Името на Рагид Ал-Татари стана симбол на морална храброст во контекст на бруталната историја на сирискиот режим. Овој бивш пилот на Сириското воено воздухопловство во 1980 година донел одлука заради која поминал 43 години од животот во затвор: одбил да го бомбардира градот Хама. Во тоа време, во Хама имало востание против авторитарниот режим на Хафез ал-Асад, на кое беше одговорено на катастрофален начин.
Одбивање воени наредби
По наредба на Асад, сириската војска под водство на неговиот брат Рифат ал Асад спровела целосен напад на градот, кој се смета за една од најкрвавите пресметки во историјата на модерна Сирија. Во тек на две години интервенцијата се претворила во масакр во кој беа убиени илјадници цивили. Новинарот Патрик Сил, во извештај за Глоуб енд мејл, ја опишал операцијата како „двонеделна оргија на убивање, уништување и грабеж“ со која е уништен градот и биле убиени најмалку 25.000 жители. Ал Татари не можел да се натера да ги изврши наредбите. Соочен со ужасната можност да бомбардира цивили, тој решил да се спротистави на надредените и да одбие да ја изврши мисијата. За неговиот чин на пркос, сирискиот режим го осудил на 43 години робија. Неговиот чин на совест не само што му го сменил животот, туку имал големо влијание на колективната меморија на Сиријците, особено во Хама.
Според Здружението на затвореници и исчезнати лица од затворот Сајднаја, ал Татари и три други пилоти биле уапсени во 1980 година за одбивање да извршат воздушни напади во Губернијата Хама.
Командантот на ескадронот и уште еден пилот потоа избегале во Јордан, додека ал Татари и уште еден колега се вратиле во сириската воздушна база во Алеп. Иако ал Татари бил обвинет за непослушност, судот прво го ослободил од обвиненијата, наведувајќи дека како подреден офицер тој само се согласил со инструкциите на неговиот непосреден командант да ја откаже мисијата.
Наспроти ослободителната пресуда, судот едновремено наложил да се отстрани од воена служба. Тој потоа неуспешно се обидел да побара азил во Египет, а штом се вратил во Сирија, без разлика што судот го ослободил, властите го уапсиле на аеродромот во Дамаск на 24 ноември 1981.
Со години криен по затвори
Aл Татари бил брутално мачен во затворот на Главната управа за безбедност.
Потоа, без никакво обвинение бил затворен во Затворот Мазех. Во 1982 година без никаква најава, јавна објава или претходно информирање, го изнеле пред вонреден воен суд на неколку минути. Подоцна истата година ал Татари бил пренесен во озлогласениот Затвор во Пустината Тадмор, каде останал следните 21 година.
По 2022 година бил пренесен во Затворот Сајднаја, каде поминал 10 години кои биле најтешките во историјата на затворот, особено во 2008 година кога на бунтот на затворениците режимот одговорил со крајна бруталност.
Долги години приказната на ал Татари останал непозната за поширокиот свет, до 2005 година кога ја имал првата прилика да се види со својот син единец, Ваел. Во 2011 година, во знак на протест поради условите во затворот, одбил да ја носи затвореничката облека што ја наложувале властите во Затворот Адра. Таму бил спречен да ги гледа родителите и пријателите, а и за него и за другите политички затвореници на режимот на Асад, морал да трпи ужасни животни услови.
Ослободување и почести
По падот на режимот на поранешниот претседател Башар ал Асад, сириската опозиција ослободила десетици илјади затвореници. Ал Татари така излегол на дневно светло за прв пат по цели 43 години и го напуштил затворот, со побелени коси и избрчкано лице, давајќи слика на живот попусто потрошен зад решетки.
Организациите за човекови права го сметаат ал Татари за политички затвореник кој издржал најдолго време во затворите на Сирија. Многумина го нарекуваат и „декан на сириските затвореници“. Денес, откако ал Татари е вратен на сириските улици по долгото и мачно искушение, фотографии објавени на Икс (поранешен Твитер) го покажуваат бившиот пилот како со насмевка ја ужива новостекнатата слобода.
Со моќен акт на солидарност и почит, граѓаните на Хама, кои сè уште добро го паметат масакрот од 1982 година, укажаа почит на ал Татари. Tие му подарија златен меч, како симбол на храброст и пркос, признавајќи го неговиот интегритет и смелост искажани пред еден од најугнетувачките режими во модерната историја.
Ver essa foto no Instagram
Народот на провинцијата Хама во Сирија укажаа почит на пилотот Рагид ал Татари откако тој помина 43 години во затворите на режимот на Асад, заради одбивањето на наредбите да бомбардира цивили од тој град во време на владеењето на Хафез ал Асад.
Ал Татари бил уапсен како мајор на 27-годишна возраст, а бил ослободен како 70-годишник од централниот затвор во Тартус, откако опозициските фракции преземаа контрола врз градовите во кои владееше режимот, додека Башар ал Асад бегаше кон Русија.
За народот на Хама, пркосот на ал Татари против наредбите на Асад служеше како чин на морална чистота во време кога за многумина опстанокот значеше повинување на режимот. Фактот дека народот на Хама реши да му укаже чест на ал Татари неколку децении подоцна, наспроти обидите на режимот да ги избрише сеќавањата на таквиот отпор, покажува колку се цени интегритет што тој го остава во наследство. Тоа е исто така сведоштво за тоа како сеќавањето и правдата може да ги надживеат и најрепресивните режими.