Првобитно објавено на англиски на 2.12.2011.
Повлекувањето на Нацрт законот за млади од парламентарна процедура покажува дека и тврдоглавите власти може да бидат убедени да не направат повеќе штета ако граѓанското општество, корисниците на социјални медиуми и меѓународните организации запнат заеднички во интерес на граѓаните.
На иницијатива на Младински образовен форум (МОФ), 45 младински и други НВО-и се здружија и организираа процес на консултации кој требаше да биде, но не беше спроведен од Владата. Процесот вклучуваше јавни дебати и средби со сите заинтересирани страни (на пр. пратеници и подмладоци на политичките партии), како и информирање на јавноста преку соопштенија за медиумите и јавни настани.
Голем дел од работата беше извршен преку Интернет, со веб-сајтот mladizakon.org како централен ресурс на веб од кој членовите на невладините и другите граѓанските активисти ги ширеа информациите преку нивните сајтови и социјалните мрежи, вклучително и тагнување на „пријатели“ на Фејсбук кои се политичари или вработени во медиуми.
Процесот е опишан во соопштението (на македонски, англиски и албански) од граѓанските организации кои бараа промени на нацрт-законот и се обидоа да ги убедат пратениците во Собранието да поднесат амандмани за тоа:
45-те младински и граѓански организации ја поздравуваат одлуката на Владата на Република Македонија да го повлече Предлог-законот за млади, кој од експертската и пошироката јавност беше оценет како недемократски и ограничувачки за младите. Одлуката беше донесена доцна синоќа, на отворената седница на Владата на Република Македонија. Како што беше објавено на официјалните профили на Владата на Фејсбук и Твитер, Предлог-законот за млади се повлекува од собраниска процедура со цел да се направат пошироки консултации со младинските невладини организации. Одлуката на Владата беше донесена само половина ден после прес-конференцијата на младинските организации, одржана пред Собранието на Република Македонија.
Организациите кои поведоа иницијатива за одбрана на младинското учество и кои до Собранието на Република Македонија поднесоа предлози за измени и дополнувања на Предлог-законот сметаат дека повлекувањето на нацрт-текстот е корисно и е во вистински момент, пред да се направи поголема штета врз младинското организирање. Организациите потенцираат дека во процесот на креирање на законските решенија кој ќе следи во иднина мора да бидат директно вклучени сите младински чинители, вклучително и сите заинтересирани младински организации и подмладоците на политичките партии.
Иницијаторите им честитаат на трудот и посветеноста на сите 45 организации и ги повикуваат сите млади да се заинтересираат повеќе за младинските политики и младинското организирање на локално и државно ниво. 45-те организации ќе продолжат и понатаму активно да учествуваат во анализи и креирање ефективни решенија за младинските проблеми. Фокусот ќе биде насочен кон обезбедување услови за формирање Национален младински парламент, како самоорганизирачко тело на сите форми на здружување на младите во Република Македонија, без разлика на нивната возраст, политичка ориентација, формално или неформално здружување, етничка, верска или друга припадност.
Доколку се усвоеше, постоечкиот предлог-закон ќе воведеше повеќе бирократија, контрола и ограничување во младинското организирање, а дополнителен преседан беше највисокото претставничко тело на младите во државата да биде Државен совет на млади, во кој повеќе од половина од членовите се претставници на министерствата на Владата на Република Македонија.
Процесот на застапување против предложените недемократски решенија беше проследен и со засилена младинска активност на интернет, преку упатување апели до носителите на одлуки и нивно тагирање на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер.
Република Македонија има обврска да промени и усвои низа закони како дел од реформите неопходни за придружување на ЕУ, при што државата треба да спроведе јавни консултации, обезбедувајќи можности за граѓанското општество и индивидуалните граѓани да понудат коментари и да предложат подобрувања. За жал, ова не секогаш се случува – голем број закони се донесени по итна постапка, без никакви јавни дискусии. А во случаите кога се спровеле консултации, забелешките од граѓанското општество биле занемарувани.
Такви примери се Законот против дискриминација и Законот за здруженија и фондации, на кои сериозни забелешки дадоа и локалните активисти, правни експерти, како и меѓународната заедница (повеќе детали за ова има во седмото, осмото и деветтото издание на Извештаите од следењето на процесот на пристапувањето на Македонија во ЕУ од организациите кои го следат процесот на интеграција во ЕУ, МЦЕО и ФООМ).
Претходно, во текот на август, експертката за човекови права и универзитетска професорка, Мирјана Најчевска објави коментар за Предлог-законот за млади:
…Најцинично, во образложението на Законот и во самиот текст власта тврди дека со овој закон треба да се обезбеди учество на младите во донесувањето на одлуките, во подготовката на законите и во искажувањето на специфичните интереси на младите […]
Наспроти ова тврдење самиот закон е подготвен без учество на младите, не се направени јавни расправи и во него по никаков начин не можело да се промовираат интересите и потребите на младите.
