Забранета употребата на мобилни телефони за жените од индиските села

Селски совет во индиската држава Бихар ја забрани употребата на мобилни телефони за жените од селото Сундербари, околу 385 километри (239 милји) источно од Патна, главниот град на Бихар. Населението на Бихар изнесува 104 милиони жители, повеќе од било која европска држава и една третина од населението на Соединетите Американски Држави.

Според весникот The Times of India, најновата забрана доаѓа по забраната од јули за мобилни телефони за девојките од областа Багпат во Утар Прадеш. По ова следува уште една забрана во август за мобилни телефони за девојките под 18 години од областа на Џунџуну, Удаипурвати во Раџастан.

Во Раџастан, забраната била издадена со цел да не се „расипат“ девојките преку прекумерна употреба на мобилни телефони. Во Утар Прадеш забраната за мобилни телефони вклучувала и забрана за жените под 40-годишна возраст за одење на шопинг без машка придружба. Општо земено, овие забрани ги повредуваат правата на слобода и мобилност на жените. Еден локален жител рече:

Беше забележано дека мобилните телефони им даваат „непотребна“ слобода на девојките, што ги оддалечува од тоа да ја следат нашата култура. Одлуката на Панчајат ќе биде строго почитувана во селото затоа што сите ја прифатија.

Фотографија на Gayatri Agnew

Според најновиот случај, во Бихар, службениците во селото тврдат дека мобилните телефони „ја деградирале општествената атмосфера“, наведувајќи ги паровите на тајно бегство од селата. Во последно време, бројот на „бегствата“ од селата забрзано се зголемува. Советот, исто така, воведе и парична казна од 10 000 рупии (180 долари) за девојките кои ќе бидат фатени како користат мобилен телефон по улиците, а омажените жени ќе мораат да платат 2 000 рупии (36,60 долари).

Џагматаи Сангван, заменик-претседателот на All India Democratic Women’s Association, кажа дека мажите кои претседаваат на такви селски совети „сакаат да ги исклучат жените од процесите на модернизација, образование и вработување“. Според блогот India Ink, таа тврди дека овие закони кои целат кон само одредени сегменти од општеството не се легални.

Како што беше соопштено на блогот Techdirt: овде не се работи за „поткопување на моралната структура на општеството“, туку за власта, и тоа особено за распаѓањето на традиционалната машка власт во селото.

Локалните функционери започнаа истраги, велејќи дека овие забрани не смеат да се дозволат во едно здраво општество.

Иако од Индија имаше реакции на Твитер во кои се изразува изненадување поради овие мерки, и обвинувања насочени кон доминантното муслиманско население во селото, сепак религијата не ги објаснува забраните во другите делови на Индија.

@Against_Pseudos: Исламскиот шеријат!! Селото во кое доминира муслиманско население во Бихар, Сундербари, им забрани на девојките и жените користење мобилни телефони!

@HeathaT (Heather Timmons): Забраната за употреба на мобилни телефони за жените и девојчињата во рурален Бихар предизвика протестна кампања преку писма до бихарската туристичка управа: http://nyti.ms/TECSFd

‏@subtletea (Sameer Khandelwal): Индиско село им забранува на немажените жени и девојчиња да користат мобилни телефони. Зошто тогаш да не им забранат на сите, без разлика на полот или брачниот статус?

Kavitha Rao забележува дека мобилните телефони се можеби единствениот еманципирачки инструмент за индиските жени. Во други делови на Бихар, мобилните телефони ги употребуваат активисти и социјални работници за да работат на области како што се здравството и образованието и тоа придонесе до резултати како намалување на стапката на морталитетот кај родилките.

Пред неколку години Контадор Харисон Ванаруа напиша вести за слични забрана за мобилни телефони за немажени жени во друг дел од Утар Прадеш:

Само човек со неоколонијален менталитет нема да ја поддржи критиката за забраната на локалната група за правата на жените, дека мерката е примитивна и неправедна.

Мобилните телефони играат огромна улога во олеснувањето на комуникацијата помеѓу луѓето и не може да се дискриминира во употребата на овие уреди врз основа на полот. Ако оваа политика продолжи, ова би можело да стане национален срам за сите играчи во индустријата на мобилната телефонија…

На фејсбук Sethi Mushtaq пишува:

Ова е вистинската Индија, а не она што нивниот Боливуд го претставува на светот 😛

Да се надеваме дека вистинската Индија ќе престане да ги ограничува слободата и мобилноста на жените.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.