Главниот новинар на Кремљ одлучи дека е време да се зборва за „Даеш“ наместо „ИСИС“

Photo by Kremlin.ru, April 17, 2014. CC 4.0.

Дмитри Киселјов. Фотографија на Kremlin.ru, 17 април, 2014. CC 4.0.

Руските државни медиуми се приклучија на глобалната дебата за тоа како да се ословува огранокот на Ал-Каеда кој зазема големи територии од Ирак и Сирија. Оваа милитантна организација е позната на повеќето читатели на англиски како ИСИС („Исламската држава во Ирак и Сирија”) или поедноставно „Исламската држава.” Во Русија, групата вообичаено се нарекува ИГИЛ (руската форма на ИСИС, или „Исламската држава во Ирак и Левант”) или само ИГ (што на руски значи „Исламска држава”). Како и француските медиуми, голем дел од арапските новинари во светот, и новинари во повеќе други држави, Русија сега се префрлува кон ново име за групата, прифаќајќи го арапскиот акроним за ИСИС, „Даеш,” кој самата група го отфрлува како навредлив.

Што допринесе за ненадејното менување на политиката на руските медиуми? Оние кои го преферираат зборот „Даеш” повеќе од „ИСИС” и „ИСИЛ” треба да се заблагодарат за промената на Дмитри Киселјов, рускиот таканаречен „директор на пропаганда”. Киселјов, кој раководи со меѓународната новинска агенција која е во сопственост на руската држава, „Rossiya Segodnya“, ја внесе во употреба новата терминологија неделата, 29 ноември, за време на неговите неделни вести, кои се емитуваат на национална телевизија. Следното утро, тој за весникот „Komsomolskaya Pravda“ изјави дека „Rossiya Segodnya“ постепено ќе го заменува зборот „ИСИЛ” со „Даеш” во нивните написи за оваа организација.

Киселјов наведе неколку причини за промената. Новинарите низ целиот свет, вклучувајќи ги и западните агенции, објасни тој, се префрлуваат на терминот „Даеш.” Тој исто така посочи дека владата на Франција го користи терминот Даеш (иако тој не спомена дека Франција го користи овој термин веќе повеќе од една година). Конечно, Киселјов цитираше барање од рускиот реис Равил Гајнетдин, кој неодамна побара на заедничка седница на рускиот парламент истиот да го усвои „Даеш” наместо „ИСИЛ.” (Всушност, рускиот Совет на Муфтии веќе осум месеци наназад го бараат ова.) Рускиот муслимански лидер вели дека лингвистичката промена би го отстранила терминот кој ненамерно ја поддржува идејата дека исламот е инхерентно насилен.

Но, зошто Киселјов реагира на овие развои дури сега?

Од нападите во Париз на 13 ноември, Русија ги интензивира напорите да се претстави себеси како најцврстиот сојузник на Франција во Сирија. Досега, се чини дека ова функционира. На 26 ноември, францускиот претседател Франсоа Оланд дури ја посети Москва, каде тој и Владимир Путин дискутираа за можностите за проширување на коалицијата против милитантните групи во Сирија.

Во неговото ТВ шоу, Киселјов исто така ја искористи поделбата Даеш/ИГИЛ помеѓу западните земји за „низок удар“ кон Турција (со која тензиите се високи, по инцидентот на границата со Сирија), велејќи дека пристапот на НАТО членките кон сирискиот конфликт се загрижувачки „хетерогени.” Во шоуто, тој изврте приказна за тоа како Анкара купува нафта од ИСИС, тврдејќи дека на тој начин Турција го одржува тероризмот во Сирија. Ден подоцна во Париз, сосема случајно, Владимир Путин јавно изјави дека Турција го соборила рускиот борбен авион минатата недела само поради заштита на нивниот бизнис со нафта со терористите.

Еден од првите кои забележаа дека неделното емитување на Киселјов сигнализираше промена за целата индустрија во руските вести беше Алексеј Ковалев, кој го води сајтот за контрапропаганда „Noodleremover.news“. Пишувајќи на Фејсбук на 29 ноември, тој објави дека високи фигури во новинската империја на „Rossiya Segodnya“ започнале да циркулираат меморандум објавувајќи го префрлувањето од „ИСИЛ” на „Даеш.” Одлуката на Киселјов веќе „капеше“ надолу, низ медиумите во сопственост на државата. На 30 ноември, Дејвид Бургхардт од „RIA Novosti“ потврди на Фејсбук страницата на Ковалев дека тој добил меморандум со кој се диктира промената на терминологијата во однос на ИСИС кој се однесува на сите медиуми во сопственост на државата.

Судејќи според нивните последни написи, „RIA Novosti“ (што е под контрола на „Rossiya Segodnya“) веќе се посветени на постепена транзиција, користејќи го терминот „Даеш” со објаснувачка забелеша. „TASS“, уште еден сервис за вести во сопственост на државата, исто така се чини дека ја менува терминологијата. Додека многу независни агенции, како „Lenta.ru“, „RBC“, „Slon“, „Dozhd“, и „Kommersant“, не покажуваат знаци на менување кон „Даеш,” про-Кремљ весниците „LifeNews“ и „Izvestia“ велат дека тие барале начин да ги дистанцираат таканаречената „Исламска држава” од исламот веќе три месеци. Според извршниот директор на „LifeNews“ Анатоли Сулеиманов, издавачот на весникот, Арам Габрелјанов, конечно ја донесол одлуката за прифаќање на терминот „Даеш,” информирајќи го неговиот персонал за измената на 30 ноември, еден ден по емитувањето на Киселјов.

Дебатата за тоа како да ја нарекуваме организацијата која презема контрола на источна Сирија и западен Ирак несомнено е важна. Не би требало да е изненадување тоа што и ние во Глобал Војсис сме дискутирале на оваа тема. Всушност, во блог-напис за заедницата од главниот уредник на ГВ Сахар Хабиб Гази на 20 јули, ние ја објавивме нашата интерна дискусија за оваа реторичка загатка .

Промената на медиумите на Кремљ кон терминот „Даеш” ветува најмалку две работи уникатни за Русија. Прво, тоа може да биде дупка во законот која ќе им овозможи на новинари да ги избегнат напорните барања поставени од федералните цензори, кои пропишуваат дека новинарите мораат да споменат—во секој напис за групата—дека „Исламската држава” е „забранета во Русија како екстремистичка организација.” (Самиот Киселјов ја поддржува оваа предност.) Второ, и поважно, брзината и редоследот со кој различните медиуми ја менуваат својата терминологија за ИСИС би можело ненамерно да го разоткрие моќното влијание на Киселјов врз руските медиуми, моќ која во добар дел ја зграби во негови раце Владимир Путин, пред две години.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.