Хрватска, Србија: Пријателско знаме

Само неколку недели откако Хрватска официјално одбележа 16 годишнина од воената операција „Бура“, кога повеќе од 200.000 етнички Срби беа протерани од своите домови стари со векови, двајца млади луѓе од Хрватска и Србија направија комбинација од Српско – Хрватското знаме, како гест за примирје помеѓу двете држави.

Ања Блазевич и Стефан Гузвица, кои учествуваа во уметничкиот камп во Гвозд, Хрватска, каде што неодамна беше креирано знамето, за популарниот хрватски весник Vecernji.hr го објаснија нивниот мотив кој ги поттикнал да го направат тоа:

Имавме доволно конфликти базирани на национализам […] постојаното споменување на минатото ни пречи, додека никој не размислува за иднината. Се чувствуваме фрустрирани поради тоа, па затоа одлучивме да направиме напори со цел да изградиме, барем симболично, поголеми пријателски односи помеѓу овие две држави.

Го направивме ова знаме со цел да ги повикаме нашите народи на љубов и толеранција. Свесни сме дека знамето ќе предизвика бурни реакции и полемики, но тоа е и повеќе од потребно во демократските општества. Направивме неколку копии од знамето. Една од нив се вее во нашиот камп во Гвозд, една ќе биде однесена во Србија, а другите се дадени на нашите пријатели .

Повеќе од 850 читатели коментираа на овој напис. Подолу направивме селекција на некои од овие коментари.

pLoto* напиша:

Позади ова стојат невладини организации финансирани од странство кои целат на некои нови заедници за хрватските недостатоци. Но, и покрај овие две пропаднати во крв поранешни Југословенски држави, оние кои работат на тоа ништо не научиле. Немам ништо со Србите, никогаш не сум бил во Србија… и не сакам никој да ме обединува со нив.

Jolly-Roger напиша:

Првиот чекор е Србите да ја признаат Хрватска, особено оние кои живееле во Хрватска подолго време.

Вториот чекор е да побараат прошка за сите злосторства што тие ги извршиле во Хрватска, не само за оние за време на последната војна .

Третиот чекор е сите тие да се иселат од Хрватска.

Дури тогаш ќе имаме добри односи, а хрватското знаме нема да се смени. Ние се боревме и умиравме за него.

cro1com напиша:

[…] Не ни треба да бидеме пријателски луѓе воопшто. Треба да бидеме многу внимателни едни со други, особено Хрватите со Србите, бидејќи Хрватите никогаш не покренаа војна против Србите во Србија, но сите сме сведоци на агресијата од Истокот […]

bilikamen напиша:

Тие треба веднаш да се убијат за да нашите деца и внуци не бидат убиени подоцна .

21 KK Kobra напиша:

Вие сте глупави… зарем мислите дека ни се допаѓа знамето и дека е во ред? Немам зборови.

Andreeejjj напиша:

[…] Зошто така, мои мили Хрвати? Не постои оправдување од никој на светот! […] Иднината е таа што е најважна, не минатото, какво и да било. Ако политичарите од сите поранешни Републики [на Југославија] сакале да ја спречат војната, ќе ја спречеле. Но, за жал, немаше интерес за тоа бидејќи никој не ќе можеше да стане толку богат. Тоа е се, тоа е бруталната вистина мои луѓе, бидете помудри барем еднаш. Време е .

Српскиот дневен весник Блиц повторно ја објави веста која, собра повеќе од 600 коментари. Подолу се неколку од нив.

Persa  напиша:

Ја поддржувам секоја иницијатива која е за доброто на луѓето, за меѓусебното разбирање, за љубов, љубезност, за нудење помош… Посакувам се што беше лошо да не се повтори никогаш повеќе […]

Nikola Radovanovic  напиша:

Еј, луѓе што ви е? Дајте да заборавиме веќе на тоа што се случило! Гледајте на иднината и дозволете им на нашите деца да живеат во мир и без омраза.

per-aspera-ad-astra напиша:

Сите оние кои мразат, без оглед на националноста, треба да ги оставиме да се задават во сопствената омраза, но сепак, не можам да разберам како овие луѓе сакаат да одат во Европа?

Српскиот блогер Стронгман исто така повторно ја објави веста на која коментираа повеќе од 80 луѓе.

Mariopan напиша:

Браво за младите луѓе. Малку нормалност на лудиот Балкан .

Looping напиша:

Верувам дека мотивот е добар, но креаторите треба да внимаваат на нивните животи .

ivanivica напиша:

Единствено читам и размислувам за тоа колку пати младите Израелци и Палестинци се сретнале. И?

newyorkcity.boy напиша:

Секоја чест на зрелоста и храброста. Ги поддржувам. Крајно време беше некој да се потруди да направи обид за помирување. Се надевам дека овој чекор ќе биде само почеток. Секоја чест за вас. Уште колку долго ќе се мразиме меѓусебно?

Овој проблем привлече внимание на неколку илјадници луѓе од Хрватска и Србија, како и на целиот регион, коишто ги оставија своите коментари на неколку други интернет платформи и форуми во изминативе неколку дена.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.