Инвазија на странски зборови во традиционалниот јапонски јазик
Keiko Tanaka Анаанглиски
71 годишен маж го тужи јапонскиот јавен сервис NHK за душевната болка што му ја има нанесено преку нивната прекумерна употреба на странски зборови. Тој е буквално изгубен во преводот, во својата родена земја.
Старецот го нервира употребата на заемки од страна на телевизијата, коишто фонетски се идентични со странските поими, но се транскрибираат на јапонската азбука катакана. За него тоа се само еден куп букви без никаков контекст на мајчиниот јапонски јазик.
Eве на пример, во следниве фонетски заемки: “preview” (во превод значи „преглед“ и се изговара „привју“), на катакана се пишува “プレビュー” (што се изговара purebyu), “draft” (нацрт/план), на катакана се пишува “ドラフト” (се изговара dorafuto). Она што старецот смета дека е бесмислено, е употребата на зборови како „грижа“ и „ризик“ во јавните емисии, коишто веќе имаат свои еквиваленти на јапонски. Тој смета дека известувачот му го прекршува правото на пристап до информации и правото на тоа да биде среќен.
Употребата на странски зборови не е проблем само за постарите лица, туку и за пошироката јавност. Јапонската агенција за културолошки прашања забележува дека зачестената употреба на странски зборови ја нарушува убавината на традиционалниот јапонски јазик, и ја попречува комуникацијата меѓу младата и постарата популација. Во едно владино истражување од 2007 за заемките, помалку од 10 % од испитаниците знаеја што на катакана значат зборовите „овластување“ и „писменост“, но севкупното познавање на заемките беше во пораст. Земајќи ја предвид прекумерната употреба на странски зборови во секојдневната комуникација, во септемви 2012, Кентаро Таканаши објави книга каде што објаснува што навистина на прост јапонски значи често употребуваната катакана.
Новинарот Тошинао Сасаки, којшто напиша книга за опстојувањето во време на социјалните медиуми, се двоумеше за тоа дали со помош на катакана да ја објасни суштината на својата книга:
Не можев да го најдам соодветниот превод на „опстојување“ на јапонски, па го оставив како што е. Јазикот е тежок. Преведувањето на странски концепти на јапонски знае да биде чудно понекогаш.
Антропологот Ичиро Нумазаки го сподели своето мислење на Твитер:
Кој денес би кажал shukyu [стар збор за фудбалска топка] со цел да го објасни фудбалот? Дали е подобро да престанеме да го користиме зборот „поддржувачи“ [на катакана] и наместо тоа, да ги викаме „応援団” [традиционален збор за пријател што навива]? Не би рекол. Критичарите на странски зборови во катакана, ја мразат употребата на нови зборови при опис на нови концепти. Не ја мразат самата катакана.
Порано кога се воведуваа странски зборови во Јапонија, истите се преведуваа буквално, со помош на веќе постоечките зборови на канџи (кинески знаци) и хирагана (јапонски знаци) кои соодветствуваа на нивното значење. Зборови како „слобода“ и „демократија“, воведени кон крајот на 19 век, на јапонски беа преведени со помош на канџи па се добија зборовите „自由“[ja] и „民主主義“. Иако во тоа време овие зборови беа нови, истите имаа смисла за многу Јапонци, бидејќи секој знак на канџи си има свое значење, и заедно формираат збор којшто има смисла.
Поетот Кавацу, смета дека со употребата на странски зборови на катакана, се намалил фондот на зборови коишто тој ги знае:
Me плаши тоа колку се очигледни нештата, пренесени преку употребата на заемки како што е случајот со вестерн зборовите опишани на катакана или пак кинеските концептуални зборови, пренесени со јапонските знаци канџи. За време на владеењето на Меиџи [1868-1912], значењата се преведуваа на канџи, но сега се користи само катакана. Постепено, нејасните значења навлегуваат во јавноста, со што очигледните нешта стануваат двосмислени.
Ичиро Нумазаки ја гледа позитивната страна на заемките:
Со заемките се воведоа некои странски концепти, како што се „сексуална злоупотреба“ и „СН“ односно „семејно насилство“. Заемките го привлекоа вниманието на јавноста, бидејќи катакана и нејзините знаци се покажаа како доста ефикасни при пренесувањето нови идеи. Луѓето мора да ја разберат суштината, како би ја разбрале катакана или пак азбуката.
Еден друг корисник на Tвитер @sumiyoshi_49 искоментира дека со странските зборови, секојдневите теми стануваат туѓи за обичниот народ.
Мислам дека сериозно треба да размислиме за употребата на поими како што се „нормализирање“ и „говор на омраза“ [и двата термини се фонетски објаснети на катакана како заемки], бидејќи овие зборови на катакана го оддалечуваат обичниот Јапонец, не дозволувајќи тој да се заинтересира за темите коишто ги претставуваат овие зборови. Јапонците кои не го владеат англискиот јазик, нема да ги сфатат идеите зад овие поими на катакана.
Овој напис е преведен со помош на Tакаши Охта, а уреден од страна на Сахар Хабиб Гази