Поради нуклеарната катастрофа што се случи во Јапонија, планот на Индонезија да ја изгради својата прва нуклеарна централа во наредните десет години е одложена на неодредено време. Индонезија поседува голема количина на ураниум, но исто како и Јапонија, тој е лоциран во внатрешноста на „Пацифичкиот огнен појас“ каде што заканата од земјотреси и вулкански ерупции е огромна. Блогерите се приклучија кон дебатата за тоа дали Индонезија треба да го продолжи својот сон за изградба на нуклеарна централа.
Ервин Вираван е воздржан во врска со ова прашање
Воздржан сум во врска со ова прашање. Лошите страни на централата за нуклеарна енергија се зголемија, а всушност обновливите енергетските извори за масовно производство се се уште само пуста надеж.
Како прво, централата за нуклеарна енергија споредено со другите почесто употребувани енергетски извори како што е јагленот и не е толку опасна. Катастрофите со централите за нуклеарна енергија се многу ретки. Најужасната нуклеарна катастрофа која се случи во Чернобил однесе „само” 28 животи. Дали знаете дека во Кина, во 2010 година, 2442 работника загинаа во 1401 инцидент во рудниците за јаглен, додека во САД, во 2009 година загинаа 18 рудари во рудниците за јаглен?
Дефинитивно, на Индонезија и е потребна енергетска разновидност за да го забрза економскиот развој, а истовремено да ги намали трошоците за енергија. Секој извор на енергија си има свои предности и недостатоци. Нуклеарната енергија ниту е најдобра, ниту е најлоша. Според тоа, владата треба да го стави на дневен ред и ова прашање заедно со останатите.
Колсон се надева дека пред да ја изградат нуклеарната централа, властите од Индонезија сериозно ќе ги земат предвид случувањата од Фукушима, Јапонија
По дефиниција, исто како и јапонските централи и централите за нуклеарна енергија во Индонезија се во самиот појас или во близина на „огнениот појас“- што значи дека тие секогаш ќе бидат изложени на ризик. Ако или подобро кажано кога ќе се случи незамисливото тоа ќе предизвика невидена катастрофа.
Па затоа, да се надеваме дека вистински одлучните луѓе паметно ќе ги преиспитаат нивните планови, земајќи ја во предвид ситуацијата што ја погоди Фукушима.
Келвин ја поддржува идејата за користење на нуклеарна енергија, но инсистира на тоа дека централата треба да биде лоцирана на безбедно место
мојата позиција во врска со нуклеарната енергија е конфузна. Јас го поддржувам ставот да се користи нуклеарка како извор на енергија, но сметам дека таа треба да биде лоцирана надвор од огнениот појас
Тикно предлага други извори на електрична енергија како што се јагленот и геотермалот
Во Индонезија постојат многу природни извори како што се вода, јаглен, геотермал, кои може да се пренаменат и со тоа да се добие електрична енергија. Време е човечкиот вид да започне со истражување на нови технологии (не само нуклеарната ) за производство на електрична енергија.
Мултибренд ја истакнува потребата за вклучување на нуклеарната енергија како можност со цел да се пресретнат идните потреби за енергија во Индонезија
Земајќи во предвид дека на Индонезија ќе и биде потребна електрична енергија во изобилие што ќе допринесе во развојот на државата, а изворите на енергија т.е јаглен, гас, нафта, геотермал се ограничени, сметам дека треба да сме отворени кон можноста за градење на реактори за нуклеарна енергија кои може да обезбедат поголема количина на електрична енергија.
Но, во овој случај треба да бидеме сигурни дека реакторот ќе биде лоциран на место каде нема да подлежи на земјотрес и/или други природни катастрофи, управуван и одржуван од способни и дисциплинирани луѓе.
Лук верува дека и покрај кризата во Јапонија, нуклеарната енергија не треба да биде запоставена
Сметам дека нуклеарната енергија е најбезбеден начин на произведување енергија како што летањето е најбезбеден начин на патување, но кога нешто ќе наопаку, тогаш навистина е наопаку! Исто така, сметам дека не треба да ја запоставиме нуклеарната енергија поради тоа што се случи во Јапонија. Научивме од Чернобил и се уште сметам дека тоа е најправилниот начин.
Корисникот на Твитер @Ihwoon ги идентификува „безбедните“ области во Индонезија кои се надвор од „огнениот појас.“
Нуклеарната енергија е најефтината енергија. Таа е потребна за да се направи Индонезија подобра, да се унапреди државната програма за развој со обезбедување ефтина и чиста енергија. Соочувајќи се со ситуацијата во светот сега кога цените на јагленот и нафтата се зголемуваат, а резервите се намалуваат, нуклеарната енергија е алтернативно решение. Можеме да заштедиме 30 милиони тони јаглен и 70 милиони барели нафта годишно. Можеме да направиме нашата држава да стане чиста држава со 20 проценти намалување на загадувањето. Сфаќам дека сме лоцирани во „огнениот појас“, но постојат и области кои не се наоѓаат во негова близина: „Бангка и Калимантан се безбедни места доколку сакаме да градиме во нив. Нема забележани одрони на земјата и земјотреси во овие области во последните 100 години.“