Русија: Онлајн-платформа за ревидирање судски одлуки

Со појавата на „RosPravosudie“ [РусПравда], Русите добија пристап до лесно сфатлива и опсежна база на податоци која содржи информации за правници, правобранители, судии и судски одлуки. Овој проект не вбројува само надградени информации во врска со овие теми, туку одржува и свои статистики кои ја прикажуваат ситуацијата внатре во судскиот систем.

Глеб Суворов, основач на РусПравда, неодамна разговараше со Евгени Воропај од Greenhouses of Social Technologies (Стаклени градини на социјалните технологии) во врска со тоа што би можело да се постигне за само 100 дена од онлајн постоењето, како и за начини за подобрување на судскиот систем.

Евгени Воропај (Е.В.): РусПравда е прилично погоден проект. Како дојдовте до оваа идеја?

Глеб Суворов. Фотография предоставлена владельцем.

Глеб Суворов. Фотографијата обезбедена од страна на сопственикот.

Глеб Суворов (Г.С.): Идејата се роди пред околу една година. Како што често е случај, идеите му доаѓаат на човека како одговор на неговите потреби. Токму тоа и се случи со РусПравда – не можејќи да ги најдеме потребните информации во врска со одредена пресуда, идејата за еден ваков проект ја создадовме јас и мојот партнер. Сигурен сум дека ваквите добри идеи им доаѓаат на луѓе кога тие сакаат да направат нешто за себе. Се случува само тогаш кога ќе почнете да разбирате што точно треба да биде направено и која ви е целта. Невозможно е да се разберат потребите на другите луѓе, доколку не сте ги искусиле овие потреби самите вие на сопствена кожа.

Пред околу една година, судовите почнаа да ги објавуваат сите нивни одлуки на нивните сопствени веб-страници, но имаше еден огромен проблем, фактот што беше невозможно да ја најдете информацијата што ви е потребна. Корисниците кои што не беа добро запознаени со системот поминуваа долго време барајќи. Она што беше потребно беше еден механизам кој што би можел да ги организира и подреди информациите и да понуди некаков вид на статистички податоци. РусПравда беше смислен за да им служи на обичните (просечните) луѓе. Создавајќи ја оваа платформа нашата намера всушност беше накитените приказни на правниците да ги поткрепиме со вистински судски одлуки и сериозни статистики.

Е.В.: На интернет веќе можат да се најдат регистри на адвокати и листи на судии. Што ја прави РусПравда толку необична и единствена?

Г.С.: Кога работевме на проектот ние не размислувавме во врска со тоа што веќе постои на интернет. Дури подоцна погледнавме други постоечки проекти. Имаше на интернет некои пребарувачи на веб-страници за судски одлуки, но дури и во концептуална смисла тие беа различни од нашата идеја. РусПравда беше наменета да биде одраз на актуелната ситуација во која што се наоѓа судскиот систем. Нашиот проект беше наменет со цел да ја прикаже актуелната состојба на работите во вистинските судови и во специфичните случаи. Не бевме посебно загрижени за единственоста и уникатноста на нашиот концепт. Немаше смисла да се споредува или пак да се разликува од други постоечки проекти. Знаевме што сакаме, па така сите овие други проекти не беа за нас од особена важност. Како резултат на тоа, РусПравда моментално ја поседува најголемата база на податоци за судски одлуки на РуНет.

Освен тоа, сите овие други проекти имаат рекламни намери. Нивната цел е да заработуваат од правниците или судиите. Тие всушност зависат во голема мера од интересите на овие заедници. РусПравда пак, спротивно на сето тоа, ги зема предвид интересите на обичните граѓани.

Е.В.: Како работи системот на РусПравда?

