Видео: Како да се одржува водата чиста и разумно да се употребува

Happy Raindrop Water Droplet by D Sharon Pruit CCby

Среќна капка вода на виножито од Д Шерон Пруит под Криејтив Комонс лиценца- Наведи извор

Видео клиповите за зачувување на водата изгледа стануваат тренд бидејќи луѓето и организациите прават видео клипови со совети и сугестии за тоа како подобро да се управува со водните ресурси. Од совети за одново употребување на нечистата вода или за намалување на отпадните води при пуштањето вода во тоалет, до објаснување на децата во Вале дел Колка, во Перу, за важноста од штедењето на чистата општествена вода.

Овие деца од руралната област во селото Колка, во Перу, ги претставуваат последиците од загадување на изворите на вода и пиењето од нив. Мајката на Росита и Абелито ги испраќа да донесат вода за во домот и тие тргнуваат со своите кофи кон каналот за наводнување. Сепак, членови на заедницата мокреле во водата, луѓе фрлале ѓубре во неа и животни пиеле од загадената вода, немајќи друг извор на вода. Росита и Абелито се жедни по нивниот долг пат, па пијат по некоја голтка и се враќаат дома со полни канти вода. Бидејќи нивните обврски се завршени, мајка им им дозволува да си играат, но нивната игра е прекината бидејќи тие добиваат сериозни стомачни болки. Мајка им ги носи до здравствената установа и докторот им ја лечи болката, но ги предупредува да не пијат вода што не е превриена за да биде безбедна за пиење. На крајот, Абелито ги предупредува гледачите да не уринираат или вршат нужда во изворите на вода и да не фрлаат отпадоци во нив за да можеме сите да имаме чиста вода.

Water Savers 4 Life одлучија да пеат за штедење на водата. Нивните десет совети се испеани во ритамот на познатата Божиќна песна:

Ова шпанско семејство заштедува вода во буквална смисла. Кога тие перат облека (користејќи еколошки сапуни) нечистата вода што се исфрла од машината за перење ја пренасочуваат накај посебен резервоар каде што се зачувува и преку систем со црево, ја пренасочуваат водата до кофа во бањата. Кога треба да го чистат подот, тие ја користат пенливата вода. Истата ја користат и кога пуштаат вода во тоалетот со што ја полнат кофата и таа вода ја истураат во тоалетот.

И во Сингапур има проблем со штедењето на водата и ова видео прикажува неколку совети коишто многу од нас би можеле да ги применат: пократко туширање, миење заби со чаша вода наместо пуштена чешма, одново користење на водата од перење на облека за пуштање на вода во тоалетот или за бришење подови, миење на зеленчукот во чинија со вода, меѓу другото. Исто така прикажува дека за некои култури, штедењето вода бара само малку креативност: еден совет е да ја користите водата од миењето на оризот за наводнување на растенијата. Ако не сме потрошувачи на ориз, до какви други идеи би можеле да дојдеме кои ќе бидат специјално прилагодени за нашите употреби на вода?

Како што може да се види во претходниот пример и во следниов, компаниите за снабдување со вода логично се едни од најсилните поборници за соодветна употреба на водата. Од Колумбија, во градот Картаго, компанијата Емкартаго за комунални услуги, не само што поставува видеа за штедење на водата на интернет, туку и посетува различни соседства за да ги обучува луѓето на добри навики за штедење на водата. Преку прикажувања на примери на видеа за добро и лошо користење на водата, тие ја пренесуваат пораката не само за соодветно штедење на водата туку и за штедење на другите комунални услуги, како гасот и електричната енергија.

И како последно, но не и неважно: многу нови куќи се со тоалети за ефикасно трошење на водата, но останатите семејства што имаат тоалети со стари водоводни системи, а немаат пари да ги заменат со нови, не треба да очајуваат. Следниов совет дава можност на секого да заштедува барем литар вода со секое пуштање вода во тоалетот. Со полнење на вода во шише од 1.5 литри и негово сместување во казанчето, ќе заштедите онолку вода колку што содржи шишето.

Запомнете, со штедењето вода не само што ја зачувуваме планетата, туку и заштедуваме пари со намалување на сметките за комунални услуги. Среќен Ден на блогерите активисти 2010!

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.