Пет проблеми кои ги засегаат девојките-активисти од Киргистан

Images showing solidarity with women that have suffered from violence. Photo by Devochki-Aktivisti of Kyrgyzstan.

Слики кои покажуваат солидарност со жените кои страдале од насилство. Слика од Devochki-Aktivisti од Киргистан.

Devochki-activistki (девојки-активисти) од Киргистан се девојки на возраст помеѓу 13 и 17 години кои се борат за еднаквост, правда и разновидност во едно предизвикувачко опкружување за женските права.

Еден од клучните елементи на нивните проекти е блогот на кој групата објавува писма од девојки кои живеат во различни региони на Киргистан, каде патријархалната култура се стреми да надвладее.

Како дополнување на блогот, devochki-activistki  исто така ја изразуваат нивната желба да учествуваат подеднакво во општеството во Киргистан преку уметност, поезија, музика. Тие ги охрабруваат младите да се вклучат во движењето Тој за Таа  за полова еднаквост и да ги направат образовните, здравствените, спортските права и другите можности подеднакво достапни на девојките и момците.

Оваа недела Global Voices седеше со Aishoola Aisaeva (17) и дозна за проблемите кои ги мотивираат devochki-aktivistki да ја извршуваат својата работа во земјата.

„Луѓето мислат дека феминизам е да се мразат мажите“ вели Aisaeva. „Но се работи за спротиставување на насилството.“

Проблем 1: Образование

Aishoola Aisaeva: Образованието е важен проблем во Киргистан, посебно за девојките. Одржувајќи младински кампови во 2013, ние почнавме да го покренуваме ова прашање на форумите и заклучивме дека родителите преферираат да ги поддржат синовите отколку ќерките, кога станува збор за образованието.

Училиштата користат застарени, патријархални учебници, најчесто напишани од мажи, кои единствено учат за улогата на мажите во киргистантската историја и општество и ги занемаруваат жените и нивните тела.

Следново е извадок од писмо напишано од девојка која живее во провинцијата Чуи која го опкружува главниот град, Бишкек:

Никогаш не излегувам од дома после училиште. И не гледам ништо ново, секој ден е истото: планина од неизмиени чинии, чистење, миење, грижење за децата. Станав изморена и немав енергија да ја сработам училишната работа. – J., 16 години.

За жал не секоја девојка во Киргистан го добива потребното знаење. Некои одат на училиште, некои не.

Користиме цртежи и графити и организираме филмски проекции за да го споделиме искуството со други тинејџери. На нашиот блог објавуваме информации за познати жени научници, истражувачи и политичари.

Сакаме да инспирираме други девојки, покажувајќи им дека жените можат да учат наука и да бидат вклучени во политиката. Жените можат да играат улога во иднината на нашата земја, само ние мора да охрабриме повеќе девојки да се школуваат и да бидат вклучени. 

Проблем 2: Разновидност

AA: Сите ние сме различни. Ние сме од различни училишта, села и старосни групи.

Кога ние започнавме да собираме приказни, сфативме колку сме различни и колку различни се нашите приказни и животи, но на сите нам ни треба место каде ќе бидеме разбрани и каде ќе бидеме поддржани:

Јас учев во село (не можам да кажам каде точно живеев). Мојата тетка беше многу добра и љубезна, и нејзината ќерка беше иста. Но, најлошото нешто кое постојано го искусував беа сексуалните малтретирања, физичкото и психичкото насилство, од нејзините синови и од мојот чичко. Тие велеа дека тоа е затоа што сум женско и ми го правеа тоа. Плачев секој ден, затоа што не можев да сторам ништо за тоа, никој немаше да ми верува. Тоа беше моето детство. Во тие денови, посакував да извршам самоубиство – А., 16 години.

Проблем 3: Здравство

AA: Ние исто така промовираме Репродуктивно здравство, затоа што за нас е важно да знаеме за нашите здравствени права. Овој проблем е секогаш предмет на осврт на нашите кампови, конференции и состаноци, ние сакаме девојките да знаат повеќе за него и самостојно да донесуваат одлуки кои се однесуваат на нивните сопствени тела.

Веќе ми е доста возрасните да одлучуваат што да правам со моето тело. Односно – тоа е мој имот. Но, зошто сите одлучуваат наместо мене, како да се облекувам и што да правам или да не правам со моето тело? Сакам да ги обликувам веѓите и да ја потстрижам косата. Но, моите постари браќа не ми дозволуваат да ја имам таа можност. – J., 15 години.

Проблем 4: Означување

AA: Еднаш присуствувавме на форум за насилството против жените, но седевме на крајот од собата, и покрај фактот дека темата беше поврзана со женските проблеми. Сите други учесници беа возрасни, но дускутираа за прашања поврзани со девојките тинејџерки. Кога добивме шанса да зборуваме ги запрашавме да погледнат наоколу и да одговорат зошто ние не сме оние кои треба да дискутираат за нашите проблеми? Тие не вклучија нас во дискусијата, но не го сфатија сериозно она што ние го кажавме.

Тоа е проблем. Ние сметаме дека во општеството не можеме да зборуваме за себе си, но тоа е така бидејќи никој не сака да не праша прво нас.

Проблем 5: Еднаквост

AA:  Една од главните цели на девојките-активисти од Киргистан е еднаквоста. Половата еднаквост ги засега сите и ние сакаме девојките и момците да придонесат и да ја промовираат заедно.

Добиваме приказни од девојки, кои се соочени со нееднаквост и дискриминација. Девојките ни кажуваат како не можат да ги прават нештата кои ги сакаат затоа што не се момци и општеството ги има изградено овие стреотипи уште од детството. Следниот извадок е од писмо испратено од девојка којашто сакала да го пее Епот од Манас, традиционален киргистантски еп кој ја раскажува животната приказна на митскиот воен крал: 

Јас бев Манаси девојка (раскажувач на Епот од Манас) уште од тригодишна возраст. Кога бев дете, сите мислеа дека е супер – тие ги сметаа сите деца за еднакви. Но, пораснав и дознав дека да се биде повозрасна девојка е многу потешко. Почнувајќи кога имав 9 години, сите ми ги кажуваа стереотипите кои треба да ги следам. И така мојата омилена работа – раскажувањето приказни – престана. Јас веќе се помирив со фактот дека сум девојка.  – К., 13 години.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.