Г.С.: Како прво и основно, тоа е база на податоци. Не е овозможен пристап до сите постоечки информации во врска со судиите, правниците, судските одлуки. Нашиот проект му овозможува на корисникот пребарувачки механизам на податоци кои се поврзани со судски одлуки и други информации на таа тема. Системот е доста едноставен: прво прикачуваме информации во врска со судски одлуки на базата на податоци, каде што потоа ги подредуваме и сместуваме во соодветни категории.

Е.В.: На какви проблеми наидуваат вашите корисници и каква помош од ваша страна можат да очекуваат? 

Г.С.: Сите оние корисници кои се занимавале со нашиот судски систем ќе можат да ги разберат информациите поставени на РусПравда во врска со прашањата од интерес. Тие на располагање ќе имаат листи на правници, судии, судски случаи и пресуди. Целната група на нашиот проект би можела всушност да се подели на две категории: луѓе кои имаат позитивни и луѓе кои имаат негативни искуства со судскиот систем.

Се чини дека разликата помеѓу овие две категории на луѓе лежи во нивото на нивното разбирање. Доколку некој е добро информиран и знае што како е, тогаш таа личност најверојатно би била пообјективна во неговите/нејзините очекувања и проценки. Незнаењето доведува до предрасуди и сомнежи. Намената на РусПравда е да информира.

Луѓе кои се запознаени со судскиот систем немаат поим што другите луѓе искусиле во слични случаи. Нашиот извор на податоци овозможува вистинска информација во врска со тоа кој каков случај водел,какви одлуки биле донесени и кои судии ги донеле тие одлуки. Нашите корисници всушност се многу заинтересирани, некои од нив пребаруваат дури до 200 страници на вебстраницата, проучувајќи ги донесените пресуди.

Е.В.: Како реагираше стручната заедница на создавањето на РусПравда?

Г.С.: Од многу судии добивме позитивни реакции во врска со идејата за проектот. Всушност, до некаде, ние само им ја олеснуваме работата. Сепак, добивме измешани реакции од страна на правниците. Во голема мера, тоа е зависно од нивниот однос со нивните клиенти и нивната работа. РусПравда му дозволува на секој корисник да го оцени учинокот на секој правник кој што е регистриран и се наоѓа на листите во базата на податоци. Ова не им се допаѓа на сите, сепак успешните правници ја одобруваат идејата.

Е.В.: Како се справувате со информациите?

Г.С.: Некои од информациите ги собиравме рачно. Подоцна процесот беше преобразен во систем на прибирање и обработување на судски одлуки. Податоците се најпрво прикачувани на веб-страниците на судовите. Нашата работа е да ги собереме, обработиме и додадеме во базата на податоци. На овој начин настанаа и листите на судии, правници и правилници. РусПравда работи со судски одлуки и ги користи податоците најдени токму таму. Секои пет дена ги прегледуваме вебстраниците на судовите и на нашиот систем прикачуваме нови одлуки. На секое прегледување од ваков вид во нашиот систем се додаваат околу 100,000 судски прописи. Денес РусПравда содржи 16 милиони судски одлуки (базата на податоци е редовно освежувана со нови одлуки и квантитативно расте).

Е.В.: Со цел да се задржи интересот на корисниците, платформата ќе треба да продолжи со развивање и да нуди нови услуги.На што работи моментално тимот на РусПравда?

Г.С.: Во оваа фаза, се фокусираме на зголемувањето на разбирливоста на изворот. Би сакале да ја усовршиме базата на податоци на квантитативен и квалитативен план. Секако дека ќе продолжиме да ги развиваме статистиките кои ги засегаат судските прописи, како и други судски и правни стручни активности. Би сакале да го направиме изворот на информации повизуелен. Исто така би сакале да го зголемиме и прометот на платформата. Треба на секој граѓанин да му се овозможи да биде дел од развојот на порталот, но за оваа цел би требало да постои база на податоци преку која корисниците ќе бидат во можност да земат учество. Токму на тоа работиме во моментот-ја создаваме основата за едно вклучување од таков вид.

Текстот е преземен од „Greenhouses of Social Technologies“.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.