- Global Voices на македонски - https://mk.globalvoices.org -

Приказната за огромната популарност на кинеската интернет-литература

Категории: Источна Азија, Кина, Граѓански медиуми, Економија и бизнис, Уметност и култура
[1]

Слика од јавен домен преку Пиксабеј.

Пазарот за е-книги пука на кинеското тло. Според официјални проценки, имало 353 милиони читатели на интернет-литература [2] до јуни 2017 година и повеќе од 90 проценти од нив – околу 327 милиони – пристапуваат до интернет-литературата преку нивните мобилни телефони. Иако популарноста на интернет-литературата значи дека новите писатели имаат можност да ги прикажат своите дела на растечката публика, за некои писатели како и за некои читатели новиов начин на издавање создава непредвидени негативни ефекти.

Еден голем показател за оваа експлозија кај читањето на Интернет, е скокањето на пазарната вредност на „Чајна Литрчр“ [3], најголемата веб-страница за литература на Кина и подружница на ИТ гигантот „Тенсент“. Вредноста на компанијата скокнала на пазарот на хартии од вредност на Хонг Конг по почетната понуда во ноември.

Со 9,6 милиони онлајн дела [4], компанијата има 70-процентен удел на кинескиот пазар за интернет-литература, првенствено кај жанровите за фантазија, за борби во палати, ограбување гробови, заговори, романтика, создадени од 6,4 милиони писатели за да им послужат во просек на 192 милиони месечни корисници.

Придонесите не доаѓаат само од плаќањата на читателите за содржините, туку и од авторските права на најпопуларните дела на страната како „Легендите на конкубината Жен Хуан“ [“Legends of Concubine Zhen Huan“], „Тајната на ограбувачот на гробови“ [“The Secret of the Grave Robber”], и „Патешествието на цветот“ [“The Journey of Flower”], кои исто така беа адаптирани како телевизиски драми.

Компанијата тврди дека кинескиот интернет пазар за литература станал еден од четирите најголеми светски културолошки фабрики за правење пари по холивудските блокбастери, јапонските стрипови и јужнокорејските идол ТВ-драми. Таквата реторика го промовира бизнисот на интернет-литературата како национален проект кој ја прикажува комерцијалната моќ на Кина.

Лудило со интелектуалната сопственост

Авторските права на популарен интернет-роман во Кина може да се продадат за милиони јени бидејќи големата база на фанови на белетристика може да ја гарантира славата на адаптирана серија или филм. Всушност, во последниве години, на телевизискиот и видео пазар во Кина сè повеќе доминираат адаптации на интернет-романи.

На пример, „Патешествието на цветот“ [5], роман-фантазија за боречки вештини издаден на веб-страницата за литература, „Џинџианг венксуе сити“ во 2009 година, станал едно од најпопуларните дела на Кина, кој подоцна е издаден и како книга. Приказната, за бог и божица на кои им е судено да се убијат еден со друг, и подоцна се вљубуваат во задгробниот живот, се претвори во франшиза која вклучува и видео-игра, филм и популарна телевизиска серија која станала првата драма која надминала 20 милиони прегледи на интернет во Кина.

Дали ваквиот модел на издавање ги искористува писателите?

Познатите писатели кои објавуваат свои дела на платформата „Чајна Литрчр“ мора да потпишат договори [6] со компанијата во кој се наведува дека сопствеништвото на авторските права е во корист на „Чајна Литрчр“ и дава листа со упатства за „самоцензура“ кои мора да се почитуваат.

Писателите под договор се платени преку пирамиден модел – плаќање по зборови кој лесно се искористува, бидејќи алгоритмот одредува поголем степен на плаќање позбор и варира во однос на популарноста на писателот. Во 2016 година, „Чајна Литрчр“ плати 1 милијарда кинески јуани — околу 150 милиони американски долари  — на 5.3 милиони писатели [7] од кои врвните 100 добија повеќе од еден милион јуани. Просекот на исплата беше помал од двесте.

Истовремено, платежниот систем не охрабрува создавање дела со добар квалитет, бидејќи писателите знаат да наредат голем број на зборови за да си ги зголемат придонесите преку моделот на плаќање по зборови. Затоа, типичен кинески интернет-роман содржи еден милион кинески знаци и повеќе. Писателите на „Чајна Литрчр“ издале највисоки 41,4 милијарди зборови во 2016 година.

Исто така, пишувањето стана интерактивен процес под притисок од забелешките од читателите кој го диктира процесот на креативното пишување. За да ги воодушеват читателите, многу писатели треба да измислат бизарни содржини како и да надградуваат неколку илјади ликови секојдневно, во спротивно читателите ќе ги откажат претплатите. Многу писатели се приморани да ги прекинат своите публикации, бидејќи не се веќе во можност да бидат во чекор со своите претходни планови за содржини, или бидејќи не можат да го поднесат притисокот за нови ажурирања.

Писател на интернет-литература ја искажа својата вознемиреност на Твитер:

Како писател на интернет-литература, не сум толку способен како другите. Тие можат да напишат и до 10.000 или дури 20.000 зборови на ден, додека јас можам да напишам само од 4.000 до 5.000 зборови. Како да се казнам себеси.

Индустриски извештај за 85-те најдобри писатели на онлајн-литература составен од „Ху Рун Нет“ [9], сумираше неколку можни заеднички карактеристики за овие кинески интернет-писатели:

1. Просечната возраст е 37 години;
2. Најмладиот писател во првите 50 има само 26 години;
3. 65 проценти од првите 85 писатели се мажи а 35 проценти се жени;
4. Просечно секој писател пишува 5000 зборови дневно, иако таа бројка може да достигне и 20,000 зборови на ден. Повеќето од нив пишуваат по 8 часа.

Корисникот на Твитер @Yolanda_23333, кој исто така е писател на интернет-литература, вели дека проблемот со монополот ѝ штети на литературата:

Вака, интернет-литературата е многу монополизирана, и тоа отежнува сè. Делата се повторуваат, премногу имитатори, проблеми само никнуваат. Не знам до каде ќе ја терам [мојата кариера] но ќе се обидам да го извадам најдоброто од себе во пишувањето и да ги избегнам сите табуа. Денеска одлучив да го избришам делото „Ќе заминувам“ [“About To Leave”] и да го напишам одново како подолго дело. Додадов многу споредни содржини за да го збогатам оригиналот. Не сум сигурен дали читателите ќе можат да ги прифатат промените. Јас само си го следам срцето.

 

Монополот на интернет-литературата исто така го ограничува изборот на читателите. Еден читател се пожали на „Веибо“:

刚刚试图看哈《霍乱时期的爱情》,换了七八个小说阅读器搜了半天都没搜到,很失望,现在的小说阅读器充斥着网络文学,垃圾文学。没有多少能够滋润人们心灵的经典文学,失望,失望,好失望 ​

Се обидов да добијам пристап до романот „Љубов во време на колера“ [“Love in the Time of Cholera”], истражив 7-8 апликации за читање романи но не успеав да пронајдам копија при пребарувањето. Ептен сум разочаран. Сега сите апликации за читање романи се полни со internet-литература, никаква литература. Нема класика која може да им го збогати духот на луѓето. Ептен разочарувачки….