- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Македонскиот Уставен суд ја потврди казната за новинарите кои цитираа изјава со обвинение за корупција

Категории: Источна и Централна Европа, Македонија, Граѓански медиуми, Медиуми и новинарство, Слобода на говор
Editor in Chief of Fokus magazine Jadranka Kostova and journalist Vlado Apostolov coming out from Court hearing in May 2013. Video screen-grab from a1on.mk

Главниот уредник на неделникот „Фокус“ Јадранка Костова и новинарот Владо Апостолов излегуваат од судското рочиште во мај 2013 година. Видео скриншот од A1on.mk [1].

Иако сега веќе е поранешен шеф [2] на македонската Управа за безбедност и контраразузнавање, се чини дека Сашо Мијалков [3] сè уште има големо влијание врз судскиот систем во земјата, особено кога се во прашање „честа и угледот”.

Уставниот суд на Македонија ја потврди паричната казна од 8.300 евра против двајца новинари од независниот неделник „Фокус“, Јадранка Костова и Владо Апостолов за клевета или „кршење на честа и угледот на поранешниот шеф на тајната служба”, кој е и роднина на премиерот во заминување [4], Никола Груевски.

Ова е трет пат македонските судови да ја потврдат казната за цитирање извор, кој тврдеше дека Мијалков бил вмешан во корупција. Првостепениот суд [5] ја одреди глобата за новинарите на почетокот на 2014 година, Апелациониот суд [6] ја потврди пресудата во септември 2014 година, а Уставниот суд ја одби жалбата на новинарите [7] во ноември 2015 година.

Fokus magazine's front page featuring Saso Mijalkov Photo: Fokus.mk

Сашо Мијалков на насловната страница на неделникот „Фокус“ Фото: Fokus.mk

Уставниот суд во својата одлука наведува дека судовите од понизок степен правилно утврдиле дека не постои основа за исклучување на одговорноста на Апостолов и Костова. Воедно, од судот додаваат дека објавените стории не содржат информации од јавен интерес, туку постоела намера „да се започне пренесување на гласини, кои сериозно повредувале нечие право на чест и углед“.

Новинарите од неделникот „Фокус“, пак, тврдат дека сториите се објавени со цел да се поттикне дебата за прашања од јавен интерес и дека нивната содржина несомнено е тема од јавен интерес.

Костова, која е главен уредник на неделникот, е казнета со 5.000 евра, а новинарот Апостолов со 1.000 евра. Дополнително, двајцата треба да ги покријат судските трошоци во износ од 3.300 евра, што севкупно ја достигнува сумата од 8.300 евра.

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, кој даде оставка поради други обвиненија за корупција и злоупотреба на власта, го тужеше Фокус во јануари 2013 година. Неделникот објави неколку стории цитирајќи изјави на Игор Илиевски, македонскиот амбасадор во Чешка, во кои тој го обвинува Мијалков за корупција.

Иако новинарите побараа од Мијалков да одговори на ваквите обвиненија, тој одби да даде интервју и наместо тоа поднесе тужба.

Во октомври 2014 година, Здружението на новинари на Македонија ги повика [8] сите новинари и граѓани да покажат солидарност [9] со новинарите на Фокус и да помогнат да се соберат средствата според судската казна за објавените истражувачки стории.

Други здруженија на граѓани како Националната мрежа против хомофобијата и трансфобијата на Македонија [10] организираа настан за собирање средства во скопската Стара чаршија [11] на 14 октомври, 2014 година со цел да му се помогне на „Фокус“ да ги покрие трошоците за казната за клевета, како и за судските трошоци.

Fokus magazine's front page after the initial fine for the journalists in 2014

Насловната страница на неделникот „Фокус“ по првичната судска пресуда против новинарите во 2014 година

Случајот беше карактеризиран како пример за заплашување на медиумите [12] од страна на Известувачот на Обединетите нации за слобода на говор, Френк Лару во јуни 2013 година. Поединечни новинари, Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинарите, Репортери без граници, [13] како и друи организации го окарактеризираа случајот како јасна закана за медиумите, а многумина го потврдија „смрзнувачкиот ефект“ што оваа пресуда го имаше врз македонските новинари.

Никола Младенов, основачот и уредник на „Фокус“, беше пронајден мртов [14] во автомобилска несреќа на 27 март 2013 година под сомнителни околности. По несреќата, дневниот весник „Фокус“ и неделникот престанаа да се печатат. Неделникот продолжи да излегува во јули 2013 година.

Смртта на Младенов беше спомената во т.н. „бомби“ [15]нелегално снимени разговори од страна на УБК [16] на чело со Мијалков кои ги објави опозицијата во текот на 2015 година. „Бомбата“ во која се споменува Младенов откри разговори меѓу врвните македонски политичари, вклучувајќи ја поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, нејзиниот заменик Иво Котески, како и Мартин Протуѓер, шеф на кабинетот на премиерот Никола Груевски. Во разговорите постојат индикации дека властите ја попречувале истрагата и организирале заплашување на новинарите кои жалат за смртта на Младенов. Како последица, лидерот на опозицијата Зоран Заев [17] и ЗНМ [18] побараа повторно отварање на истрагата.