Интервју со Дамјан Михаилов, автор на веб стрипот Луси Некромантката

Дамјан Михаилов и стрипот Луси Некромантката. Фото: Кирил Михајлов, објавено со дозвола.

Македонска верзија на книгата „Луси Некромантката“, промовирана во Скопје на 25 ноември 2024 г. Фото: Кирил Михаилов, објавено со дозвола.

Дамјан Михаилов е македонски автор на стрипови чиј веб-стрип „Луси Некромантката“, првобитно објавен на англиски преку платформата „WebToons“, а во текот на 2024. година беше објавен и во форма на книга, прво на англиски, а потоа и на македонски.

„Глобал војсис“ разговараше со Михаилов за ситуацијата со македонската стрип продукција на интернет и на хартија, разликите меѓу обраќање кон глобални и локални публики, како и за потребата за транизиција меѓу различни формати.

Преку ден Михајлов работи како технички дигитален артист, додека навечер тој се посветува на цртање стрипови. Кариерата ја започнал додека студирал архитектура, но подоцна открил дека цртањето, кое го практикувал како хоби, е неговата вистинска страст, и целосно му се посветува. Како вистинки гик во душата, тој ги сака сите аспекти на стриповите, илустрациите, филмот и анимацијата.

Стрипче со Луси Некромантката од Дамјан Михаилов. Објавено со дозвола.

Глобал војсис (ГВ): Почнавте со објавување на авантурите на Луси Некромантката од 2021 година, во форма на веб-стрип кој изгледа како пародија на клишеата од жанрот хорор (страв и ужас), со финта на воведување лик на мало девојче кое настојува да стане волшебничка. Што ве мотивираше да почнете да ги раскажувате овие приказни

 

Дамјан Михајлов (ДМ): Кога почнав да работам во развој на видео игри, од некоја X или Y причина, престанав да цртам. Чувствував како креативноста ми се исцрпува на работа. Во еден момент сфатив дека нешто ми недостига, па си помислив: Ми треба проект што ќе ме натера повторно да цртам. Барем нешто да создадам секоја недела. Поради тоа одлучив да почнам да правам стрип, како оние во весниците, истите со кои израснав, каде секој ден имаше нов.

Долго време имав идеја за приказна каде две спротивни светови ќе се судрат, нешто мрачно и нешто симпатично, и сфатив дека сега е совршено време да ја реализирам. Зомбињата можат да бидат и мрачни и забавни, нудејќи бескрајни можности за луди приказни. Луси, од друга страна, е симпатична и весела (во поголемиот дел од времето) и го руши стереотипниот изглед на некромант.

Стрипче со Луси Некромантката од Дамјан Михаилов. Објавено со дозвола.

ГВ: Основниот формат што го киристите е четири слики по страница, додека авантурите на Луси може да се протегаат од гегови од една страница до проширени наративи од неколку страници. Дали е тешко да се раскажуваат цели приказни со овие технички ограничувања?

ДМ: Никогаш не сум сакал долги приказни, особено оние што се делат на делови, каде што мораш да чекаш недела дена за следната епизода и на крај забораваш што се случило претходната недела. Денес луѓето повеќе сакаат содржина што оди директно на поентата, па приказни во еден стрип ми се чинеше како правиот избор. На почетокот не обрнував многу внимание на бројот на панели или пак на форматот. Но, со текот на времето сфатив дека ми треба конзистентност, па се ограничив на структура од четири панели.

Ограничувањата се многу добра работа, те тераат да размислуваш како да раскажеш приказна како виц. Со премногу панели, лесно може да се претера, и шегата на крај ја губи својата поента. На крајот на краиштата, никој не сака долг виц.

Стрипче со Луси Некромантката од Дамјан Михаилов. Објавено со дозвола.

ГВ: Покрај Луси, во стрипот се прикажани низа ликови, од „растенија и зомбии“ до други деца кои се невошлебни (кои во универзумот на „Хари Потер“ би ги нарекле маглс или нормалци). Дали овие интеракции ги гледате како алегории, или начин да се пренесат некои универзални пораки?

ДМ: Тоа е премногу длабоко за светот на Луси. Повеќе е како “If it fits, it sits.” 🙂 Нема скриена порака или нешто слично. Нејзиниот универзум е мешавина од секакви магични светови и реалности. Идејата е дека сите овие светови можат среќно да коегзистираат. Сакам само да донесам малку радост во животите на луѓето. Без разлика дали сте фан на „Војна на ѕвездите“ (Star Wars) или „Господарот на прстените“ (Lord of the rings), ќе можете да најдете нешто смешно во светот на Луси.

Стрипче со Луси Некромантката од Дамјан Михаилов. Објавено со дозвола.

ГВ: Дали околината на хорор е метафора за Вашиот поглед на светот? Или дали некои од ликовите се одраз на живи луѓе?

