Јуни 2009, Global Voices Advocacy [1] беше првата организација која соопшти дека мавританскиот уредник Ханеви Улд Дахах, кој ја води левичарската веб локација Taqadoumy [2], беше уапсен заради коментар поставен на неговата веб локација. Улд Дахах, осуден на шест месечна затворска казна, требаше да биде ослободен на 24-ти декември, но блогерот Насер Ведади, на 26-ти декември на страницата на блогот Dekhnstan, информира дека Улд Дахах сѐ уште се наоѓа во затвор. Во првата статија на блогот Ведади коментира [3]:
Оваа е причината што започнав да блогирам. Во случајот на Ханеви не се работи само за уште еден блогер/новинар отстранет заради политички причини. Неговиот случај ќе предизвика длабоки импликации во земјата: се додека Генералот Азиз не почувствува некаков отпор против неговиот третман на еден новинар, сигурно е дека ќе смета дека може да го потиснува секој оној што има различно мислење без страв и без некакви последици. Да речеме дека ова е ПРИМЕР за слични случаи за иднината на човековите права во малата, често запоставена, нација на Мавританија.
На 28-ми декември, Ведади извести [4] дека Улд Дахах започна да штрајкува со глад. На 5-ти јануари, Комисијата за заштита на новинари (Committee to Protect Journalists – CPJ) ги осуди [5] мавританските власти за задржување во затвор на Улд Дахах по рокот на неговото ослободување и Арапската мрежа за информирање за човековите права (ANHRI) апелира [6] кај Мавританската влада да го почитува законот. Сѐ до денес, ниту еден официјален медиумски извор нема известено за случајот.
Сѐ до денес, Улд Дахах е сѐ уште во затвор. На 14-ти јануари, Насер Ведади напиша [7] во Dekhnstan:
Теоретски, Ханеви Улд Дахах, би требало денес (14-ти јануари) да има сослушување во Врховниот суд откако беше итно повикан да се појави пред највисоката судска институција во земјата – и покрај фактот дека оваа процедура е нелегална. И за да не сте во заблуда, Мавританската влада не откри ненадејно дека во овој случај направи грешка, едноставно се обидува да го прикрие нелегалниот третман кон Ханеви. Во суштина, сосема е можно е власта да изрече различна казна!
Ведади исто така ги наведе имињата на функционерите кои се вмешани во принудното притворање на Улд Дахах, но подоцна изјави дека: „Искушението на Ханеви е казнето од највисоката власт во Мавританија: од Генералот Мохамед Улд Абделазиз. Поредокот во кој живеат Мавританците е таков што тој и само тој, има право да одлучува за животот и смртта на оној што е доволно луд да му се спротивстави.“