Во Законот се тврди дека една од целите е: „младите доброволно да се здружуваат во младински организации“. Меѓутоа неколку става подоцна се предвидува „доброволното здружување“ да биде направено под диригентска палка на советите на општините, односно, Собранието на Република Македонија:
„се предлага формирање на совет на млади, ваквиот совет на млади го формира советот на општината“ и “Како чадор организација над сите млади во Република Македонија која ќе биде формирана од страна на Собранието на Република Македонија е Државниот совет за млади“…
Вака формираните совети од страна на државата ќе ги застапуваат интересите на младите – цинично зар не?
За да биде цинизмот уште поголем, во Законот се определени работите кои можат и треба да претставуваат приоритетен интерес за младите (дадени во чл. 5 и 8):
„претежна дејност утврдена во статутот на организацијата е унапредување на положбата и статусот на младите, развојот на демократијата, граѓанското општество и човековите права, заштитата од злоупотреба на дрога, сексуално преносливи болести, малолетничка деликвенција, алкохолизам, проституција и трговија со луѓе, унапредување на волонтерството како и друга дејност од јавен интерес определена со овој или друг закон“.
Ахахахах. Од секогаш сум знаела дека основна цел на младите е да се изборат со проституцијата. Требаше тоа некој и на хартија да го стави.
И уште повеќе, доколку доброволно здружените млади луѓе не ги определат во своите статути овие цели тоа ќе претставува прекршок и тие ќе бидат казнети:
„Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе и се изрече за прекршок на младинската организација и националната младинска организација која врши дејност што не е во согласност со нејзините цели утврдени со членовите 5 и 8 од овој закон.“
Поголема спрдачина со младинското здружување и авангардното делување на младите не можам да си замислам.
Цинизмот продолжува и понатаму. Наспроти на промоцијата на недискриминација и еднаквоста во структуирањето и делувањето на овие парамладински структури нема предвиден начин за еднаква застапеност на половите, за вклучување на маргинализираните групи во раководењето или обезбедување мултикултурен пристап. Се завршува со излитената фраза на политичките дебили за правична застапеност.
Дури и во ова парамладинско структуирање власта не сака да остави и најмала шанса некому да му текне да се бунтува, да ги оспорува решенијата на политичкиот естаблишмент или да нуди алтернативи. Заради ова половина од членовите на државниот совет на млади:
„…ги предлага Владата на Република Македонија и тоа по еден претставник од: Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за култура, Министерството за образование и наука, Министерството за финансии, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Министерството за локална самоуправа, Министерство за животна средина и просторно планирање, Агенцијата за млади и спорт, Секретаријатот за европски прашања, Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.“
Како професор и едукатор ги повикувам младите да се спротивстават на донесувањето на овој и ваков закон.
За да го нагласи својот став, проф. Најчевска го илустрираше својот пост со фотографии од Хитлеровата младина и напиша дека намерно не ги исправила печатните грешки во цитираните делови од Законот како „показател на нивото на кое се наоѓа нашата кецарошка власт која во собраниска процедура пушта нелекторирани текстови“.
Европскиот младински форум, кој претставува 98 национални младински совети и меѓународни младински организации од цела Европа, објави изјава (пдф, на англиски) со која изрази загриженост поради нацрт-законот, особено во врска со независноста, структурата и финансирањето на идниот македонски Државен совет на млади (ДСМ):
Според априлската верзија на нацрт-законот, предложениот ДСМ политички ќе го раководи одбор во кој апсолутно мнозинство членови ќе бидат поставени од државните власти. Во одборот од вкупно 29 члена, само 6 ќе бидат претставници на младите, додека останатите ќе бидат одбрани на навидум нетранспарентен и недемократски начин. Демократскиот процес е отсутен и на општинско ниво: освен номинациите на кандидати од младинските организации, предложениот закон наложува сите други членови да ги одбира општинската власт.
Понатаму, загрижени сме поради тоа што нацрт-законот веќе ги дефинира критериумите за членство во ДСМ. Овие критериуми би требало да се определат преку демократска иницијатива за формирање на ДСМ предводена од младите, а не да бидат арбитрарно наметнати од страна на државата.
Во текот на ноќта по конференцијата за медиуми, неодамна отворениот официјален Твитер профил на Владата на Република Македонија го цитираше премиерот од владината седница која се пренесуваше во живо преку телевизија*:
Груевски: Владата го повлекува Предлог законот за млади од собраниска процедура со цел да се направат пошироки консултации со младински НВОи
Во текот на наредниот месец дена (до моментот на пишување на оригиналната верзија на овој напис), властите не понудија никакви нови информации во врска со наредните чекори поврзани со Законот за млади.
2 коментари