- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Конфликтот на Блискиот Исток не е помеѓу суните и шиитите и не „постои со милениуми“

Категории: Среден Исток и Западна Африка, Ирак, Иран, Саудиска Арабија, Војни и конфликти, Граѓански медиуми, Историја, Меѓународни односи, Политика, Религија

Distribution of Sunni and Shia Islam in the Middle East and North Africa. Photo by Peaceworld111 on Wikipedia, used under CC BY-SA 4.0 [1]

Во своето последно Обраќање за состојбата на унијата [2], претседателот на САД, Барак Обама, изјави дека конфликтите на Блискиот Исток „постојат со милениуми“. Еден арапски истражувач одвои време да му објасни еден аспект од конфликтот – сегашниот таканаречен судир помеѓу суните и шиите е сѐ освен прастар.

“The Middle East is going through a transformation that will play out for a generation, rooted in conflicts that date back millennia,” Obama said.

„Блискиот Исток поминува низ трансформација која ќе трае со генерации, вкоренета во конфликтите кои постојат со милениуми,“ рече Обама.

Во серија твитови, насловен како За таканаречениот „прастар“ судир помеѓу суните и шиите [3], палестинскиот писател, кариерен претприемач и активист во Арапската пролет, Ијад ел-Багдади, расчепка низ историјата и најде примери од времето кога верската определба на учените луѓе и политичарите не била важна:

Во доцниот 19 век, Ал Афгани, учен човек од редот на шиитите, беше истакнат член на антиколонијалистичкото, панисламско преродбеничко движење.

Ученик на Ал Афгани беше никој друг туку истакнатиот учен човек од редот на суните Мухамед Абдух, кој подоцна ќе стане главен муфтија на Египет.

Едно од најдобрите дела на сунитот Абдух е неговиот осврт за „Врвот на елоквентноста“, кое важи за едно од најважните шиитски дела.

Во 1931 година, ирачкиот шиитски свештеник Кашиф ал Гита ги водеше сунитските свештени лица на молитва во џамијата „Ал-Акса“ во Ерусалим, за време на антиимперијалистичка конференција.

Во 1940-те, Пакистан, држава со сунитско мнозинство, беше создаден од Џина, шиитски муслиман.

Во раните 1950-ти, луѓето кои одговараа на пописот во Ирак не знаеја дали да одберат „сунити“ или „шиити“ бидејќи многу беа измешани.

Во 1958, главниот муфтија на Египет изјави дека шиизмот ќе се изучува во „Ал Азхар“ како петто училиште од редот на сунитските школи за правни науки.

Во 1960-те, сунитската Саудиска Арабија ги поддржа Зајди шиитите во Јемен за време на граѓанската војна против републиканците поддржани од Египет.

Во 1980-те, мнозинството на ирачката армија кое се бореше против Иран во ирачко-иранската војна беше составено од арапски шиити.

Во 1990-те и 2000-те, шиитскиот Иран ја поддржа сунитската палестинска милитантна група „Хамас“.

Ел-Багдади понатаму објаснува дека судирот на „раздели па владеј“ е со политичка природа и е „намерно и цинично додавање секташки карактер на регионалната борба за моќ“. Тој на Твитер напиша:

Моменталната динамика не е конфликт на сектаријанизмот туку намерно и цинично додавање секташки карактер на регионалната борба за моќ.

Според Ел-Багдади, тираните се единствените кои имаат придобивки од оваа поделба и сектаријанизмот се користи како „оружје во борбата за моќ“:

Тираните се ретко идеолошки посветени на сунизмот или шиизмот; но со задоволство ги експлоатираат кога е погодно.

Сектаријанизмот стана прагматична работа. Идеологиите кои шират омраза станаа корисни и затоа станаа ѕвезди на телевизија и други медиуми.

Факт е дека јас ги признавам стариот теолошки судир и општествените разлики но го истакнувам нивното модерно користење како оружје во политички цели.

Дали регионот е сектаријанизиран? Да. Дали разликите се вистински? Да. Дали моменталната војна претставува прастар теолошки спор? Не.

Многу теолошки и општествени разлики се безопасни, секојдневни и посебно не смртоносни, сѐ додека не се користат како оружје за моќ.