ДМ: Можеби, и да. Хорор можеби е претежок збор, повеќе е како табу. Секако, има зомбиња и разни страшни, хорор-тематски работи, но тие не се прикажани на тој начин. Станува збор за нешто што повеќето луѓе го гледаат како табу и негово превртување наопаку, што го прави смешно. Искрено, мене ми е преку глава од теми што луѓето ги сметаат за табу.

Кога повеќето луѓе ќе го слушнат синопсот за Луси, прават гримаса и прашуваат: “Зошто би создал нешто такво?” Но, потоа ќе прочитаат неколку стрипа и велат: “Ова е всушност симпатично и смешно!” и веднаш им се допаѓа.

ГВ: Кои беа влијанијата од светот на стрипот или од други медиуми што Ве мотивираа да ја создадете Луси?

ДМ: Јас сум огромен фан на веб-стрипови, а има толку многу кои вредат да се читаат. Од мала возраст имав голема љубов кон цртаните и стриповите. Пораснав со класици како „Снупи и Чарли Браун“  (во оригинал „The Peanuts“, Професорот Балтазар, и сите серии од „Картун Нетворк„ (Cartoon Network), и мислам дека тие имаат најголемо влијание врз мене. Живеев до Францускиот културен центар во Скопје, и во дождливи денови одев во одделот за стрипови, да ги „читам“ сликите. Не разбирав ни збор, но си создавав свои приказни врз основа на сликичките.

Продавниците кај нас продаваа италијански стрипови преведени на српско-хрватски, од кои повеќето беа за каубојци, тематика што никогаш не ме привлекувала. Наместо тоа, повеќе ми се допаѓаа секојдневните хумористични стрипови во весниците, а подоцна и световите на „Marvel“ и „DC“. Веројатно сите тие на некој начин влијаеле врз мене, и сè уште влијаат. 

ГВ: Првобитната форма на Луси Некромансерката беше веб-стрип. Зошто решивте да го објавите стрипот и во формат на книги, на хартија?

ДМ: Да, Луси е веб-стрип, но клучниот збор е “стрип”. Иако до веб-стриповите има полесн пристап и лесно читање на компјутер, телефон или таблет, тие оригинално се во печатен формат. Многу луѓе ги преферираат како такви. А исто така, навистина е кул да си го видиш својот на полица, покрај сите други одлични стрипови. 😉

Стрипче со Луси Некромантката од Дамјан Михаилов. Објавено со дозвола.

ГВ: Дали странски публики се заинтересираа за Луси, било во нејзината дигитална или печатена форма? Би биле ли заинтересиран за преводи на други јазици?

ДМ: Да, Луси добива љубов од целиот свет. Првично ја објавував Луси како веб-стрип на англиски јазик на меѓународната платформа за веб-стрипови Webtoons. Таа брзо стекна следбеници и фанови кои со нетрпение го очекуваа секој следен стрип. Преводот на македонски беше логичен следен чекор, бидејќи децата овде добро реагираа на англиската верзија. Но не многу деца го разбираа тоа што се случува во стрипот, па сакав да ја приближам Луси до нив. Преведувањето на различни јазици е голем чекор што се надевам дека ќе го постигнам во иднина. Би било доста кул ако се случи.

Стрипче со Луси Некромантката од Дамјан Михаилов. Објавено со дозвола.

ГВ: Што мислите стрип-сцената во Северна Македонија, па и пошироко како е на Балканот? Дали нови и млади автори на стрипови и графички романи имаат шанси нивните приказни да бидат видени и читани?

ДМ: Ух… ова е тешко прашање. Постојат две групи луѓе: тие што создаваат стрипови и оние што ги читаат. Повеќето од нив се поврзуваат преку пријатели, „Facebook“, „Instagram“ и слични платформи. Македонија има многу мала стрип-сцена, и без некое посебно место што ќе ги обедини креаторите и читателите или пак ќе им даде неканво чувство на припадност и поддршка. Сепак, има поединци кои работат напорно за да го сменат ова.

На пример, оваа година, 2024, се одржа второто издание на фестивалот за стрипови Стрип Трип, кој се надевам ќе прерасне во долга традиција. Пред ова, немаше многу случувања на локалната стрип-сцена. Во соседните земји има неколку фестивали, и повеќето од нашите уметници таму го наоѓаат својот простор. Најтажниот дел е тоа што владата често ги поддржува истите организации кои придонесуваат малку или пак воопшто ништо за заедницата. И покрај тоа што овој фестивал не доби финансирање од државата, неколку решителни луѓе успеаја да го реализираат. Со многу труд и работа го изгураа до крај. Фестивалот беше доста успешен, а следната година се ветува дека ќе биде уште подобар. Се надевам дека владата ќе ја препознае растечката потреба за вакви настани и ќе реши да помогне. Додека да дојде тој момент, ние ќе продолжиме да креираме, никој не може да ни го одземе тоа.

Статуа на Луси Некромантката. Фото: Кирил Михаилов, објавено со дозвола.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.