти велиш да се срамам што „бегам“ од Скопје преку викенд (роден скопјанец сум инаку). Ќе бегам, ич не ми е гајле! Жена ми е од Паланка, нејзините пред 1 година се преселија/вратија во родното село (Т. Рудари близу Злетово). Кога се таму децата (Паланка или Рудари сеедно), промената е неверојатна. Мрсули јок, јадат ко скинати.

Се согласувам дека загаденоста е на високо ниво со години и години наназад. Решение: Исто како во Љубљана. ЗАБРАНА за доселување во градот од другите градови, релокација на работни места преку релокација на индустриски капацитети, можност за студии вон Скопје и пред се, развиена железничка инфраструктура (кој живеел во Германија или Англија, а верувам и било каде во Европа знае). Отстранување на прастарите камиони (ќе нема кој да гради, но тоа не е мој проблем) е супер опција. И пред се, веќе еднаш да признаеме дека живееме во катастрофално осмислен град кој се шири ислкучиво по должина и дека спортските терени/капацитети, многу Веро продавници, кина и слично не се единствен предуслов за квалитетен живот. Некој ќе каже, тешко да се организира swarm фестивал како оној вчера во Рамстор. Мојот одговор е „Јак ташак!“. Некој ќе каже, во Скопје има најдобар ноќен живот. Мојот одговор, „Јак ташак!“. Некој ќе каже, имаме [супер Зоолошка]. Мојот одговор, „Јак ташак!“. Имајте деца па ќе ве видам како размислувате.

6 коментари

  • Темата е навистина жешка.
    Многу добро го разбирам достодинот Ташковски кој има проблеми со двете деца.

    Пред месец дена ја прашав мајката на еден мој другар која работи во здравствено – рехабилитациона установа – Каква е состојбата со асматичарите и воздухот?
    Ми рече- Страшно е Виктор, полни се диспанзерите.

    Кога навечер, во деновите пред да почне да паѓа снегот ќе се приберев дома, облеката буквално ми мириса на димено месо со тенка линија на суптилен токсичен мирис. Имам студирано хемија и знам нешто за штетни и отровни гасови. Скопскиот воздух е токсичен не е само обично загаден.

    Инаку сум ултра спортски тип (непушач) кој одржува здрав живот и вози велосипед и во зима. Понекогаш се приметувам како половично земам воздух бидејки го осеќам како ме гуши.

    Скопскиот воздух не е здрав во најмала рака кажано, тој е отровен.

    Дополнително, шетам и патувам низ државата и низ Европа и во последниве 20 години немам посетено и видено град со поголема воздушна загаденост.

    Е, сега ако илјадници луѓе го констатираат и реагираат на истото нешто треба и може да се превземе, што на индивидуално што на колективно ниво.

    Јас би сакал да поставам некое прашање во таа насока?

    1) Каков ќе ни биде квалитетот на животот во градот доколку воздухот е чист?

    2) Како би се однесувале ако имате дете болно од асма или вие имате ваков проблем?

    3) Што можете на лично ниво да превземете за намалување на воздушната загаденост?

    4) Каков лидершип ни е потребан да го направиме скопскиот воздух џам чист?

    Главните загадувачи на Скопје се

    – Сообраќајот
    – Скопска Железара
    – Скопска Цементара
    – Топлификација (во зимскиот перод)

  • […] Автоматскиот систем за мерење на загадувањето лоциран во центарот на Скопје предизвика голем интерес на јавноста минатата година со известувањата дека степенот на загадување на воздухот е алармантен. […]

  • Светот зборува, слушај што кажува?

    Биди дел од промената која сакаш да ја видиш.

  • batadjango

    Најголема придобивка од загадениот воздух во Скопјево ни е што – барем гледаме што дишеме! 🙂

  • Ристе

    Поликлиниката Ѓорче Петров претставува директна закана за жителите на Зградата која се наоѓа улица Булевар Црвена Армија бр. 20 и е оддалечена на 30 м од Поликлиниката.

    Поликлиниката се загрева со парно на дрва, а оџакот е низок па целиот чад најчесто доаѓа директно во зградата.

    Мора што побрзо да се реагира поликлиниката да се поврзи на градско парно или да се префрли на струја или да се изнајде друго еколошко решение бидејки доколку продолжи ваквата состојба тоа би било еднакво на локален ГЕНОЦИД

    Жителите на зградата стравуваат дека во печките се гори и медицинскиот отпад, бидејќи понекогаш се чуствува мирис на пластика.

    Искрено се надеваме дека на овој проблем ке му се пристапи искрено, сепак се работи за здравјето на луѓето … ДЕЦА ….. БЕБИЊА

  • […] дека не се жртви број еден, туку број два во светот?“, (Дејан Спасески, блогер и ИТ […]

Откажи го одговорот

Приклучи и се на дискусијата -> batadjango

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.