- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Србија: Претседателот Тадиќ повторно избран

Категории: Популарен напис, Прв напис!, Еден месец, Два написа, Три месеци, Пет написи, Шест месеци, Десет написи, Една година, Две години, Дваесет и пет написи, Педесет написи, Пет години, Седумдесет и пет написи, Сто написи, Десет години, Двесте написи, Триста написи, Источна и Централна Европа, Србија, Војни и конфликти, Етничка припадност и раса, Избори, Историја, Меѓународни односи, Миграција и имиграција, Политика

Подолу се наведени неколку размислувања на англофонски блогери околу исходот од претседателските избори во Србија.

Ерик Горди од Источна Етнија [1] ја започна неговата анализа [2] за OpenDemocracy.net со ова резиме:

Неубедливиот резултат од првиот круг на претседателските избори во Србија одржан на 20 јануари 2008 г. резултираше со втор круг во недела 3-ти февруари [3]. Повторно, се стравуваше дека екстремната националистичка десница застапувана од Српската радикална странка (СРС) и нејзиниот кандидат Томислав Николиќ ќе однесат убедлива победа; но исто како во првиот круг, извонредно високата излезност спречи таков исход. Сегашниот претседател Борис Тадиќ од Демократската странка (ДС) се провлече [4] до победата со 50.5 % наспроти 47.9 проценти на Николиќ. Со тоа, Тадиќ веројатно стекна одредена политичка автономност за неговиот втор петгодишен мандат [5], но ништо не е сигурно. […]

На 15-ти јануари, Крис Фармер на неговиот блог „Б92“ пишуваше за стравувањето на неговата српска беби-ситерка од победата на Николиќ [6]:

Еден ден, пред неколку недели, ја слушнав кога рече дека ќе се спакува и ќе ја напушти земјата доколку радикалите, т.е. насмеаниот „Томи Ник“ победат на претстојните претседателски избори.

Хм, и реков. […]

Во делот за коментари од овој напис, Александар Стошиќ одговори:

Твојата беби-ситерка не е единствената. Многу млади и средовечни Срби ми го кажаа истото, никој не сака уште една војна, уште една криза, уште една инфлација, уште една регионална нестабилност. Јас лично, секогаш го чувствувам истото во предизборниот период. […]

Лајтхаус се надоврза на Стошиќ:

[…] Твојата беби-ситерка веројатно се сеќава на 1992 г., и фамозниот егзодус на странските дипломати во конвој. И јас се сеќавам. Иако не сум беби-ситерка, во тоа време заработував благодарение на дипломатите. Кога тие си заминаа, морав да го затворам мојот мал бизнис.

Значи, тоа е она што „го знае“ твојата беби-ситерка. Така што, ако победи Ник Гробарот, спакувај се. Подготви се да си одиш дома, затоа што твојата беби-ситерка веќе ќе биде таму.

Алан Јакшиќ, хрватски Србин кој живее во Англија, познат како балкански анархист, со олеснување ја прими веста за победата на Тадиќ [7]:

[…] „Иако во идеалниот свет не би требало да има држави и граници, ниту влади или политичари, а со тоа би немало потреба ни за избори, ова е сепак добар резултат.“ […]

Во написот за првиот изборен ден [8], Јакшиќ за двата кандидати и Србите од дијаспората вели:

Борис Тадиќ [9] докажа дека е повеќе од способен да води земја како Србија, со оглед на нејзиното недамнешно минато. Под негово водство, Србија полека го подобруваше својот углед низ светот. Каде и да се спомне добар збор за Србија, толку подобро за Србите во Дијаспората и Србите во соседните земји како Хрватска, од каде сум и јас. Секако, се шири добра енергија! […]

[…] Според министерот на дијаспората – Милица Чубрило [10], Србите од дијаспората вообичаено гласаат за демократската опција. Србите од дијаспората не сакаат нивната земја Србија и нивните роднини кои живеат таму повторно да минуваат низ нестабилноста од деведесеттите. […]

[…] Навистина не сакам да победи Николиќ. Можам да разберам зошто многу луѓе можат да гласаат за него, но навистина треба да размислат за нас во дијаспората.

Виктор Марковиќ од Белград 2.0, иритиран од постојаната потреба да избира меѓу „црно“ и „бело“, ги замоли читателите да се обложуваат [11] кој кандидат ќе победи:

Оваа црно-бела ситуација не е нешто ново за нас и веќе станува досадна.

Но, да се обидеме да ја направиме поинтересна. Ќе организираме мал натпревар – оној што ќе биде поблиску во своите коментари до официјалните резултати добива пиво во Белград. Секако, може да се придружат и губитниците.

Иако се уште не се објавени победниците на натпреварот на Белград 2.0, се чини дека 23 проценти од оние што се обложиле ќе треба да си го платат своето пиво; 5 од 22 гласачи сметаа дека Николиќ ќе го победи Тадиќ.

Даглас Мјур од „Дланка полна евра“ се надеваше на победа на Николиќ, само за да се раздвижат работите, тоа би било лошо на краток рок, но би отворило нови можности понатаму.“ Еве што тој напиша за ставот кој го заземаа Албанците во Србија [12]:

[…] Албанското малцинство во Прешевската долина во Јужна Србија одби да го поддржи Тадиќ. […] Тоа е разбирливо, но за жал кога Албанците одбиваат да гласаат во српската политика, тоа им дава сила на екстремистите од двете страни. Многу Албанци во Прешево мислат дека ќе бидат дел од Косово за неколку години, во замена за делот од Косово северно од Ибар. Можеби тоа има смисла, но нема да се случи наскоро, доколку некогаш се случи, а во меѓувреме не им оди во прилог да ја игнорираат државата во која живеат.

Словенскиот блогер д-р Филомена, пишува [13] за косовското прашање и двајцата претседателски кандидати:

[…] Тадиќ и Николиќ не се толку различни во своите гледишта како што тоа се претставува, а особено кога станува збор за Косово. Според мене, можеби Николиќ ќе можеше (ќе може?) подобро да преговара при појавувањето на првичните изливи на насилство по прогласувањето на независност. Сепак, можеби грешам.