Индиската амбасадорка во САД Мера Шанкар беше одвлечена од безбедносната редица на меѓународниот аеродром Џексон-Еверс во Мисисипи, САД, а потоа принудена на претрес на телото од страна на агент на Сообраќајната безбедносна администрација (ТСА). На 4-ти декември, 2010 година, Шанкар требаше да се качи на лет за Балтимор откако присуствуваше на програма на Државниот универзитет во Мисисипи и иако помина успешно преку детекторот за метал на аеродромот, таа беше издвоена врз основа што носела сари, индиска народна носија. Таа го спомна својот дипломатски статус, но тоа не го запре измачувањето пред останатите патници. Минатиот септември, Шанкар мина низ сличен претрес во Чикаго.
Инцидентот разгоре силни протести во Индија. Индискиот секретар за надворешни работи Нирупама Рао рече дека инцидентот не претставува добра јавна дипломатија прикажана од САД, а индискиот Министер за надворешни работи С.М. Кришна повтори дека ова е неприфатливо за Индија. Индиската опозициска партија БЈП протестираше во близина на Амбасадата на САД во Индија барајќи извинување од страна на САД. Блогосферата исто така ѕуни од реакции како што се појавуваат деталите.
Имаше измешани одговори од властите на САД. Стејт департманот на САД се обрати до амбасадорката жалејќи за инцидентот. Сепак, според изворите на вестите, ТСА ја бранеа својата постапка споменувајќи дека дипломатите не се изземени од пребарувањата и дека Шанкар беше „испитана во согласност со безбедносните политики и процедури на ТСА“. Може овде да се спомене дека не се сите патници предмет на претресување, само оние патници кои ќе го активираат алармот за метал мораат да одат низ испитувањето, а „г-ѓа Шанкар помина преку металната рамка без да се активира алармот“. Правилото на САД за исклучок на граничен претрес тврди дека офицерот мора да има разумно сомнение или претходна информација да верува дека претресувањето ќе открие закана или шверцување и мора да има налог од повисок стандард прегледан од судот за некои поинвазивни претресувања.
Амбасадорката се почувствува видно понижена бидејќи беше претресена јавно, во провидна кабина. Павани во Сепиа Мјутини пишува:
Вмешаниот аеродром ги немаше на располагање новите скенери за тело така што таа опција не беше можна за амбасадорката. Но проѕирна кабина не звучи дека е доволно приватно за секој кој се чувствува доволно непријатно за да побара приватно пребарување. А ако само поради носење сари се предизвикува сериозен претрес на целото тело, тогаш треба да се понуди приватна опција, како и на секој кој ќе побара приватно испитување.
Вивек коментира на горната објава:
Еден детаљ кој не се појави на ниедна од сториите на вестите беше тоа дека службеник на ТСА, Ана Душас, се обидела да и го соблече сарито на Шанкар, пред да интервенира нејзината надзорничка, Крис (го знаеме само нејзиното име).
Инцидентот го покажува незнаењето во врска со Сарито, народната носија на многу земји од Јужна Азија кое го носат милиони жени во овој регион и низ целиот свет. Еден коментар на NYDailyNews.com можеби покажува како се чувствуваат многу Американци во врска со сарито:
Ако носиш терористичка облека тогаш очекувај да те претресат. Добро сторено ТСА.
Баи се прашува:
Каква би била реакцијата на Американците ако некои од нивните службеници (сенатори, амбасадори…) бидат предмет на слично претресување во Индија?
Ражеев од Рендом Тотс мисли:
Наместо да цимолиме во врска со ова, ние во Индија, треба да учиме од нивните безбедносни процедури и да го ставиме секого на најстроги безбедносни проверки во нашата околина исто така. За она што ја засега безбедноста на нашата земја, не треба да не мачат туѓите мислења!!