Хаити: Засолништата доаѓаат и брзо и бавно

Дискусиите веќе се насочени кон реконструкција на Хаити. Архитектура за хуманост, „непрофитна фирма за дизајнерски услуги“,специјализирана за реконструкција по катастрофи, објави неколку општи концептни белешки. Пишувајќи на сајтот на фирмата, Камерон Синклер, архитект и еден од основачите на групата, посочи неколку контроверзии за ураганот Катрина во САД:

Многу добро се сеќавам на некои добро познати ТВ-лица кои стоејќи на урнатините на домовите во лоуер најнт [соседството во Њу Орлеанс, Lower Ninth Ward] прокламирајќи дека „догодина ова време ќе видиме како семејствата се враќаат дома.“ Некои добро познати НВО-а коишто обично имаат малку градежно искуство се дури и полоши – „ќе имаме 25,000 Хаиќани вратени дома, ако донирате денеска.“ Но реалноста, всушност, изгледа вака:

  • Планирање, проценка и анализи на штетата (од почеток, околу една година)
  • Воспоставување на општински центри за помош и студио за реконструкција (од 6 недели до 3 месеци)
  • Отстранување на темелите и градење на куќи (од 6 месеци до 5 години)
  • Преодни засолништа, здравствени клиники и општински структури (од 6 месеци до 2 години)
  • Училишта, болници и градски структури (од 9 месеци до 3години)
  • Постојан престој (од 1 до 5 години)

Првичните извештаи за штетите најмногу посочуваат на слабите градежни стандарди на Хаити. На блогот на Институтот за земјата, Состојба на планетата, фокусот беше на лошата градба:

Mногу од ужасните урнатини кои се гледаат на видеата се составени од цементни делови – и само цементни. Овој стил е типичен за најсиромашните делови од светот. Само цемент не е доволно; столбовите и ѕидовите треба да бидат изградени од висококвалитетен цемент, со точна количина на песок и опшиени со челични шипки за засилување – арматура. Тоа е она што им ја дава цврстината. Наредниот пат, кога ќе гледате видео или слика од оштетените згради на Хаити, барајте арматури. Сè уште не сум видела.

Но Адолфа Сен-Луи, 49-годишна преживеана од земјотресот, која беше интервјуирана во Порт-о-Пренс од страна на New American Media, опишува нешто покомплицирано од сомнителен бетон. Нејзиниот дом бил изграден како серија од доградувања и со арматура, за, како што вели поширокото семејство да се одржи под еден кров и да се поделат градежните трошоци во самото семејство. Можноста на куќата да се шири беше важна функција, но се покажа како катастрофална кога структурата се сруши.

Можеби вашата ќерка се мажи и ним им треба место за живеење. Можете да направите само соба на покривот на вашата куќа и да ставите тенок кров. Кога ќе имате повеќе пари ќе направите повеќе соби или да завршите цел кат и да поставите нов кров на куќата. Така направивме ние со нашата куќа. Додадовме неколку соби и нов покрив на нашата куќа. Имаше простор за мојот внук да живее напред и широка соба за ќерка ми и нејзиниот сопруг одзади. Кога завршивме беше навистина пријатно. Ставивме многу растенија и цвеќе во саксии од надворешната страна на скалилата затоа што ќерка ми многу ја сака природата. Многу беше среќна кога го виде местото што го направивме за неа. Но кога се случи земјотресот, се изгубивме… Катовите на куќата паднаа еден врз друг.

Таа тврди дека системот за проширување вклучувал засилување:

На Хаити, кога сакаш да додадеш нешто на домот, градиш врз покривот, којшто е направен од бетон, поткрепен од столбови или цврсти ѕидови од катот под него. Ѕидарот прави нови ѕидови од бетонски блокови за да направи соба или да затвори цел простор и да се додаде нов кат на куќата. Одредени блокови имаат дупки за да струи воздух и ако ѕидарот е талентиран ќе ги искористи блоковите за да направи убав украс или некој вид на декоративен прозорец. Носечките блокови се секогаш цврсти и имаат внатрешна метална арматура за да се одржи структурата на куќата. Кога е готово додаденото, ѕидарот ја остава арматурата за да може да се додаде нов кат подоцна, ако е потребно.

Канадскиот нутриционист којшто живе на Хаити, Илејн на Хаити, опишува како ги барала пријателите – идентификувани само како М – кои само што купиле куќа изградена од камен, а не од бетон. И стариот начин на градење попуштил:

Оваа куќа е направена од камења пополнети со кал/глина и покриена со нешто што личи на цемент или гипс, начин на којшто биле градени пред да пристигнат бетонските блокови на Хаити. Сите камења на едниот ѕид се паднати, правејќи ја куќата непогодна за живеење. Семејството живее во надворешната кујна, која го нема четириѕидниот луксуз. Нивниот цел имот е спакуван под сламениот кров каде е изложен на дожд и лошо време.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.