Македонија: Новите закони негативно ќе влијаат на културното наследство

Новите закони во Македонија ќе имаат негативно влијание на културното наследство во земјата. Тоа е професионалната оценка на археологот Василка Димитровска, која преку угледниот блог Археолошки дневник објави реакција на усвојувањето легислатива по скратена постапка (англиски):

Државата го усвои предлог-законот за третман на бесправно изградени објекти, поточно за легализација на дивоградби, со што веројатно ќе го нанесе најголемиот удар на културното наследство на Република Македонија. Познато е дека поголем број на археолошки локалитети се наоѓаат во рурална, но има прилично голем број и урбана околина низ градовите, од кои на повеќето се никнати дивоградби кои засекогаш уништиле некои древни градови. Според Археолошката карта на РМ (Том 2, издание на МАНУ, 1995) само на територијата на градот Скопје се регистрирани преку 150 локалитети, но во исто време регистрирани се и неколку големи тумори од дивоградби во Волково, Злокуќани, Припор итн …

Ова особено се однесува на римскиот град Скупи, над кој лежат куќите на распашаната богата клиентела од Злокуќани, распослана на сите оние 40 хектари на кои се простирала нашата (и светската) богата историја.

Сакав да напишам подолг текст на оваа тема, но нема што тука повеќе да се должи. Со легализирање на дивоградбите кои се наоѓаат околу или пак директно во атарот на одреден археололошки локалитет, ќе загубиме огромен дел од културното наследство на Македонија вклучувајќи и некои големи градови од минатото како Скупи, Хераклеја, Лихнидос и многу други. Оваа влада вложи огромни пари за археолошки ископувања од кои после толку години не видовме ниту една публикација. Сега е на добар пат со законот за легализација на дивоградбите да погази се што воопшто досега вложила во археологијата.

Roman tombstones and sarcophagi from Scupi in front of Skopje City Museum

Римски надгробни споменици и саркофази од Скупи изложени на временските прилики и воздушното загадување пред Музејот на Град Скопје. Фото: Филип Стојановски, објавено под лиценца Криејтив комонс-наведи извор.

Како археолог, г-а Димитровска изјави дека треба да се грижи за севкупното наследство кое му припаѓа на целиот свет, независно од кој период потекнува. Според неа, прв чекор би морало да биде промена и спроведување на Законот за културно наследство.

Читател наречен Александар коментираше на овој пост:

Очигледно подготвувачите на законот не консултирале никого, стар и познат проблем во Македонија. Од кабинет не се гледа многу… Жално е да се рече, ама кога народот не се потресе за многу работи кои подиректно го тангираат, за ова нема ни да бекне. и пак се враќаме на проблемот на образованието, и така натаму, се вртиме во круг.

Глобал војсис неодамна извести за укажувањата на друг блогер, кој се спротивстави (анг.) на изградба на јавни згради преку веројатен архолошки локалитет во центарот на главниот град на РМ.

Со новиот Закон за третман на нелегално изградени објекти, државата ги поканува сопствениците да легализираат дивоградби по цена од 1 евро за метар квадратен. Како и обично, Владата започна и скапа рекламна кампања за популаризација на законот, преку видео-спотови кои се прикажуваат на ТВ-станици блиски до режимот. Овој обид за дополнување на испразнетиот државен буџет се претставува како начин урбаните и  руралните пониски класи кои имаат изградено домови без дозвола или документи да се стекнат со вистинска сопственост. Попатно, им се наоѓа и на локалните моќници кои имаат изградено вили во зони кои се номинално заштитени, како национални паркови и сл.

Надгробната плича на Виталис, стар римски коњанички офицер, пред Музеј на Град Скопје. Фото: Филип Стојановски, објавено под лиценца Криејтив комонс-наведи извор.

За зголемување на културните придобивки, следуваат информации за археолошките наоѓалишта споменати во овој пост, со линкови до написите на Википедија:

  • Скупи бил римскиот претходник на современата престолнина Скопје. Основан како воен логор околу 168 г.п.н.е.  прераснал во град кој бил уништен во земјотресот од 518 г.н.е. Населението се преселило неколку километри по течението на реката Вардар и искористило дел од мермерот да го изгради средновековно Скопје, поточно калето – на кое неодамна се случи меѓуетнички инцидент (анг.). Некои од надгробните споменици од Скупи може да се видат во центарот на Скопје пред Градскиот музеј, додека локацијата е близу до патот кон Косово и не е отворена за посетители.
  • Хераклеја Линкестис е близу до Битола, вториот град по големина во РМ. Основан од кралот Филип II Македонски во 4 век п.н.е. овој „град на Херкул во земјата на рисот“ содржи важни римски и рановизантиски остатоци, меѓу кои и познатите мозаици и театар. Пред неколку години Владата на РМ ги украси своите степеници со неколку римски скулптури од ова место.
  • Лихнидос е старогрчкото име за Охрид. Оваа питома и стратешки значајна област е постојано населена со луѓе со илјадници години, а е позната по зачуваната архитектура, икони и други богатства од средновековниот и османлискиот период. Нови ископувања направени во последите две децении открија постари наслаги со артефакти како амфитеатар (кој повторно се користи за концетрти), гробови на наводни антички македонски воини/генерали (златни маски и оружје) и аристократки (софистициран накит).

1 коментар

Приклучи и се на дискусијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.