Рестораните за мршојадци во Непал го помагаат заживувањето на нивната популација и генерираат средства за локалните заедници

Хималајски грифон во ресторан за мршојадци, Навалпараси, Непал. Фотографија на Сагар Гири. Искористена со дозвола.

Тие се големи, грди, и имаат лоша репутација. Иако мршојадците се во центарот на релацијата со луѓето во која и се сакаат и се мразат, тие исто така се и наши природни сојузници. Мршојадците воглавно се хранат со мрши и имаат голема улога во природниот процес на смртта во дивината. Со тоа што јадат големи количини месо, овие големи птици помагаат да се ограничи ширењето бактерии и болести кои инаку би се прошириле од мршите на животните. Сепак, покрај нивната важна улога на ублажувачи против потенцијалното ширење болести, на нив често се се гледа повеќе како штетници отколку како корисни птици.

Едно истражување од 2007 во Индија покажува дека популацијата на ориенталните белогрби мршојадци (Gyps bengalensis) опаднала на 0.1% од бројките во раните 1990-ти. Во 2009, популацијата на белогрби мршојадци од во западен Непал опадна за 25% во споредба со 2002. Исто така, популацијата на долгоклуните мршојадци (Gyps indicus) и тенкоклуните мршојадци (Gyps tenuirostris) исто така драстично опадна низ целиот индиски потконтинент. За жал, овој тренд не е присутен само во Јужна Азија, бројката на мршојадци е во опаѓање насекаде низ светот што се должи на, меѓу другото, сѐ поголем недостаток на храна, судири со објекти создадени од човекот и труење.

Во борба против ова опаѓање на бројката, некои држави предложија интересен план за зачувување и враќање на бројката на мршојадците – ресторани Џатају, или ресторани за мршојадци.

Ресторан за мршојадци раководен од локалните заедници

За да се зачува популацијата на мршојадци се поставија станици за хранење мршојадци во повеќе азиски држави како што се Камбоџа, Индија, Пакистан, и Непал. Во Непал, локалните заедници се одговорни за станиците за хранење кои се здобија со прекарот ресторани Џатају, наречени по почитуваниот лик во хинду епот Рамајана и санскритското име на мршојадецот, Џатају.

Ако си во Непал и го сакаш дивиот свет, посетата на ресторан Џатају ќе биде искуство кое ќе го паметиш цел живот. Јас бев запрепастена. [#conservation] зачувување

Овие ресторани наоѓаат стар и непродуктивен добиток од фармери и се грижат за животните сѐ до нивната природна смрт во центарот за стар добиток. Луѓето со радост го предаваат нивниот стар, непродуктивен добиток на овие ресторани бидејќи животните се добро згрижени до крајот на нивните животи.

Сцена од ресторан за мршојадци во западен Непал – мртви животни се оставаат на мршојадците на ова место откако ќе се утврди дека во нив нема траги од Диклофенак. Мршојадците исчезнуваа поради користењето на овој лек за лекување на добитокот. Бројката на мршојадците беше во опаѓање бидејќи сиротите птици умираа од откажување на бубрезите откако ќе изедеа мрша во која има траги од Диклофенак. По отворањето на овие ресторани низ јужните предели на Непал, бројот на мршојадци е во подем. И конзервационистите се среќни!

Кога добитокот умира, со него се хранат мршојадците — но само откако ќе се утврди дека нема траги од диклофенак.

Диклофенак, убиствената дрога одговорна за масовно изумирање на мршојадците

Употребата на диклофенакот против болки кај добитокот е една од главните причини за масовно изумирање на мршојадците во Непал, Индија и други јужноазиски земји. Дури и мали количини на диклофенак можат да бидат фатални за мршојадците, бидејќи предизвикува откажување на бубрезите кај овие птици. Како што бубрезите престануваат да функционираат, во крвта на птиците се акумулира урична киселина и се кристализира околу внатрешните органи.

Бидејќи мршојадците се хранат во големи групи, една единствена мрша во која има диклофенак може да предизвика смрт кај голем број птици.

Лекот беше забранета во Индија, Непал и Пакистан во 2006 година и во Бангладеш во 2010 година. Благодарение на забраната за лекот како и на иницијативите за зачувување покренати од страна на неколку организации како и локалните заедници, бројката на овие „критично загрозени“ видови птици започнаа да зголемува.

Дополнително, овие ресторани за мршојадци станаа туристички атракции кои привлекуваат и домашни и странски туристи, со што носат дополнителен извор на приход за локалните заедници. Заедниците исто така започнаа со продажба на сирова кожа од добитокот за производство на производи од кожа, а коските за природно ѓубриво.

Растењето на популарноста на рестораните Џатају и нивната улога во генерирањето приходи за локалните заедници ги натера луѓето кои порано се згрозувале и ги одбегнувале мршојадците да почнат да го менуваат мислењето. Полека но сигурно, лошата репутација која ги следеше овие птици почнува да се трансформира во подобро разбирање на нивната важна улога во циклусот на живот и смрт.

Незаборавно искуство е да се гледаат 150 хималајски и црвеноглави мршојадци како се хранат од мрши во Хималаите. Многу е важно да ги поддржиме и зачуваме овие животни. Благодарност до @kat_smith92 и @parahawking!

Ако сте заинтересирани одблизу да ги погледнете овие големи птици, може да посетите еден од рестораните Џатају со кои раководат локалните заедници во областите Навалпараси, Рупандехи, Данг, Каилали, и Каски.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.