Глобал Војсис: Преглед на 2007, и големи планови за 2008

Никој не можеше да предвиди дека еден напис за кинеските одгледувачи на мравки ќе стане најчитаната сторија на Глобал Војсис за 2007 година.

Врвни приказни на овој веб-сајт најчесто беа оние во кои што локалните блогери претставуваа важен извор на информации за меѓународните медиуми (и демократски активисти), како на пр. протестите во Мијанмар, Пакистан, и сегашните немири во Кенија, односно привлекоа мноштво читатели затоа што никој друг не известува за далечните региони и приказни како тропските бури на Барбадос, Доминиканската република, Јамајка, Кајманските острови, Хондурас и Оман.

Во изминатите денови, авторите и уредниците на Глобал Војсис истакнаа некои од врвните стории во блогосферите на нивните региони. Погледнете кои беа најважните теми за 2007 г. според блогерите во Северна и Јужна Америка, Карибите, Кавказ, Хонг Конг, Кореја и Филипините – кои ги споделија со сириските, мароканските, арапските и португалските блогери.

„Најсекси“ приказни на Глобал Војсис во 2007 г.

Квантитетот не секогаш е мерка за квалитет, но еве еден краток осврт на некои од најчитаните написи на Глобал Војсис за 2007 г.

(Банкротирани одгледувачи на мравки протестираат во Шенјанг, слика од „Слободна Кина“)

Неколку врвни написи беа првобитно објавени на нашиот Advocacy веб-сајт за поддршка на слободата на изразување и против цензурата на интернет. Огромната популарност на написите од типот на оној за кинеските фармери или еколошките протести во Ксијамен беа секако поврзани со фактот дека локалните интернет медиуми и блогови беа цензурирани.

Веста не треба да биде „крвава“ за да биде меѓу најчитаните на Глобал Војсис, но тоа сепак има влијание. Написите за погубувањето на Садам Хусеин, убиството за задржување на честа во Јужен Курдистан и неонацистичкиот видеозапис од егзекуција во Русија имаа голема посетеност.

Сексот и скандалите исто така секогаш привлекуваат голем број на читатели (можеби ни е потребен уредник за секс рубрика?). Меѓу најскандалозните приказни во 2007 беа движењата на еден американски хип-хоп уметник во Тринидад, полигамниот свештеник од Индонезија, сексуалното изразување во Хонг Конг, и најновиот скандал – неверствата на еден кинески телевизиски водител.

Глобал Војсис во 2008

Бројот на читатели кои секојдневно го посетуваат Глобал Војсис се удвои од почетокот на 2007 г., и што е прилично невообичаено за еден веб-сајт на англиски јазик, Кина е земјата од која имаме најмногу читатели веднаш зад САД.

Во 2008, очекуваме да привлечеме уште повеќе читатели од земји во кои не се говори англиски јазик со помош на нашите одлични преведувачи од проектот Лингва кои го преведуваат Глобал Војсис на повеќе јазици, вклучувајќи арапски, бангла, и малтешки. Тие станаа една од најголемите заедници на волонтери на интернет.

Меѓународните медиуми прашуваат за светските блогери како никогаш досега. Авторите и уредниците на Глобал Војсис ги интервјуираат и цитираат речиси секоја недела во весниците, списанијата, радиото и телевизијата на теми поврзани со граѓанските медиуми и политиката. Голем број на медиуми на интернет поставија линкови до нашите нови специјални страници со пренос во живо од внимателно избрани блогови.

Конечно, регионалните и јазични уредници на Глобал Војсис ќе допрат до многу повеќе блогери во земји кои што не ги покриваме во моментот, со што ќе ги поканат да и се придружат на нашата мрежа од повеќе од 100 автори волонтери (пратете им имејл доколку сметате дека вие треба да бидете меѓу нив!). Бројот на написи напишани од нашите автори се зголеми за 20 проценти во периодот од октомври до јануари минатата година.

Нови проекти на видик

Нашата иницијатива Rising Voices тукушто додели микро грантови за пет нови проекти за блогирање во Јамајка, Кенија, Иран, Мадагаскар и Уругвај, по успехот постигнат во првиот круг на доделување на грантови во Бангладеш, Боливија, Колумбија, Индија и Сиера Леоне.

Со поддршка од Ројтерс, Глобал Војсис назначи уредник за теми од областа на екологијата, Џулијана Ротич, и нов уредник за видеозаписи, Џулијана Ринкон Пара (името Џулијана не беше критериум за добивање на работно место). Овие уредници ќе ја прошират нашата покриеност во овие области на светско ниво.

Глобал Војсис исто така ќе биде партнер на Ројтерс во проект во кој се известува за ставовите на глобалната блогосфера за претседателските избори во САД.

Ова се само неколку од возбудливите иницијативи кои произлегоа од заедницата на Глобал Војсис во 2008. Среќна Нова Година на сите наши читатели, блогери, преведувачи, иноватори и поддржувачи.

Започни ја конверзацијата

Автори, ве молиме Најава »

Насоки

  • Сите коментари се модерирани. Не го поставувајте вашиот коментар повеќе од еднаш, бидејќи може да биде идентификуван како спам.
  • Ве молиме однесувајте се кон другите со почит. Коментарите кои содржат омраза, непристојност и лични напади нема да бидат одобрени.